Кардиналот Зупи има намера да ги прочита имињата на сите деца убиени во војната во Газа

Кардиналот Зупи има намера да ги прочита имињата на сите деца убиени во војната во Газа

Претседателот на Италијанската бискупска конференција, кардинал Матео Зупи, надбискуп на Болоња, најави јавно читање на имињата на сите деца убиени во војната во Газа, објави италијанскиот весник „Ла Стампа“.

Кардиналот објави дека на 14 август, во Марзабото, местото на најголемиот масакр извршен од СС во Втората светска војна, јавно ќе ги прочита имињата на сите деца што го загубиле животот во војната во Газа. Сите деца убиени во нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, како и оние што загинале во Газа потоа, ќе бидат спомнати.

Во борбите против италијанските партизани, силите на СС стрелале повеќе од 770 цивили во Марзабото од 29 септември до 1 октомври 1944 година, меѓу кои и 213 деца под 13-годишна возраст. Имињата на сите жртви се познати, а во Марзабото е изграден спомен-парк наречен „Монте Соле“.

Кардиналот Зупи го образложи најавеното читање на имињата на децата убиени во Газа со зборовите: „Сакаме да потсетиме со имињата за да му оддадеме почит на секое дете поединечно и да ја отстраниме анонимноста. Сите имаат еднакво достоинство.“

Кардинал Зупи е надбискуп на Болоња, а Спомен-паркот „Монте Соле“ се наоѓа во неговата надбискупија. Како претседател на Италијанската бискупска конференција, во изминатите три години повеќепати се залагаше за дијалог меѓу Русија и Украина, дејствувајќи како специјален Папски пратеник.

Ика/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот