Молитва на Папата за оние кои овие денови плачат

Молитва на Папата за оние кои овие денови плачат

На светата Литургија во домот Света Марта, папата Фрањо се молеше за оние кои трпат во овој тажен момент. Во проповедта во недела 29 март 2020 година, потсети дека и Исус плачел. Многу луѓе денес плачат и да ја бараме милоста да знаеме како да плачеме со нив, како што тоа го прави Господ. Денес за сите нас е недела на солзите.

Папата Фрањо на Петтата недела на Великиот пост, предводејќи го литургиското славење во домот Света Марта се молеше за сите кои се тажни и кои плачат, односно за луѓето кои се наоѓаат во изолација, во карантин, за осамените стари лица, оние кои се наоѓаат во болниците на лекување, за родителите, бидејќи гледаат дека немаат плата, гледаат дека нема да бидат во можност да ги прехранат своите деца. Многу луѓе плачат. И ние во своето срце да ги следиме. Нема да ни наштети ако малку заплачеме како што Господ плаче за целиот свој народ – рече Светиот Отец.

Коментирајќи го денешното литургиско читање од Евангелието според Иван (Ив 11, 1-45) кое зборува за воскресението на Лазар, Папата истакна дека Исус имал пријатели. Ги сакал сите, но имал и пријатели спрема кои негувал посебен однос, како што тоа инаку е со пријателите, со повеќе љубов и близина – рече и напомена дека Исус многу пати навраќал кај Лазар, Марта и Марија и чувствувал болка заради болеста и смртта на својот пријател. Пристигнувајќи до гробот длабоко е трогнат и многу потресен прашува: „Каде сте го положиле?“ (Иван 11,34)

Исус, Бог, но и човек просолзува – рече Светиот Отец и додава: Уште еднаш во Евангелието се спомнува дека Исус плачел, кога плачел над Ерусалим. Со колку нежност Исус плаче! Плаче од срце, од љубов, плаче со своите кои плачат. Можеби заплакал и некој друг пат во животот не знаеме, сигурно во Маслиновата градина; но Исус секогаш плаче од љубов.

Бил длабоко трогнат и многу потресен и заплакал. Колку пати во Евангелието сме слушнале за Исусовата трогнатост со онаа реченица која се повторува: „Виде и се сожали.“ Исус не може да ги гледа луѓето и да не чувствува сочувство. Неговите очи се – очи на срцето; Исус гледа со очите, но со срцето и способен е да плаче – истакна Папата и поттикна: Денес пред светот кој толку страда, пред бројните луѓе кои страдаат заради последиците од оваа пандемија, се прашувам: Дали сум во состојба да заплачам како што тоа сигурно би го направил Исус и како што тоа Исус сега го прави?

Наликува ли моето срце на Исусовото – се прашува Светиот Отец и додаде: И ако е премногу тврдо, дури и ако сум во состојба да зборувам, да правам добро, да помогнам, но во тоа не влегува во срцето, не сум во состојба да заплачам. Да Го молиме Гопод за таа милост: Господи, дај да заплачам со тебе, со Твојот народ кој во овој момент трпи. Многумина денес плачат, а ние од овој олтар од оваа Исусова жртва, кој не се срамел да плаче, да молиме за милоста за солза, на сите нас денес да ни биде недела на солзите – рече на крајот папата Фрањо. Литургиското славење во домот Света Марта заврши со Обожавање и евхаристиски благослов и со повик на духовна причест: „Мој Исусе верувам дека реално си присутен во Пресветата олтарска Тајна. Те сакам над сè и те сакам во својата душа. Бидејќи сега не можам светотаински да Те примам, барем духовно дојди во моето срце. Бидејќи веќе пристигна, Те прегрнувам и се обединувам со Тебе. Не дозволувај никогаш да се одвојам од Тебе.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот