Кардиналот Питер Турксон служеше света Литургија во базиликата Свети Петар по повод 30. Светски ден на болните. Во својата проповед, кардиналот ја истакна важноста на утехата која христијаните се повикани да им ја дадат на оние кои страдаат.
На 11 февруари, кардиналот Петар К.А. Турксон ја предводеше светата Литургија во базиликата Свети Петар по повод 30. Светски ден на болните, кој оваа година се одбележува под мотото „Бидете милостиви како што е милостив вашиот Отец“ (Лк 6,36). Денот се слави на празникот Богородица Лурдска, која, како што рече кардиналот во својата проповед, на светот му даде знак на Божјата милост што го придружува напатеното човештво на животниот пат.
Дарот на присутност
Да си дозволиме да бидеме привлечени и водени од логиката на Божјото милосрдие значи да се вратиме во срцето на христијанскиот избор, истакна кардиналот. Искусувајќи го Божјото милосрдие учиме и самите да бидеме милосрдни, рече кардиналот Турксон, осврнувајќи се на првото литургиско читање од Книгата Исаија, во кое се вели дека Божјата утеха е како мајчината: „Како што некого го утешува мајка така ќе ве утешам и Јас“ (Исаија 66,13).
Да се утешува значи да се охрабрува, поттикнува, да се донесува радост, објасни кардиналот. Утехата е служба дадена на луѓето во која утешителот го нуди дарот на сопственото присуство на оние кои во тој момент се соочуваат со ситуација на кревкост, прифаќајќи ги нивните чувства во себе. Тоа го прави, продолжи тој, црпејќи вдахновение и сила од Бог кој отсекогаш бил близок до човештвото низ историјата, со што станал сведок на Божјите дела остварени во животот на неговиот народ.
Да се сведочи за добиената љубов
Темата за сведочење на добиената Божја љубов, која им дава надеж на другите дека и тие да ја добијат, нè враќа на денешниот евангелски пасус кој зборува за средбата на Марија и нејзината роднина Елисавета, рече кардиналот. Ангелот Гаврил ѝ го објавил на Елисавета зачнувањето на Дева Марија како доказ и сведоштво за Божјата сила, која веќе дејствувала во Марија. Посетата на Елисавета е израз на љубовта на Марија кон нејзината постара роднина, но е и потврда за ангелските зборови на Марија. Така, Елисавета беше сведок на Марија, рече кардиналот Турксон, додавајќи – она што Бог го направи за Елисавета, сега го прави за Марија, а таа го фали Господ во нејзината химна Велича.
Знак на Божјото милосрдие
Божјото мислордие се протега од колено на колено, рече кардиналот. Го славиме и ова утро како и насекаде кога пастирите и верниците го повикуваат името Господово за да им се помогне на болните и немоќните. Така е во болниците, домовите за стари лица, домовите за палијативна нега и сите места каде што се згрижуваат најкревките. На овие места да се биде милосрден е од посебно значење за сите здравствени работници, за кои папата Фрањо потсетува дека нивните раце што го допираат телото на страдалниот Христос може да бидат знак на рацете на милостивиот Отец. Милоста е мелем на животот, а благодарение на Светиот Дух, и ние можеме да станеме „мелем на животот“ за другите, рече кардиналот Турксон, завршувајќи ја проповедта со тоа што повика повторно да погледнеме кон Лурд, каде што во лекувањето на немоќта и телесните болести Пресвета Богородица им дава на луѓето предвкус на спасението, кое го нуди нејзиниот Син.
Ватикан њуз/к.мк