Во вторник, 22 ноември 2022 година, папата Фрањо издаде декрет со кој го именува д-р Пјер Франческо Пинели за привремен директор на Каритас Интернационалис.
Со декретот, исто така, ги назначи д-р Марија Ампаро Алонсо Ескобар и отец Мануел Моруџао, СЈ, да го поддржат д-р Пинели „за лична и духовна придружба на вработените“. Во декретот, исто така, се наведува дека оние кои служат како претседател, потпретседатели, генерален секретар, благајник и црковен помошник „се ослободени од нивните должности“ и дека актуелниот претседател на Каритас Интернационалис, кардинал Луис Антонио Тагле, ќе му помага на д-р Пинели во должностите што му се доверени.
Каритас Интернационалис, вели Папата во декретот, му помага лично во неговата служба меѓу најсиромашните и оние во најголема потреба, му помага да управува со хуманитарни кризи и при ширењето милосрдието во светот „во светлина на Евангелието и учењето на Католичката црква“. Папата Фрањо во декретот ја појаснува и својата мотивација за назначување привремен управител и посочува дека овој чекор е неопходен за ревизија на нормите на Каритас, а со цел да се направат неопходните подготовки за изборите што ќе се одржат на следното Генерално собрание.
Почесниот претседател на Каритас Интернационалис, кардинал Луис Антонио Тагле, пред учесниците на пленарниот состанок во Рим го прочита декретот на Папата: „Одлуката на Светиот Отец дојде по внимателно и независно проучување. Не станува збор за злоупотреба или финансиско лошо управување. Работата за сиромашните продолжува“.
Новиот администратор, д-р Пјер Франческо Пинели, рече: „Ова е контролен пункт за да се подобри она што е веќе одлично“.
Кардиналот Мајкл Черни С.Ј., префект на Дикастеријата за целосен човечки развој, во изјавата за печатот истакна дека „потребите на многумина на кои Каритас им служи“ значително се зголемија во последниве години“. „Императив е Каритас Интернационалис да биде добро подготвен да одговори на овие предизвици“, рече кардинал Черни. Со денешниот декрет, кардинал Черни објаснува дека „папата Фрањо нѐ повикува да го разгледаме „посланието на кое Каритас е повикан да го изврши во Црквата…. Она што никогаш не смееме да заборавиме е дека милосрдието го има своето потекло и својата суштина во самиот Бог (сп. 1. Иван 4,8); милосрдието е прегратка на Бога, нашиот Отец, на секој човек, посебно на најмалите и оние кои страдаат, оние кои заземаат повластено место во неговото срце“. Овие зборови треба да ги вдахноват сите вработени во Каритас Интернационалис да бидат подготвени организацијата да се покаже соодветна на предизвиците на посланието кое ѝ е доверено.
Каритас Интернационалис е конфедерација од 162 католички организации за помош, развој и социјална услуга, кои работат во повеќе од 200 земји и територии ширум светот. Нејзиното седиште е сместено во Светиот Престол и е под надзор на на Дикастеријата за целосен човечки развој.
Ватикан њуз/к.мк