Македонски Каритас прослави 25 години од своето постоење

Македонски Каритас прослави 25 години од своето постоење

На 26 ноември 2016 година во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ со свечена академија беше прославена 25 годишнината од постоењето на Македонски Каритас. На академијата беа присутни: Н.Е. монс. Анселмо Гвидо Пекорари, Апостолски нунциј во Република Македонија, Н.Е. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија и Претседател на Македонски Каритас, монс. Антун Циримотиќ, директор на Македонски Каритас, претставници на Каритас Интернационалис и на Каритас Европа, директорот на Каритас Босна и Херцеговина монс. Томо Кнежевиќ, директорот на Каритас Бугарија Емануил Паташев, директорот на Каритас Косово дон Виктор Сопи, директорот на Бискупскиот Каритас Бања Лука монс. д-р Миљенко Аничиќ, како и претставници на Каритас Италија, Каритас Белорусија, Каритас Есен – Германија и претставник на ЈРС. Исто така присутни беа и членови на дипломатскиот хор, претставници на поедини организации, добротвори и пријатели на Каритас.

На почетокот поздравен говор и добредојде упати Н.Е. монс. д-р Киро Стојанов, Сскопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија и воедно Претседател на Македонски Каритас, кој меѓу другото рече: Денес благодариме на Бога и на сите луѓе кои што се идентификуваа во своето служење со милостивиот Самарјанин и кој знае колку пати низ овие 25 години се наведнаа над потребните, ги подигнаа и им помогнаа за нивното оздравување. Да, тоа е силата на Каритас со која дејствува, токму таа е евангелската сила со која Исус Христос нѐ оспособува да бидеме Негови препознатливи ученици кои не само навестуваат туку искажуваат и љубов“. Понатаму бискупот Стојанов истакна: „што да кажам за персоналот на Каритас заедно со неуморниот наш директор, монс. Антун Циримотиќ, одошто едно големо благодарам, што низ овие 25 години работевте според евангелската логика: „да не знае твојата лева рака што прави десната“ (Мт 6,3). Благодарам, на посебен начин, на оние кои со своите дарови овозможија дејствување на овој наш Национален Македонски Каритас. Не помала благодарност и до оние кои со својата молитва и поддршка го охрабруваа оваа големо дело на љубовта“.

После песната „Ubi Caritas” во изведба на катедралниот хор на присутните им се обрати директорот на Македонски Каритас монс. Антун Циримотиќ, кој се осврна за работата на Македонски Каритас, наведувајќи ги најважните проекти во 25 годишното делување. Исто така изрази благодарност до сите донатори без кои посланието на Македонски Каритас не би било можно.

Осврт во врска со мигрантската криза и одговорот на Македонски Каритас даде соработничката на Каритас Долорес Полето. Свое лично искуство работејќи за Македонски Каритас даде поранешната соработничка во Каритас Емилија Тоциновска, а како корисник на помош своja благодарност изрази Оливера Живковиќ, мајка на четири деца.

После тоа настапи бендот на  млади „Агапе“ под водство на дон Јошт Мезег со песната „Агапе“.

На крајот од програмата модераторот и соработник на Македонски Каритас Спасе Спасов уште еднаш во име на Македонски Каритас се заблагодари на сите присутни за доаѓањето и подршката на она што Каритас го прави.

к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот