Кардинал Тагле со порака за развојот на сиромашните држави
Претставниците на Владите треба да ги надминат националните егоизми и краткорочните интереси доколку сакаат да го постигнат задоволителен договор кој го почитува достоинството на сите држави, а не ја доведува во опасност расправата за одржлив развој и климатските промени рече, кардинал Тагле
Неодамна именуваниот претседател на Меѓународниот Каритас, ова го истакна на Светската конференција за финансирањето на развојот, која под покровителство на Обединетите Нации се одржа во Адис Абеба, во Етиопија, а го пренесува порталот ‘Ватикан Инсајдер’.
Конференцијата е организирана со цел да се подобрат политиките поврзани со развојот на сиромашните држави. Во Етиопија се дискутира за изнаоѓање на средства за нови „развојни цели“, за борбата против гладот во светот, за здравството, за образованието, за мерките против климатските промени, кои во септември ќе се утврдат на Генералното собрание на Обединетите Нации, на кое во Њујорк, како што е најавено, ќе зборува и папата Фрањо.
Папата Фрањо во енцикликата ‘Лаудато си’ воопшто не е нежен со меѓународните групи: неуспехот на меѓународните конференции околу животната средина е очигледен пример на политичката слабост пред „технократската парадигма“. Кардиналот Тагле во пораката испратена до конференцијата ги повикува на поголема смелост во донесувањето одлуки и ги предупреди на опасностите на меѓународната соработка во која се сѐ повеќе присутни интересите на приватните компании. Во подготвителниот документ на конференцијата очигледно има голем јаз меѓу посакуваните цели и решенијата кои ги предложуваат мултинационалните компании како и правилата кои ги донесуваат помоќните држави – рече кардиналот.
Богатите држави сакаат развојот да го финансираат приватните компании и одлуките да ги донесуваат организациите под надзор на богатите држави, а не агенциите на Обединетите Нации. Овој процес би ја осигурил постојаната доминација на посилниот над послабите. Земјите кои сакаат да го привлечат странскиот капитал не се подготвени да ги преземат мерките кои го гарантираат почитувањето на правата и животната средина. Приоритетите на приватниот капитал може да ја потчини економијата на финансиите, со драматични последици за државите кои сѐуште немаат развиен надзор врз банките. Парите треба да бидат во служба на општото добро, а не општото добро во служба на парите – рече кадиналот Тагле.
Претседателот на Меѓународниот Каритас сака државите да се обврзат со финансирање на сиромашните земји и да ги усвојат меѓународните закони кои ќе овозможат правична распределба на ресурсите, а ќе се спречи приватниот капитал и финансискиот пазар негативно да влијае на сиромашните земји и животната средина – заклучи кардинал Тагле.
РВ/З.А.