Кардиналките и читање меѓу редови

Во минатите месеци, поточно од почетокот на понтификатот на папата Фрањо, сигурно сте биле шокирани и изненадени од многубројните натписи во медиумите за изјави кои му се препишуваат на Папата како онаа: „Кој сум јас да им судам“ или она последната за „Кардиналките“ од пред неколку дена. Како верник сигурно дека останувате збунети, заклучувајќи дека сепак нешто не е во ред?!

И така е! Нешто не е во ред. А што не е во ред е повеќе од проѕирно. Сигурно ви паѓа во очи како некои медиуми, кои застапуваат разно разни идеологии сакаат меѓу традиционалните верници католици, да предизвикаат незадоволство од Светиот Отец, да внесат збунетост и сомнежи меѓу верниците. Сакаат да создадат перцепција кај верниците дека овој папа е „либерален“, дека ќе ја менува традицијата на Црквата, дека се разликува од неговите претходници, а традицијата започна да ја менува од она најважното: што не ги носи традиционалните црвени папски чевли…. и продолжува деновиве со менување на традицијата стара 900 години – Кардиналките!? Умешно смислено, но прозирно.

И тоа секогаш е така, кога Црквата започнува да чекори кон обнова. За нив е неподнослива големата популарност на папата Фрањо и начинот на кој ги освојува срцата на верните: со исусовачка мудрост и фрањевска понизност. Неговата едноставност, близина, сочувство кон сите кои страдаат, без пардон за богатите, политичарите, банкарите…..

Но најпрво за „либералните изјави“ на Папата од крајот на светот. Мора да се потенцира дека сите негови „либерални“ изјави се извадени од контекст. За да може правилно „да се чита“ овој Папа потребно е верникот сите негови „либерални“ изјави објавени во медиумите да ги побара за да ги прочита во целост: целиот текст, интервју или мисла. Затоа најдобро е при тоа да се слушне и другата страна, односно за веродостојноста на кажаното да се провери медиум кој е католички. Треба да се нагласи: за да се добие правилната слика за кажаното неопходна е проверка на истото. Класичен пример се „Кардиналките“.

А сега нешто за тоа колку овој Папа се разликува од неговите претходници во однос на Црковното научителство.

Секако дека се разликува во начинот и стилот на тоа како го пренесува, но не и во сржта на кажаното. Не само што не се разликуваат во однос на Црковното Научителство, туку и се дополнуваат, посебно со папата Бендикт XVI и меѓу нив постои еден повеќе од јасен континуитет.

1. Папата Бенедикт XVI ја отвори Година на верата, со цел да се укаже на верниците за важноста да се познава својата вера, да се познава основата на верата, додека папата Фрањо надополнува со неговото практично сведоштво за тоа како треба да се живее верата, излегувајќи кон перифериите за да се навести Божјото милосрдие и неговата неизмерна љубов.

2. Папата Бенедикт XVI ја започна енцикликата Светло на верата (Lumen fidei), а неговиот наследник Фрањо ја доврши при што ќе каже дека оваа енциклика е дело на „четири раце“, што само дава уште еден аргумент дека се надополнуваат еден со друг.

3. Кога сме веќе кај Научителството на Црквата, папата Бенедикт XVI на 2 јули 2012 за префект на Конгрегацијата за наука на верата, (ватиканско тело кое е најкомпентентно за науката на Црквата), го именува архиепископот Герхард Лудвиг Милер.

Папата Фрањо започнувајќи го својот понтификат, некои раководни лица во ватиканската курија ги смени, на некои им ги продолжи мандатите додека да именува нови, на некои до завршувањето на нивниот мандат, кој за само неколку месеци завршува, додека на архиепископот Милер, на 16 март 2013 го продолжува на неодредено време, а веќе на 21 септември го потврдува.

Доколку постојат суштински теолошки разлики помеѓу Бендикт и Фрањо, секако дека прв на тапет за промена ќе беше токму овој префект. Но тоа не се случи, бидејќи постои континуитет во Научителството. И уште повеќе дека е така, потврда е натписот на архиепсикопот Милер во Осерваторе Романо од 23 октомври 2013, во кој јасно го изнесе непроменливиот став на Црквата во однос на бракот и разведените, кои имаат склопено втор граѓански брак.

И за крај. Световните медиуми ќе си пишуваат за Кардиналките и сé она што на нив ќе им треба… но наше е таквите текстови да научиме да ги читаме меѓу редови.

го*ко

 

Категорија: Колумни, Македонија

За авторот