Папата: Преку молитвата епископите нека бидат блиску до Бог

Папата: Преку молитвата епископите нека бидат блиску до Бог

На светата Литургија која ја служеше во домот Света Марта на 20 септември 2019 година, Папата побара да се моли за свештениците и епископите, поттикнувајќи ги на четири облици на „близина.“

Нека епископите бидат со молитвата блиску до Бог, до своите свештеници, меѓусебно и конечно до Божјиот народ. Тоа е патот кој папата Фрањо денес го поттикна во проповедта на светата Литургија во домот света Марта. Своето размислување го фокусираше на читањата од денешната Литургија која зборува за советите на апостол Павле во младиот епископ Тимотеј.

Вчера во центарот на тие совети беше поттикот да не се занемари свештеничката служба како дар – рече Папата и истакна: Денес во центарот се парите, па и трачевите, озборувањето и глупавите расправи; сѐ што го ослабува животот на свештеничкото служење. Кога службата, дали свештеничка, ѓаконска или епископска е наврзана на парите е поврзана со коренот на сите зла. Похотта за пари е коренот на сите зла. Ѓаволот влегува низ џебовите.

Осврнувајќи се на советите на апостолот Павле до Тимотеј и до сите свештеници службеници, Светиот Отец напомена за да се биде блиску до другите, повикани се не само епископите, туку и свештениците и ѓаконите. Наведе четири „близини“. Пред сѐ епископот е човек на Божјата близина – рече Папата и потсети: Кога апостолите за подобро да им служат на вдовиците и сираците поставиле ѓакони да им служат, Петар тоа го протолкувал напоменувајќи дека на нив апостолите должност им е молитвата и навестувањето на Божјото Слово.

Па, првата задача на епископот е молитвата од каде што произлегува силата; молитвата ја буди свеста за тој дар кој не смееме да го занемариме, затоа што тоа е свештеничко служење – рече папата Фрањо и продолжи: Втората „близина“ на која епископот е повикан е близината кон своите свештеници и ѓаконите и кон соработниците кои се неговите најблиски ближни. Мора најпрво да ги љубите најближните кои се вашите свештеници и ѓаконите. Тажно е кога епископот заборава на своите свештеници. Тажно е да се слушнат свештениците кои се жалат и велат: „Му се јавив на епископот, барајќи разговор, а од секретаријатот ми одговорија дека веќе три месеци однапред сите термини се зафатени.“

Епископот кој е блиску до свештениците, ако види дека свештеникот му се јавил денес, најдоцна утре мора да му врати на повикот затоа што има право да знае дека има татко – рече Светиот Отец и нагласи: Потребно е да се биде блиску до свештениците. Свештениците мора да ја живеат меѓусебната близина, а не поделбата. Ѓаволот влегува меѓу нив за да ги подели. Имено, така се создаваат групи кои се делат според идеологии и симпатии. Третата „близина“ е близината на свештениците меѓусебно, додека четвртата „близина“ е близината до Божјиот народ.

Свети Павле исто така го советува Тимотеј да не ја заборави својата мајка и баба односно да не заборави од каде дошол и од каде Господ го земал – рече папата Фрањо и предупреди: Не смее да го заборави својот народ и своите корени. Како епископ и свештеник треба да биде блиску до Божјиот народ. Кога епископот се одвојува од Божјиот народ завршува во атмосфера на идеологија која нема ништо со свештеничкото служење. Повеќе не е ниту служител, ниту слуга. Заборавил на бесплатниот дар кој му е даруван.

Не ги заборавајте тие „четири близини“ вклучувајќи го она епископското и свештеничкото заедништво: близината до Бог преку молитвата; близината на епископот до свештениците и свештеникот до епископот; близината на свештениците меѓусебно и епископите меѓусебно и близината до Божјиот народ. Молете се епископите и свештениците за да ги имате тие „близини“; молете се за своите водачи, односно за оние кои вас ве водат на патот на спасението; молете за сите нив и за Папата како епископ, за да знаеме да го чуваме дарот кој ни даруван со таа „близина“, а не да го занемариме – заврши Светиот Отец.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот