Кој стил на родителство е најдобар?

Кој стил на родителство е најдобар?

Како нашиот стил на родителство – вклучувајќи го и нашето практикување на авторитет, но и на љубов – влијае на развојот на карактерот и способноста на нашите деца?

Студиите покажуваат дека авторитетот и љубовта се подеднакво важни.

Во раните 1960-ти, кога Америка беше на работ на социјални превирања што ќе предизвикаат авторитет на сите нивоа, психологот Дијана Баумринд од Универзитетот во Калифорнија, Беркли започна со долготрајна студија за да најде одговор на прашањето што е и денес сè уште релевантно: Како нашиот стил на родителство – вклучувајќи го и нашето практикување на авторитет, но и на љубов – влијае на развојот на карактерот и способноста на нашите деца?

Повеќе од стотина родители и нивните деца учествуваа во студијата. Кога децата биле во градинка, основно и средно училиште, истражувачите минале 50 часа во набљудување на интеракциите родител-дете дома и во лабораторија во секое семејство и интервјуирање на родителите за овие интеракции. Покрај тоа, истражувачкиот тим ги набљудуваше интеракциите на секое дете со врсниците во училиште. На крајот, тие го интервјуираа секое дете одделно во основно и средно училиште.

Врз основа на ова истражување, Дијана Баумринд беше во можност да идентификува четири стилови на родителство. Секој стил се дефинираше според тоа колку родителите практикувале „барањa“ и „реакција“. „Барањaта“ се однесуваа на начинот на кој родителите го користеа својот авторитет – како тие ги следат активностите на нивните деца, како покажуваат контрола и ја мотивираат послушноста со очекуваното однесување. „Реакцијата“ се однесуваше на начинот на кој родителите ја изразуваа љубовта – како реагираа на потребите и желбите на детето и како тие му помогнаа на своето дете да ги исполни родителските очекувања.

Какви деца излегоа

Како се вклопи секој од четирите стилови на родителство – или не успеа да се вклопи, и како испаднаа децата воспитани со тие различни стилови?

  1. Исклучените родители немале барања, ниту реакција

Нивниот став беше таков што не сакаа да се мачат со одговорностите кои ги носи одгледувањето на децата. Некои беа оддалечени и безгрижни, а некои ладни, одбивајќи ги децата.

Резултат:

Децата на исклучените родители имале најлоши резултати. Повеќето од нив беа неуспешни на училиште и имаа проблеми во односите со врсниците. Во адолесценцијата тие имаа најниски оценки меѓу сите млади во студијата и највисоки нивоа на вознемиреност, депресија и злоупотреба на дрога.

  1. Попустливите родители реагирале, но немале барања

Овие родители поставувале малку правила, честопати им попуштале на своите деца и кога се обидувале да ја мотивираат послушноста, тие често користеле манипулативни методи, како што е подмитливост или ускратување на љубов. Од децата не било барано да бидат одговорни или да ги почитуваат потребите на другите. Овие родители избегнуваа конфликти и претпочитаа децата нив да ги гледаат како пријатели, а не како авторитет.

Резултат:

Децата на попустливи родители обично имаа лоша самоконтрола, малку се грижеа за другите и беа слабо мотивирани за достигнувања. Како тинејџери, почесто користеле дрога отколку децата чии родители поставувале повеќе барања.

  1. Авторитарните родители бараа, но не реагираа

Им недостасуваше топлина, беа многу критични и ретко ги фалеа позитивните достигнувања или дела на нивните деца. Тие детално ги управуваа активностите на своите деца и тие инсистираа на сообразност со желбите на родителите на арбитрарни и строги начини што не беа поврзани со интересите, способностите или потребите на детето. Тие не се обидоа да ги соопштат причините за нивните заповеди и барања, туку се потпираа на закани и казни за да ја мотивираат послушноста. Последиците за непослушноста беа остри, а понекогаш и непредвидливи.

Резултат:

Децата израснати на овој начин ги сметаа своите родители како непредвидливи и недостапни. Овие деца немаа самодоверба и беа склони кон вознемиреност, депресија и попуштање на врсничкиот притисок.

