Конференција за новинарите на враќањето од Лезбос

„Премногу тензично патување“, беа првите зборови на папата Фрањо пред новинарите за време на прес-конференцијата во авионот, на враќање од грчкиот остров Лезбос.

Папата зборуваше за цртежите кои му беа подарени од децата и во кои се гледа спасението, еден човек што се дави, смрт каде што дури и сонцето плаче. И покажа еден лист, како потврда дека децата “сакаат мир“:

Стравот на децата

„… Еве една цртеж, во која се гледа дете кое се дави. Тоа го носат во срцето децата, денес навистина имаше што да те тера да плачеш. На истата тема е насликано и тоа дете од Авганистан, бродот кој од Авганистан оди во Грција“.

Хуманитарно патување

Папата Фрањо уште еднаш појасни дека неговото не било политичко патување поврзано со договорите за мигрантите меѓу Европската унија и Турција, туку „хуманитарна посета“, меѓу луѓето и за луѓето. Папата истакна дека ги разбира „владите, а исто така и народите кои се плашат“ од феноменот на миграцијата, но ја истакна и „одговорноста за прифаќање“:

Политики на прием во ЕУ

„Европа итно треба да ги прифати политиките за прием, интеграција, раст, вработување и економски реформи. Сите овие работи се мостови, кои ќе придонесат за тоа да не градиме ѕидови “.

Трите муслимански семејства

По повод примањето на три муслиманки семејства, Папата појасни дека изборот не бил врз основа на религијата, туку со валидните документи: „имаше и две христијански семејства“, рече Папата, „но тие немаа валидни документи. Не станува збор за привилегија. Сите се Божји чеда“.

Интеграцијата во Европа

За Папата темата за интеграција зазема централно место. Тој потсети на неодамнешните напади во Европа, истакнувајќи дека „некои терористи“ беа „деца и внуци“ на оние што дошле предходни на Стариот континент и потврди дека токму во отсуството на ефикасни политики за интеграција се причините случувањата: „Денес Европа треба да ја поврати онаа способност која секогаш ја имала – да интегрира. Бидејќи во Европа доаѓале номади, нормани и сите тие луѓе се интегрирале и ја збогатиле својата култура … Сметам дека имаме потреба од лекција и од воспитување по интеграција“.

Мигрантите – мали гестови

Уште еднаш Папата потврди дека нема никаква разлика „меѓу оние кои бегаат од војната и оние кои бегаат поради глад“, бидејќи и двете појави се „резултат на експлоатацијата“. Тој потсети и на латиноамериканските мигранти, а ја цитираше и Мајка Тереза од Калкута, за да одговори на поставеното прашање за вредностите на ова патување, потсетувајќи дека „малите гестови“ го менуваат светот:

„Но оние мали гестови кои сите, мажи и жени, треба да ги правиме за да му пружиме рака на оној што е во потреба“.

Политика на строга економија

За политиката на строга економија, Папата рече дека „економски тоа значи дел од одредена програма, политички тоа е нешто друго, а духовно – нешто трето. Кога зборувам за строга економија го имам во предвид справувањето со предизвиците. Слушнав како се зборува во ФАО дека со избегнување на расфрлањата на храна би можеле да се решат проблемите со гладта во светот, но колку ние во нашиот дом, се расфрламе, без да имаме за тоа чувство! Тоа е културата на фрлањето и трошењето. За строгост зборувам во христијанска смисла на зборот“.

Amoris Laetitia

Повикувајќи се на постсинодскиот поттик Amoris Laetitia за љубовта во семејството, Папата потврди дека „има некаква промена по прашањето за разведените кои се во нов цивилен брак“, но препорачува за да не се даде „премал одговор“, да се прочита презентацијата на кардиналот Шонборн“. Светиот Отец истакна дека медиумите даваат преголемо значење на прашањето за причестување на разведените кои се во нов цивилен брак, игнорирајќи многу други работи, на пример, фактот дека „семејството во целиот свет е во криза“:

„Семејството е основа на општеството! Не се забележува ли дека младите не сакаат да се женат? Дека падот на наталитетот во Европа е загрижувачки? Не се забележува ли дека недостатокот на работа и можностите за вработување ги принудуваат родителите да работат двојно, а децата растат сами и не се учат да разговараат со мама и тато?“.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот