Во човечкиот живот постои тема за која луѓето не сакаат да зборуваат, а никој не може да ја избегне. Тоа е темата за смртта. Токму таа тема ни ја нуди денешното евангелие во кое свети евангелист Иван го опишува воскресението на Лазар (Ив 11, 1-45). Таа тема ни го наметнува великопосното време во кое сме повикани да размислиме на најважните компоненти од нашиот живот, ако сакаме до Велигден да стигнеме подготвени, обновени и препородени. Наше е да размислуваме за смртта која на човекот му е верна, иако непосакувана пријателка. Ниту пријателите не се поверни од неа, иако таа ни е непријателка. Насекаде го следи нашиот чекор,и колку и да се обидуваме да се ослободиме од неа, не ни успева. И колку и да се обидуваме да се ослободиме од неа, таа е неразделна сопатничка на нашиот животен пат. Никој не може да ја заобиколи, никој кој би ја избегнал. Секој се соочува со нејзината присутност и се соочува со нејзината моќ. Секој пробал да се бори против неа, но ја признал сопствената немоќ со големо жалење.
Но така било сѐ додека на земјата не дошол Исус, овоплотувајќи се како пријател на човечкиот род, и што неговото пријателство со Лазар недвосмислено го одразува. Тој толку многу ги љубел луѓето, со што сакал да ги обдари со својата божествена сила која ја победува смртта. И така направил, љубовта Божја да им биде поверна и посилна пријателка отколку смртта. И уште повеќе, дојде да го ослободи човекот од овие грди сенки кои упорно го следеле. Токму тоа го изразува овој настан кој што е опишан во Евангелието, кој што светите отци јасно го протолкувале, свесни дека Лазаровото воскреснување е поразлично од воскреснувањето на Јаировата ќерка и воскреснувањето на синот на вдовицата од Наин. Во тој дух Петар Кризолог ќе рече: „Меѓутоа, тоа што се случило со Лазар, сосема е посебен случај. Неговата смрт и неговото воскреснување нема ништо заедничко со наведените случаи. На него смртта ја исполнила сета своја моќ. Враќајќи се од подземниот свет, Лазар на некој начин го навестил таинството на Господовото воскресение. Христос како Господар се вратил после три дена, а Лазар како слуга е повикан после четири дена.“
Така, смртта и воскреснувањето на Лазар биле навестување на идното Исусово воскресение и конечната победа над смртта, но и знак за победата на секој човек над овој ист стар непријател. Затоа потребно е и ние по нашиот великопосен пат да ја ражариме оваа иста свест, бидејќи одејќи по Исус Христос и самите се приближуваме до посакуваниот врв и цел на животот. Овој настан ни влева голема надеж за сопственото откупување кое се случува преку Христовото таинство на моќта над смртта, за која Петар Кризолог исто така ни толкува: „Но на Христос повеќе му е грижа да ја совлада смртта, отколку да ја оддалечи болеста. Неговата љубов не се состоела во тоа да го оздрави љубениот, туку да го врати од подземјето. Затоа на љубениот не му подготвил лек, туку веднаш слава на воскресението. ‘Кога слушнал за неговата болест, остана уште два дена на тоа место’ (Иван 11,6). Видете како на смртта и остава простор за делување, на гробот му дава слобода и на распаѓањето му дозволува да започне. Ништо не го спречува распаѓањето. Подземјето не дозволува да се земе, да се извлече и да го задружува. Со еден збор, постапува така за целосно да ја снема секоја човечка надеж и да настапи сета моќ на овоземската безнадежност. Со тоа станува јасно дека тоа што ќе го направи е божественото дело, а не човечкото.“
Да се придружиме и ние на оваа Христова борба и победа над смртта со вера во неговата семоќност и воскресение и да му бидеме искрени пријатели, при што се создава вистинска смисла на великопосното време. Бидејќи смислата не се состои во самата себе, ниту само во делата на покора и одрекување, туку во пријателството со Господ преку кој ја победуваме непријателката – смртта. Да се сообразиме со Исус Христос со цел и на нас да се манифестира неговата неизмерна љубов кон човекот, како оваа со Лазар. И нашето секојдневно умирање во покората и одрекувањето нека биде само средство за манифестирање на Исусовиот божествен живот кој делува во нас и кој засекогаш ја победува смртта со неговата победа над смртта. И додека за време на Големиот пост се умртвуваме самите себе, да не дозволиме овој Велигденски Пост да биде само надворешна покора и умртвување, туку да биде растење на внатрешниот живот и заедништво со Бога, односно нашата смрт да не биде само умирање, туку во нас да биде победа на животот над смртта, како што било во случајот со Лазар, чија смрт послужила за прославување и победа на Бога. Да ја отвориме вратата на својот живот за Христовата сила и да го прославиме Христос во нашето тело со оваа чудесна победа со која ќе ги раскинеме веригите на смртта, и засекогаш неразделно ќе се поврземе со Христос од чија љубов ништо нема да може да нѐ раздели.
Вера и Дела/З.А.