  1. Авторитетните родители повеќе бараа, и реагираа – имаа големи очекувања и даваа голема поддршка

Тие беа топли и грижливи, ја поттикнуваа индивидуалноста и независноста според возраста, но и ја ценеа послушноста кон барањата на возрасните. Тие знаеја каде се нивните деца и што прават. Тие го пофалуваа позитивното однесување, даваа рационални објаснувања за нивните правила и очекувања и ги слушаа мислењата на нивните деца. Се вклучуваа во дискусиите и договорите, но не ги засноваа своите одлуки врз желбите на децата. Последиците од лошо однесување биле логички поврзани со делата на детето.

Резултат:

Децата на авторитетните родители покажаа највисоки нивоа на самодоверба, почит кон другите, самоконтрола и достигнувања на училиште.

Потврда по десетгодишна студија на 20 илјади семејства

Супериорноста на авторитетното родителство, со неговото балансирано вклопување меѓу барањата и реакциите, во голема мерка е потврдена по десетгодишна студија на психологот Лоренс Штајнберг од Универзитетот Темпл, која се фокусираше само на тинејџерските години. Студијата на Дијана Баумринд истражуваше стотина семејства, а во студијата на Штајнберг биле истражувани  20.000 семејства од девет различни заедници од Соединетите држави.

За илустрација како четирите стилови на родители се однесуваат во адолесценцијата на нивните деца, погледнете како секој стил би пристапил кон вообичаеното сценарио меѓу родителот и детето: вашиот тинејџер се вратил дома доцна, подоцна отколку што е договорено.

  • Авторитарниот родител би изрекол казна со многу мала или без никаква расправија. Акцентот ќе биде ставен на почитување на правилата, и точка.
  • Попустливиот родител може да биде незадоволен од доцнењето, но ќе го избегне конфликтот заради тоа.
  • Исклучените родители веројатно воопшто не би одредиле време за враќање, и ако го сторат тоа, не би се грижеле за доцнењето.
  • Авторитетните родители сериозно би го доживеале доцнењето. Тие би дознале зошто детето задоцнило, би разговарале за оправданоста на причината и ќе му помогнат на својот тинејџер да согледа зошто секоја одговорна личност, без разлика на причината, би се јавила (или ќе испрати порака) да им каже на родителите дека сè е во ред, но дека ќе задоцни.

Акцентот кај авторитетниот родител би бил на тинејџерот да ги согледа нешта од родителска перспектива и да се посвети на поодговорно однесување во иднина. Доколку се повтори проблемот со доцнењето, би се дискутирало за праведни последици што би ја мотивирале идната послушност.

Ако сакате да го зголемите вашиот придонес во развојот на карактерот и способностите на вашето дете, поврзете ги барањата (суштински израз на вашиот авторитет) и реакциите (суштински израз на вашата љубов).

Во студијата на Штајнберг, како и во Дијана Баумринд, тинејџерите од авторитативни семејства биле најдобри во сите категории. Тие имаа најголема самодоверба, било најмалку  веројатно дека ќе користат дрога или алкохол, и било најмалку веројатно дека би имале проблеми со анксиозност или депресија. Тие вложуваа најмногу време во нивното учење и тие добиваа најдобри оценки.

Главниот заклучок од двете студии?

Ако сакате да го зголемите вашиот придонес во развојот на карактерот и способностите на вашето дете, поврзете ги барањата (суштински израз на вашиот авторитет) и реакциите (суштински израз на вашата љубов). Овој балансиран, авторитативен стил на родителство ги комбинира следниве важни елементи:

  • самоуверен авторитет, кој поставува големи очекувања, во согласност со возраста на детето
  • високо ниво на топлина и поддршка, што им помага на децата да ги исполнат овие очекувања
  • рационално објаснување на родителските правила и барања
  • вреднување на послушност и независност според возраста на детето
  • чесна и разумна дисциплина, во која децата се одговорни според очекувањата, со акцент на развојот на одговорност
  • подготвеноста на родителите да се вклучат во дискусија во која децата се сослушуваат и родителите ја донесуваат конечната одлука
  • третирајќи ги децата како индивидуи кои имаат потреби и чувства кои заслужуваат почит.

Битно нет/Томас Ликона/Превод Кате М.

Категорија: Вера, Семејство

За авторот