Кралот Чарлс присуствуваше на екуменската молитвена служба во Систинската капела

Кралот Чарлс присуствуваше на екуменската молитвена служба во Систинската капела

Кралот Чарлс III и кралицата Камила му се придружија на папата Лав XIV во Систинската капела на пладневната молитва како дел од нивната официјална државна посета на Ватикан – означувајќи историски момент во англиканско-католичките односи.

По состанокот во Апостолската палата утрото во четврток 23 октомври 2025 година, папата Лав XIV, кралот Чарлс III и кралицата Камила од Велика Британија присуствуваа на екуменска молитвена служба во Систинската капела. Ним им се придружи и преподобниот Стивен Котрел, 98-миот надбискуп на Јорк и поглавар на Англија – вториот најстар епископ во Англиканската црква.

Папата и надбискупот ја предводеа пладневна молитва која се состоеше од псалми и читање на Евангелието. Капелата со фрески од Микеланџело беше исполнета со голем број екуменски гости, вклучувајќи го надбискупот од Вестминстер и претседател на Конференцијата на католички бискупи на Англија и Велс, кардиналот Винсент Николс, и надбискупот од Сент Андреј и Единбург, Лео Кушли, кој ја претставуваше шкотскиот епископат.

Историска посета

Оваа посета означи историски момент во англиканско-католичките односи – момент што не се случил во последните 500 години. Две теми го одбележаа овој настан: христијанското единство и грижата за животната средина.

Првично закажана за април, посетата беше откажана поради лошата здравствена состојба на папата Фрањо. Една од нејзините цели беше да се истакне заедничката посветеност на кралот Чарлс и аргентинскиот Папа за грижата за создаденото – десет години по објавувањето на енцикликата Laudato si’.

Покрај тоа, екуменската молитвена служба, одржана на латински и англиски јазик, се темелеше на добрите односи меѓу Ватикан и Обединетото Кралство. Таа, исто така, исполни желба на кралот Чарлс, кој, како врховен поглавар на Англиканската црква, долго време е посветен на меѓуверскиот ангажман.

Мост меѓу две вери

Од воведната химна на молитвената служба, темата за христијанско единство и екуменизам беше очигледна. Оригиналниот текст е напишан од Свети Амврозиј Милански, учител на Црквата. Го превел Свети Џон Хенри Њуман, кој бил англиканец половина од својот живот пред да премине во Католичката црква.

Кралот Чарлс присуствуваше на церемонијата на канонизација на англискиот теолог во 2019 година. Свети Џон Хенри Њуман треба да биде прогласен за учител на Црквата на 1 ноември од страна на папата Лав.

Продолжувајќи ја оваа атмосфера на заедништво, капелата беше исполнета со гласовите на хорот „Свет Ѓорѓи“ од замокот Виндзор и на Детскиот кралски хор „Свети Јаков“ – и двата поканети од кралот Чарлс и кралицата Камила – заедно со хорот на Сикстинската капела. Трите групи ја пееја и химната и псалмите од пладневната молитва.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот