Корона вирус: Да се доверуваме на верата и молитвата или на разумот и науката?

Корона вирус: Да се доверуваме на верата и молитвата или на разумот и науката?

Може ли верник да се зарази со корона вирус преку благословена вода или преку светата Причест? Зошто Црквата на некои места го суспендираше јавното славење на светите Литургии? Треба ли да одам на света Литургија и против разумот? Што е со теориите на заговор?

Поттикнат од коментарите и прашањата на голем број верници за насоките кои Црквата во светот ги донесе по повод појавата на корона вирусот, еве некои објаснувања за примерно однесување на верниците католици во време на пандемија и криза.

1.За воопшто да можеме да размислуваме на оваа тема важно е да станеме свесни на кои принципи почива нашето размислувње и на кои принципи би требало да почива. Со други зборови кои католички догми можат да ни помогнат во размислувањето за наведените проблеми и да провериме дали можеби под некои навидум правоверни и радикални повици на вера, не се кријат начелата на спротивната католичка духовност и традиција.

Првата католичка работа која може да ни помогне околу ситуацијата со вирусот е исклучителната важност во односот на вера и разумот во Католичката Црква. Од негувањето на важноста на тој однос Католичката Црква прогласила и догма дека Бог е можно да се спознае и со разумот. Таа догма протестантите не ја признаваат и тврдат „само вера“. Папата Рацингер многу добро го толкува односот помеѓу верата и разумот во своите голем број дела, а тоа го имаме објаснето и во важната енциклика „Верата и разумот“ на свети Иван Павле II…Така Црквата учи дека здравото функционирање на поединецот и на општеството може да се оствари единствено со взаемно делување на верата и разумот, во спротивно ако се нагласи само едно од тие две, а другото се занемари, личноста или заедницата може да западне во некоја од двете крајности: премногу нагласување на верата – фидеизам – (на пример кај некои протестански заедници кои се обидуваат научните принципи да ги извлечат од Светото Писмо) и еден вид на рационализам (разните либерални теологии, често повторно протестански, а и секуларни атеисти кои ја негираат можноста од било каков натприроден ред и можноста за чуда).

Затоа Католичката Црква отсекогаш ги признава вистинските научни ставови и учи дека науката која ја открива разумот не може да биде спротивна на Бог затоа што Бог го создал и разумот и природниот ред – во кој разумот ги открива научните вистини. Во овој наш контекст проблемот со вируст како пример на горното начело, можеме да ја земеме Конституцијата на Дружбата на Исусовци која ја напишал свети Игнациј Лојолски уште во XVI век, а која бара да се признае авторитетот на лекарите над авторитетот на поглаварите ако се работи за болест на некој монах. Па, болниот монах и неговиот поглавар мора да го слушаат лекарот. Овде директно го гледаме католичкото начело кое го препознава авторитетот на разумот во работите кои спаѓаат во разумското/научно подрачје. Таквите примери се редовни и бројни во католичката традиција. Затоа свештениците и верниците кои тврдоглаво наспроти одредбите на лекарите и стручњаците инститираат на некои свои идеи, повикувајќи се на верата, а против разумот, прават погрешно.

2.Втората догма со која во овој случај треба да ги усогласиме своите принципи е науката за транссупстанцијација – претворбата на лебот и виното во вистинска крв и тело на Исус Христос. Така според католичката наука, хостијата која еднаш е посветена станува Тело Христово и понатаму истовремено ги задржува приликите на лебот. Исто така нè учи Црквата, Телото Христово и неговото живо присуство траат во хостијата цело време додека таа ги задржува приликите на лебот, а во моментот кога лебот престанува да биде леб (во нашето тело на пример после причеста), исчезнува и Христовото присуство во хостијата. Исто така, во случај кога посветена хостија се извалка или од некоја друга причина не може повеќе да биде користена за конзумација како причест, се става во посебен сад со вода во кој тогаш лебот се разградува и престанува да биде Тело Христово. Исто така виното престанува да биде Крв Христова откако ќе исчезнат својствата на вино (на пример кога вино ќе стане кисело или се стави многу вода во него, или кога ќе се испие и помеша со телесните течности и слично)

Што зборува тоа за нашата тема вирус? Накратко, природната структура на лебот и виното останува присутна и после чинот на Претворбата и на посветената хостија, како и на обичниот леб можат да се „закачат“ бацили, вируси и сл. Сличното важи и за останатите благословени предмети и за благословената вода: иако во себе го носи благословот и Божјата моќ, таа воедно ги задржува своите природни својства на вода и затоа како и обичната вода, може да стане преносител на причинителот на болестите.

Зошто тогаш во средниот век не се плашеле од тоа, да ги затвораат црквите итн., ќе праша некој? Па затоа што тогаш не знаеле за вируси и бактерии и за целиот микросвет, а денес со помош на од Бога дадениот разум сме го спознанале, па кога Бог ни го дал разумот и вдахновението во тоа да проникнеме, тогаш тој разум Божји мора да го почитуваме и да бидеме разбрани. И тогашните луѓе во време на чума настојувале да бидат разборити согласно тогашните разумски/научни спознанија.

3.А што потоа со повикот на радикална вера? Како тоа Бог понекогаш да направи тие кои ги негуваат заразените поради својата голема вера да не бидат заразени? Што со чудата?

Чудото можеме да го дефинираме како привремено запирање на природните Божји закони. Па, Бог Кој ги создал законите, може од разни причини тие закони да ги запре или промени. Познаваме голем број чуда уште од времето на Стариот Завет. Многу чуда кои се случија во новото време се признати како чуда и од научни авторитети.

И во Евхаристиските чуда се случува промена или запирање на природните закони. Кога на пример лебот од кој е направена хостијата спротивно на сите научни објаснувања ги задржи своите својства неколку века и така го задржува во себе и Христовото присуство и неговото вистинско Тело или кога лебот и виното по транссупстанцијацијата доживува и промена во вистинска природна крв и делче тело кое потоа научниците го испитуваат во лабараториите… Но, чудата се нарекуваат чуда токму затоа што се ретки. Бог чуда прави исклучително. Кога таквите чуда би станале редовни, повеќе не би можеле да го разликуваме чудесното Божјо делување од природните закони.

Навистина е можно – голем број случаи се забележани во Библијата и историјата, дека кај некои луѓе со силата на нивната вера моментално запираат некои природни закани и нема да им наштети и ако „испијат нешто смртоносно“, како што вели Исус.

Па, би можеле да заклучиме дека кога доволно би верувале, не би требало да го исушиме садот со благословена вода и да одредуваме причест на рака затоа што Бог направил чудо? Но, колку луѓе воопшто имаат таква вера? Многу малку. Неразумно е да мислиме дека сите луѓе кои ќе присуствуваат на света Литургија ќе имаат такво ниво на вера која создава чуда. Кога би имале таква вера, веќе одамна на земјата би дошло Царството Божјо и би преместувале планини како што вели Исус. Но, тоа не е реалноста, може да има побожна желба, но со од Бог дадениот разум да ги почиутуваме неговите начела кои ги воспоставил, воедно внимавајќи да не ја загубиме верата.

За оние кои сакаат да имаат херојска вера, ќе има секогаш прилики во некоја грижа за болниот или во вршењето на одговорни и ризични служби. Но, важно е да се знае дека херојската вера на ближниот не го загрозува, туку им помага во овој случај да се излекуваат, затоа херојската вера вклучува во себе разбирање.

Неколку примери кои можат подобро да го илустрираат погоре кажаното. Без разлика дали некој себе се смета за голем и радикален верник сепак и таквиот никогаш не кажува дека не треба да се повикуваат инжинери при градење на мостови и дека столбовите на мостовите можат да се направат без прецизни пресметки затоа што треба да имаат вера па мостот нема да се сруши. Иако постојат светци и светици кои десет години се хранеле само со светата Причест, никој без разлика колку вера има не вели дека треба и други да се обидат, а ако не се обидат немаат вера. Исто така нема таков верник кој само би се молел за расипаниот автомобил Бог да го поправи, туку секој го носи на мајстор. Па сепак никој таквиот човек не го укорува и не му вели: Немаш вера, да имаш не би ти требало мајстор! Исто така сè уште не сум видел верник кој со помош на верата го вози автомобилот без бензин и лета во воздухот без авион. Свети Јосиф Купертински навистина летал, но никој без разлика колку верник бил не скокнува од зградата мислејќи дека Бог заради него ќе ги запре природните закони. Па, да сме свесни и да ги почитуваме природните закони, единствено кога се работи за светите работи, да мислиме дека таму не припаѓаат природните закони туку дека е доволна само верата. Но, и светите работи се подложни на истите природни закони кои Бог ги создал. Светите работи, вистина носат во себе натприродно, но натрпиродното, не ја исклучува природата, туку ја подразбира.

4.Секако, можно е да се доведе во прашање потребноста на овие и други мерки, прогласени од страна на експертите или црковните авторитети. Но, оние кои се поставени на одговорни должности – медицински научници и Црковни поглавари – настојуваа да пропишат одредби во согласност со разборитоста, па токму од почит кон авторитетот на доносителот и разборитоста на одлуките треба да се следат. Исто така, добро е да се потсети, во католичката духовна традиција, (за разлика од на пример протестантската во која секој сам на себе си го толкува Светото Писмо и дури може да основа своја црква), секогаш било важно почитувањето (т.е. послушноста) на авторитетот кој е одговорен во одредена ситуација.

Мислам дека во тоа светло би требало да се гледа и на прашањето на примањето на причеста на уста кое е за голем број на верници многу чувствително и им создава конфликт во совеста. Во што е изворот на загриженоста за време на примањето на причеста на уста знае секој кој има искуство на причествување: колку и да пази оној што причествува, невозможно е да се одбегне повеќе луѓе со јазикот или плунка да не ја допрат неговата рака и така тогаш тој директно пренесува клетки од една личност на друга. (…)

Исто така треба да се каже дека постојат и свештеници кои поради некои свои сопствени уверувања – било да се тие модернистички или „хигиенски“ – ја користат оваа ситуација за промовирање на причеста на рака како нешто подобро и попрактично од причеста на уста. Но тоа не е црковна наука ниту тие свештеници се во право. Моменталната препорака е привремена додека траат вонредните прилики кои ја предизвикаа. Важно е да се истакне дека верниците можат според совеста да ја одбијат причеста на рака, меѓутоа исто така свештеникот, според одлуката на поглаварот или бискупот и за да го спречи загрозувањето на други луѓе, може според совеста да одбие да ја даде причеста на уста.

На таквите верници секогаш им останува можноста за „духовна причест“ додека привремените мерки не ја запрат. Такви конфликти на совест можат да бидат можност за раст во понизноста и верата во Господ кој клучевите од Црквата ги остави на Петар и рече: „Кој вас ве слуша, мене ме слуша“!

5.Треба да се каже и тоа дека поради „преголема“ разборитост може да се загрози и верата. Да се затворат или отворат црквите? Да се остане дома ако сме стари или веќе болни и да не се изложува на можната зараза или да се биде храбар и да се оди во црква па што ќе даде Господ?

Не е лесно да се донесат тие одлуки: ниту на поглаварите кои настојуваат истовремено да ја почитуваат разборитоста и да ја сочуваат верата и на нам верниците кои мораме да видиме каде престанува разборитоста, а каде почнува мрзливоста или кукавичлукот. Оној кој ќе ги послуша упатствата на бискупите и не дојде на неделната литургија бидејќи е стар или со слабо здравје, не греши. Не греши ни оној што ќе дојде. Различни се даровите и талантите. Секој пред Господ треба да настојува да го направи најдоброто земајќи го во предвид секогаш и доброто на своите ближни. Сепак, оние кои се заразени со вирусот мора да ја почитуваат изолацијата за да не ги загрозат другите, особено старите и немоќните. Доколку повеќе и што државата пропишува затворски казни (…) за оние кои намерно би оделе да заразат други луѓе.

6.Да се осврнеме на крај и на теориите на заговор кои тврдат дека корона вирусот всушност е плански напад на светата литургиска жртва. Таквите теории ја занемаруваат едната основна работа, иако литургиите можат да бидат јавно забранети, тоа не значи дека не се одржуваат. Свештениците редовно служат литургија и без присуство на други верници. Манастирите имаа сопствени капели во кои на приватни евхаристиски славења се собираат свештеници, монаси и монахињи. Затоа е неточно да се каже дека оваа зараза и суспензијата на јавни литургиски славења во некои земји ќе престане литургиската жртва. Евхаристиската жртва се случува и тогаш кога поголемиот број на верници не гледа дека таа се случува. Се разбира дека за многумина неможноста да присуствуваат на света литургија ќе им биде духовен товар, но тоа не ја негира Христовата жртва.

Да се надеваме дека со овој текст успеавме делумно да го приближиме ставот на Црквата за одредени прашања поврзани со вонредните ситуации како што е моменталната пандемија со корона вирусот. Ваквите тешки ситуации како зарази, војни и други чуми секогаш биле и можност за раст во верата и разборитоста. Знаеме дека Исус во Назарет, како што вели Светото Писмо, растеше во верата и мудроста. Не е лесно да се оствари тој раст и да се пронајде вистинскиот однос помеѓу разумот и верата. Човекот во својата грешност секогаш е склон да пренагласи еден или друг дел, па помалку е или рационалист или фиделист. Затоа се молиме и се препорачуваме во Божјите раце и воедно да останеме разборити, да пазиме да не ја изгубиме ниту верата ниту разумот.

Петар Нодило СЈ /Битно нет

 

Категорија: Колумни

За авторот