Чувствувам голема и искрена љубов кон браќата свештеници, Христови соработници на земјата, затоа што нивната посветена служба е незаменлива во Божјиот план за спасение за човекот. Но, ние, лаиците, кои сме во брачен сталеж, не сме помалку одговорни во овој свет. Со Свештеничкото ракополагање, целосно сме еднакви во достоинството, одговорноста и постапувањето доколку сме членови на Божјиот народ. Имаме различни патишта, но и иста света цел! Ние сме заедница, делови на мистичното Тело Христово, ние сме исто така и домашна Црква (Ecclesia domestica), повикани и откупени! Заедно со нашите семејства сочинуваме вистинска домашна црква, како што тоа го потенцира Вториот ватикански собор (Поглавје Лумен Гентиум, 11: ААС 57 (1965) 16).
„Отворете го срцето кон Христа, неговиот закон за љубов, не ја условувајте вашата достапност, не плашете се од конечни одлуки, затоа што љубовта и пријателството немаат крај“.
– Свети Иван Павле Втори
Сите крстени членови на Црквата го имаат својот неизбежен апостолат:
- свештенички (брачен, семеен, деловен живот, итн. во христијанскиот дух),
- пророчки (евангелизација преку сведоштво со животот и зборот) и
- кралскиот (надминување на сите тешкотии и гревови, со што се постигнува слобода во која владее лаикот со самиот себе во името на Господ).
Мажи, љубете со зборови и дела, не дозволувајте љубовта да остане во вашите мисли
Ретко, за жал, се чувствувам токму кралски. Честопати си дозволувам да бидам измамен од финансиски проблеми, здодевност, неприкладни фантазии, можеби повремено со ладни чувства кон мојата сопруга… Сепак, Господ упорно ме повикува и овој повик секогаш ме буди повторно и повторно. Тогаш, почнувам да мислам дека тоа не е доволно! Динамиката на ефектот бара координирана секвенца: мисли → зборови → акции. После мислата, морам да го изговорам зборот како прва промена кон динамиката на ефектот, а потоа да извршам добро дело што ја материјализира претходната мисла и збор. Не е доволно да помислам да и дадам букет со миризливи рози како благодарност што ги носи 4-те агли од нашата куќа. Треба да го кажам тој збор на цвеќарката, а потоа, со насмевка, да го подарам букетот. И, ете, реализација на првичната мисла. Сопругата не може да ја види мојата благодарност, но таа може да ја доживее со нежноста и мирисот на ливчињата од роза.
Затоа, морам да ги изострам моите духовни очила за да видам над хоризонтот што ме спречува со приврзаноста кон материјалните реалности. Најважната работа на овој пат е да бидеш зајакнат со светите тајни, особено со обилно користење на светата тајна Исповед, односно помирувањето и светата Причест како влезници за благодатта Божја, како меч и штит директно дадени на човекот за животната битка.
Мажот и жената во брак се слика на Христа и на Црквата
Набљудувањето на сопствениот брак во светлина на светоста на библиската објава и притоа обидувајќи се да бидам потполно искрен со себе, е фрустрирачки затоа што сум грешен и слаб човек. Светото Писмо започнува со сликата на создавање на светот и на крај: човекот по своја слика и прилика како круна на создавањето – машко и женско ги создаде. Писмото вели дека „Затоа ќе го остави човекот таткото свој и мајката своја и ќе се прилепи кон жената своја; и обата ќе бидат едно тело. “ (Битие 2,24). Библијата завршува со слика за венчавката на Јагнето во книгата Откровение (Откровение 19,9). Значи, од почетокот до крајот на Библијата, читаме за светата тајна, неразрешивоста и тајната на љубовта на Создателот за човекот, спасението како и бракот на мажот и жената, кој е копија на таа љубов.
Доколку светотаинскиот брак и љубовта кон сопружникот се слики на љубовта на Создателот кон човекот, слика на единството на Христа и Црквата, тогаш морам да бидам свесен дека со мојот живот, добрина, вистина, љубов и заедништво како и креативна динамичност која по својата света природа е насочена кон раѓање и воспитување на децата, можам да сведочам или да го занемарам Христа, да привлечам луѓе кон Создателот или да ги одвратам од Него, заради своите гревови.
„Почнувајќи од Назарет, куќата и семејството се откриваат како Црква, нагласувајќи ја свештеничката одговорност на таткото во семејството. Во „паганската“ Галилеја, Исус пораснал како Евреин, без училиште учејќи го Светото Писмо во куќа каде што зборот Божји го имал својот дом “. – Бенедикт Шеснаесетти
Понекогаш се чувствувам глупаво затоа што морам постојано, од почеток, да се потсетувам на важноста на фактот дека секој ден треба да се насочувам кон патеките на Доброто, а од утрото до вечерта паѓам на тестот за несебичност. Затоа што ако сме едно тело, тогаш треба да го третираме другиот како свое тело. А, како се однесувам кон мојот сопружник? Дали простувам, дали го носам товарот, дали сакам со нежна и плодна љубов? Дали го давам својот живот?
Мажи, сакајте верно и во верноста ќе го најдете значењето
Долго време во мојот брак, се борев со фактот за минливоста на чувствата на заљубеност. Во слепилото на моето срце се прашував каде исчезна таа прва љубов, зошто деновите се тешки и дали некогаш ќе се врати чувствителноста? Колку бев наивен! Во љубовта кон брачниот другар, што е на некој мистериозен начин слика на љубовта кон Бога, не се важни моменталните измамнички чувства, туку делата и волјата да се издржи напорот и предавањето. Да сестави само-дарувањето над себичноста.
На чувствата човек не може да се потпре, затоа што тие често се менуваат, тетерават како хроничен пијаница од ден на ден. Куќата на бракот и верата не може да се гради врз чувства, како ниту на песок, туку мора да се пронајде цврста карпа. Оваа цврста карпа е најголемата доблест на човекот – верноста – сликата на верноста на Создателот кон суштеството, сликата на верноста на Христа и неговата Црква.
Верноста се изразува главно со тоа што ги одржуваме ветувањата. Без верност, соживотот не е можен затоа што тоа е основа на целиот соживот во сигурноста дека нашиот ближен нема да нè изневери. Само во верноста и лојалноста можеме да бидеме сигурни дека нашите лажни чувства нема, измамувајќи нè, да нè одведат низ брдо. На сопствена мака, сфатив дека само кога во љубовта кон човекот и кон Бога исчезнуваат „пеперутките“ во стомакот, она што останува не само што не е помалку важно, туку само тогаш е она вистинското. Тоа што му дава на животот целосна смисла.
Знам дека не можам да стигнам до Небото без неа
Ако сакам мојот живот да биде убав, прво мора да го направам убав на другиот. Несебичноста мора да преовладува во мене, а тоа ми е некако најтешко! Но, кога ќе успеам во тоа некогаш, убавината засјајува изливајќи се од садот на животот, затоа што само во заедница со другиот можам да ја окрепам сопствената душа. Убавината копнее за топлата блискост на сродни суштества, секое ново дождливо и спарно утро, кога е задушно, кога не можам, кога се самосожалувам, кога сум отепан и слаб, се огледува во повторното соочување со мојата кршливост во љубовта. Само се присеќавам и веќе копнежот раѓа радост, исполнета со надеж дека, чекор по чекор, во една заедничка прошетка до вечноста нѐ води да ја исполниме неисцрпната нежност на Создателот.
Не е лесно да се живее, да бидам искрен, понекогаш монотоното брачно секојдневие. Не е лесно да го поминете најголемиот дел од животот врзан за една жена, еден маж. Затоа, секогаш мора да внимавам љубовта, а особено брачната љубов, да не се изгуби некаде на патот помеѓу верата и сомнежот. Но, кога сте со некој едно тело и една душа според заветите од венчавката: „во добро и во зло, во здравје и болест…“, кога нѐ поврзуваат безброј испреплетени нишки на заедништво, радост, тага, страдање… со тоа се посветуваме на вечен живот. И тогаш знам дека без неа не можам да стигнам до Небото. Но, ниту таа не може да го стори тоа без мене. Затоа што кое тело може да се подели, а притоа да остане живо?
Злото трепери пред брачната љубов, а таа е само копија на Божјата љубов
Брачниот соживот на маж и жена е свет. Злото знае дека Бог постои и затоа трепери, но нè заведе во релативност и неверување, нè убеди дека сè е дозволено, дека сè е прифатливо. Ова се лажни немоќи. Така и мојот живот е полн со спротивставувања што сакаат да ме направат несреќен. Ми се спротивставуваат некои луѓе, некои настани, некоја беспомошност и рани, болест, мрзеливост… Затоа одлучувам од денес – јас ќе бидам спротивставеност: спротивставеност на моето зло, на слабостите на телото, похотата, гордоста, мрзеливоста, негрижата, неверството… обидувајќи се да постигнам нови добри навики за новиот добар човек во мене. За сосема нова прекрасна фотографија на дете во албумот на Родители. Бидејќи сè во животот е поврзано, особено двајцата кои се едно по словото Божјо.
Не можам да го сменам светот, државата, семејството, луѓето, па дури ни сопругата. Но, можам јас да се сменам. Сега имам моќ да кажам „не“ на злото и да се свртам кон доброто! Слободен сум да бидам господар, а не роб. Сакајте ја светлината, не треперете во темнината. Кога делот на болниот човек ќе се излекува, целото тело чувствува олеснување и нова сила. Тоа е вистинскиот пат за заздравување и за двајцата.
Крешимир Стјепан Печар/к.мк/Кате М.