Младите од Македонија на поклонение во Паљурци
Во сабота 24 септември 2016 година млади од Апостолскиот егзархат и Скопска бискупија присуствуваа на еднодневно поклонение во Паљурци. На поклонението учество зеде и монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија.
Поклонението започна со посета на Паљурци, црквата и искачување до Чуката, местото каде што се наоѓала манастирската црква на сестрите Евхаристински. Таму младите заедно со епископот Стојанов, свештениците и сестри Евхаристинки молеа света Бројаница, а потоа младите од парохијата „Свети пророк Илија“ одржаа презентација за историската важност на Паљурци за Црквата во Македонија.
Побожноста на младите продолжи со Молебен до Пресвета Богородица на темелите на црквата Свети Павле во Паљурци, кој го предводеше Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, а на него покрај младите присуствуваше и градоначалничката на општина Богданци г-ца Анастасија Олумчева, како и бројни верници од повеќе парохии од Македонија.
По Молебенот младите упатија Повик за Паљурци, а потоа во амфитеатарот одржаа духовна програма, пропратена со духовна музика. Програмата ја водеше о. д-р Зоран И. Стојанов, а на неа младите ги споделија искуствата од Светскиот ден на млади во Краков,Полска.
Паљурци е поранешно населено место и духовен центар на Католичката црква во Македонија. Епископот Шанов во 1908 година во Паљурци го посветува македонскиот народ на Пресвета Богородица Утешителка. Темелите на манастирската црква на сестрите Евхаристинки, како и некои други рушевини говорат за некогашниот живот во Паљурци. Во овој духовен центар бил развиен богат духовен живот. Во него сестрите Евхаристинки изградиле свој манастир, селска црква, сиротопиталиште, училишта… Не случајно Католичката црква го купува токму овој имот, бидејќи според преданието во Паљурци престојувал и свети апостол Павле, од каде што и месноста го добива своето име.
к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк