Кардинал Паролин: Правото на верска слобода е суштински, но кревок столб

Кардинал Паролин: Правото на верска слобода е суштински, но кревок столб

Државниот секретар на Ватикан одржа презентација во Папскиот патристички институт „Августинијанум“ по повод објавувањето на овогодинешниот Извештај за верските слободи во светот, подготвен од фондацијата „Помош на Црквата во потреба“.

Правото на верска слобода е суштински столб што му овозможува на секој човек да ја бара вистината и да гради праведно општество. Тоа е право кое мора да се признае во правниот и институционалниот живот на секој народ, а неговата заштита мора да се живее и промовира во секојдневниот живот на поединците и заедниците. Без оваа слобода, етичкото ткиво на општеството неизбежно се урива, што доведува до периоди на потчинување и конфликти. Затоа, заштитата и гаранцијата на верската слобода не се однесуваат само на верниците или на Црквата, туку одат надвор од тие граници и го опфаќаат целото општество и меѓународните јавни институции. Тоа е знак на цивилизација, камен-темелник во изградбата на современите човекови права.

Државниот секретар, кардинал Пјетро Паролин, неколкупати се осврна на овие теми во говорот што го одржа во вторник, 21 октомври 2025 година, во Папскиот патристички институт „Августинијанум“, отворајќи ја презентацијата на Извештајот за верската слобода во светот за 2025 година, објавен од папската фондација „Помош на Црквата во потреба“.

Документот дава сеопфатна анализа на глобалните динамики и открива загрижувачка реалност: верската слобода е строго ограничена во 62 земји од 196, што влијае на околу пет и пол милијарди луѓе. Со други зборови, речиси две третини од светското население живеат во земји каде што се случуваат сериозни прекршувања на верската слобода, предупреди кардинал Паролин, истакнувајќи дека овогодинешното издание на извештајот, кое ја одбележува својата 25-годишнина, е најсеопфатно од неговото основање и дека прекршувањата растат од година во година.

Човечко достоинство

Во својата презентација на англиски јазик, насловена „25 години извештај на ACN за верската слобода: Зошто верската слобода е важна глобално“, државниот секретар на Ватикан наведе два основни извори за да ја објасни важноста на верската слобода на глобално ниво: декларацијата на Соборот Dignitatis humanae, за правото на човечката личност и на заедниците на социјална и граѓанска слобода во прашања поврзани со религијата, и Член 18 од Универзалната декларација за човекови права, според кој секој има право на слобода на мисла, совест и вероисповед.

Ова право вклучува слобода да се промени својата вероисповед или уверување и слобода, самостојно или во заедница со други, јавно или приватно, да ја искажува својата вероисповед или верување преку учење, богослужење, практикување и почитување. Потсетувајќи на 60-годишнината од декларацијата Dignitatis humanae (која ќе се прослави на 7 декември оваа година), кардиналот ја опиша како значајна пресвртница во промоцијата на верската слобода како фундаментална димензија на човековото постоење.

Потоа кардиналот се осврна на различните аспекти содржани во извештајот, како што се ограничувањата на верската слобода, образованието за правилна употреба на слободата и слободата на верско дејствување. Тој истакна дека Соборот ја повикал Црквата да ја прифати верската слобода, но никогаш да не прави компромис со вистината.

Во овој контекст, тој целосно цитираше пасус од говорот на папата Павле VI од 28 јуни 1965 година, упатен до групи ходочесници, во кој се содржани драгоцените учења што подоцна ќе произлезат од заседанието на Вселенскиот собор:

„Христос повикува кон себе, повикува на вера, создава морална обврска за оние до кои допира неговиот повик — спасителна обврска; но Тој не присилува, не ја одзема физичката слобода на човекот, бидејќи самиот човек мора свесно да одлучи за својата судбина и својот однос со Бога. Така ќе чуете како голем дел од ова фундаментално учење е сумиран во две добро познати максими: во однос на верата – никој не може да биде спречен, никој не е принуден! Nemo impediatur! Nemo cogatur! Ова учење е дополнето со познавањето на Христовото слово за кое зборуваме: постои божествен повик, постои универзален повик за спасение што го носи Христос; постои должност да се учат и поучуваат другите, постои заповед да се учи и да се биде поучен; постои — пред верските прашања — голема одговорност, но таква на која може и мора да се одговори само на еден начин: слободно, односно од љубов и со љубов, а не со сила. Христијанството е љубов.“

Политичка разумност

Верската слобода, како и секоја друга слобода, има свои практични ограничувања кои мора да се препознаат преку политичка разумност. Повторно цитирајќи ја декларацијата на Соборот, државниот секретар истакна неколку: да се заштитат правата на граѓаните и на тој начин да се обезбеди дека практикувањето на верата на една група не ги нарушува слободите на другите; да се промовира јавниот мир, бидејќи вистинската хармонија не произлегува од униформност, туку од уредена форма на слобода во која луѓето живеат заедно во меѓусебно почитување, правда и добра волја; и да се почитува јавниот морал, имајќи предвид дека општеството бара внимателна заштита од практики што би можеле да ги поткопаат неговите етички основи, како што се поттикнување на насилство или експлоатација прикриена под маската на верското изразување.

Dignitatis humanae зборува за слобода што е проткаена со одговорност и ги охрабрува општествата да градат мостови, а не ѕидови, во потрагата по вистината.

Сепак, остварувањето на оваа слобода — која е дар Божји и длабоко вкоренета во самата природа на човекот — не треба да биде попречувана од пречки од лична, социјална или државна природа, бидејќи вродената човечка желба за барање крајна смисла и трансценденција мора да биде препознаена и почитувана.

Според тоа, мажите и жените насекаде заслужуваат слобода од секој облик на принуда во верските прашања, без разлика дали станува збор за суптилни социјални притисоци или отворени државни обврски. Должност на владите и заедниците е да не принудуваат никого да дејствува против своите најдлабоки уверувања или да ги спречуваат автентично да ги практикува.

На колективно ниво, таквата гаранција им овозможува на заедниците на луѓе од различни вери да живеат заедно, да придонесуваат во општеството и да се вклучат во конструктивен дијалог без страв од прогон — нагласи кардинал Паролин, кој во својот говор се осврна и на говорот на папата Лав XIV од 10 октомври оваа година, кога на аудиенција ја прими делегацијата од фондацијата „Помош на Црквата во потреба“.

Член 18 од Универзалната декларација за човекови права

Член 18 од Универзалната декларација за човекови права (10 декември 1948 година) е секуларен пандан на Dignitatis humanae. Според кардинал Паролин, овој член претставува фундаментален принцип на меѓународниот систем за човекови права, бидејќи бил израз на заедничко отфрлање на тоталитарните идеологии што доведоа до Холокаустот и многу други злосторства, во кои светоста на личните верувања била систематски избришана.

Тоа е завет на непоколеблива храброст кој потврдува дека верата ги надминува минливите граници на личната интроспекција и станува хармонична симфонија на споделено изразување — отелотворена, пренесена и преобразена без принуда или страв.

Овој член го нагласува вроденото достоинство и автономијата на човечкиот дух и потврдува дека верската слобода не е секундарна привилегија, туку неотуѓиво право, неопходно за целосно остварување на човечкиот потенцијал.

За жал, ова право денес систематски се прекршува во многу делови од светот — заклучи државниот секретар.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот