Претседателот на Советот на бискупските конференции на Европската унија (COMECE) упати писмо до Московскиот патријарх и на цела Русија молејќи го да внесе надеж и да побара од руските власти да ги прекинат непријателствата, заземајќи се за дипломатско решение и поддршка за отворање на хуманитарни коридори.
Кардиналот Жан-Клод Холерих, претседател на Советот на бискупските конференции на Европската унија (COMECE), во вторник, 8 март упати писмо до Кирил Московскиот патријарх и на цела Русија, молејќи го да испрати итен апел до руските власти да ги прекинат непријателствата со украинскиот народ и да покажат добра волја за барање дипломатско решение за конфликтот, засновано на дијалог, здрав разум и почитување на меѓународното право, дозволувајќи хуманитарни коридори и неограничен пристап до хуманитарна помош.
Мрачни моменти за човештвото
Кардиналот Холерих со „скршено срце“ – како што пишува – зборува за драматичните последици од военото лудило во Украина. Илјадници луѓе, војници и цивили, веќе ги загубија животите, а повеќе од еден милион луѓе се раселени или ја напуштија својата татковина – истакнува претседателот на Советот на бискупските конференции на Европската унија, додавајќи дека повеќето се жени и деца.
Соочени со „неуспешни“ дипломатски напори и силни напади, не може да се исклучи можноста за поширок европски, па дури и глобален конфликт со катастрофални последици. Во овие мрачни моменти за човештвото, придружени со силни чувства на очај и страв, многумина ве гледаат, Ваша Светост, како некој што може да донесе знак на надеж за мирно решение на овој конфликт – пишува кардиналот.
Црква – миротворна сила
Во писмото кардинал Холерих потсетува дека во заедничката изјава од 2016 година, папата Фрањо и Кирил го осудија непријателството во Украина, кое предизвика жртви, нанесе рани на населението и предизвика сериозна економска и хуманитарна криза. И двајцата поттикнаа дејствување насочена кон градење мир и социјална солидарност. Потсетувајќи се на тежината на овие зборови и чувството на вознемиреност, кардиналот Холерих ги спомна зборовите на патријархот Кирил упатени до нунцијот во Руската Федерација: „Црквата може да биде миротворна сила“ особено за време на Великиот пост, кога му се молиме на Бог на мирот, а не на војната. Да дадеме сѐ од себе, рече на крајот претседателот на Советот на бискупски конференции на Европската унија, да помогнеме да заврши оваа бесмислена војна за да се всели повторно мирот на европскиот континент.
Ватикан њуз/к.мк