Објавени се размислувањата за Крстниот пат што ќе се одржи на Велики Петок во Римскиот Колосеум. Петнаесет семејства ги понудија своите перспективи за неволјите во животот и ужасите на војната.
Неизвесност, потреби, рани, но и храброст, простување, молитви и надеж. Овие теми се поврзани со животот на секое семејство ширум светот, што стана основа за размислување за Крстниот пат, кој ќе го предводи папата Фрањо вечерта на Велики Петок во Римскиот Колосеум.
Семејствата се поврзани со католичките волонтерски здруженија и заедници и им е доверено составувањето на молитвите и медитациите во годината на семејството Amoris laetitia.
Развој на семејниот живот
Редоследот на размислувањата делумно го одразува развојот на семејниот живот – од финансиските тешкотии на младите парови, до искушенијата на родителството и болката од загубата до исклучително тешки ситуации како што е војната.
Медитацијата на првата постојка од Крстниот пат ја состави една млада двојка, во која размислува за тешкотиите како што се распадот на бракот на нивните пријатели, нивната љубов која сè уште не го поминала испитот, нивната борба да врзат крај со крај. Бракот, велат тие, не е само романтична авантура; тој е и Гетсиманија; анксиозноста што ја чувствуваме пред да го прекришиме нашето тело за другиот.
Потоа, едно мисионерско семејство ги споделува своите тешкотии за доверба во Божјата промисла. Тие се сведоци на ужасите на војната и на искушението да се свртат кон насилство како одговор. Сепак, секојдневно се борат да се спротивстават на искушението да го предадат Христос во неговите браќа и сестри.
Љубов со и без деца
Постар брачен пар без деца размислува за третата постојка, истакнувајќи дека честопати доживеале осуда од други поради неплодноста. Љубовта, додаваат тие, го исполнува нивното семејство додека одат држејќи се за рака.
Семејството со многу деца, исто така, нуди своја перспектива и наведува дека личните проекти и цели во кариерата често отстапуваат место на семејните обврски. И покрај грижите и многу напорните денови, велат, никогаш не би помислиле да се вратат назад.
Осуда и болест
Друг пар, родители на дете со попреченост, велат дека го осудиле своето дете уште пред да се роди, бидејќи лекарите им рекле дека ќе им биде терет на нив и на општеството – „распнете го“. Но, тоа не направи ништо лошо и неговите родители го избраа животот.
Семејство кое го отвори својот дом за другите истакнува дека болката има моќ да не промени и да не потсети на едноставноста на човечкото достоинство.
Сопругот на чија сопруга и е дијагностицирана тешка болест размислува за седмата постојка. Неочекуваната болест, вели тој, ги ставила него и неговата сопруга на крстот, но тоа станало и темел на нивното семејство.
Неуспех, напуштање, загуба
Баба и дедо, чија ќерка живее со нив со нивните пет внуци по неуспешниот брак, ја споредуваат нивната животна ситуација со онаа на Симон Киринеец. Нашите чекори се забавуваат и навечер, откако сме се смееле, се затекнуваме како плачеме од сочувство, пишуваат тие.
Пар кој посвои две деца истакнува дека посвојувањето секогаш е резултат на напуштање на детето и дека таквата ситуација остава рана која засекогаш ќе крвари. Но, тој крст, дури и да е болен, крие тајна среќа, сведочат тие.
Мајка вдовица со две деца ја споделува својата болка размислувајќи за десеттата постојка и гласно се прашува зошто Исус, ако е Син Божји, не го спасил нејзиниот сопруг. Сепак, забележува таа, љубовта станува вистинска, бидејќи дури и во провалијата и непријатностите не се напуштени.
Сведочат и родители чиј син е личност со посветен живот, кои го споделуваат своето неверување и тешкотии во прифаќањето на звањето на нивниот син, признавајќи дека не го оставиле на неговиот избор. Иако нивниот став е променет, тие сѐ уште бараат од Исус да се сети на нив кога ќе дојде во своето Царство.
Марија го гледала својот Син распнат на крстот, а друга мајка стоела во тишина додека нејзината ќерка, а потоа и нејзиниот сопруг, умреле на млада возраст. Таа мајка ја споделува болката од гледањето како се менува нејзиното семејство и се сеќава на зборовите кои единствено ѝ дадоа сила: Бог не ги повикува оние што се силни, туку ги зајакнува оние што ги повикува.
Уништување од војната
Размислувањето за тринаесеттата постојка го напишаа семејства кои, од гледна точка на актуелните политички настани, не би требало да имаат никаква врска едни со други. Едното семејство е од Украина, а другото од Русија. Сепак, заедно напишаа размислување за болката на смртта и уништувањето, како животот изгледа дека ја губи својата смисла, а омразата го отстапува местото на безнадежноста и тишината. Тие заедно го носат Христовиот крст до постојката што ја означува Неговата смрт. Се будиме наутро и се чувствуваме среќни неколку моменти, но потоа одеднаш размислуваме колку ќе биде тешко да се помириме со сето ова. Господи, каде си? Ни зборува во тишината на смртта и поделбите и нѐ учи да бидеме миротворци, браќа и сестри и да го обновиме она што бомбите се обидоа да го уништат, пишуваат тие.
Мигранти со надеж
Семејство, кое морало да побегне поради војната, напиша размислување за четиринаесеттата, последната постојка од Крстниот пат. Дома биле важни; сега се само бројки и категории. Дури и да се биде католик се чини дека го зазема второто место во споредба со тоа што е мигрант, и тие умираат секој ден за да им дадат шанса на своите деца да живеат без бомби, крв и прогонство. Ако не се откажеме, тоа е затоа што знаеме дека еден ден ќе биде тргнат големиот камен на влезот од гробницата, сведочат тие.
Ватикан њуз/к.мк