Моите ќерки тинејџерки и јас имавме еден од нашите „разговори”. Можеби „разговорот” се водеше околу еден куп облека на секој дел од нивната соба, а можеби и темата беше технологија. Можеби стануваше збор за тоа како тие се однесуваат едни со други. Искрено, не се сеќавам за што разговаравме тој ден, само се сеќавам дека „зборувавме”. Ќе забележете дека во раскажувањето на овој настан користам цитати, бидејќи „разговорите” со моите тинејџерки често се сведуваат на тоа очајно да ги убедам во нешто. И во обид да ги убедам, обично ја бомбардирам ќерката со мноштво зборови и сите логични аргументи што можам да ги соберам.
Ние сме соиграчи
Друг факт што го запомнав за тој ден: мојот сопруг беше зад нашите ќерки и имитираше слетување на авион. „Приземји го авион” е кодот кој ние двајцата го користиме за ситуации: „Ова не води никаде; ајде да го оставиме за подоцна”. За среќа, доволно бев разумна за да се уверам дека е во право. Го запрев мојот вербален бран и им реков на девојките: „Мислам дека ме слушнавте што имав да ви кажам. За ова ќе разговараме подоцна. “
Мојот сопруг не се замеша за да ме контролира или за да ме посрамоти пред девојките. Тој го направи тоа, бидејќи ние сме соиграчи. Ние сме обединети во љубовта и воспитувањето на нашите деца, а тоа влијае на тоа како се однесуваме еден кон друг како пар.
(…)Многумина имаат проблеми во бракот, и разбираме дека не е лесно да се биде родител на адолесценти. Во врска со сето ова, сакаме да понудиме неколку предлози за тоа како да го зачуваме бракот додека ги подигаме помладите и постарите тинејџери. Размислете за следниве совети:
Стартувајте го правилото 90 секунди
Времето на воспитување на тинејџерите е полно со емоции, и овие емоции можат да бидат присутни меѓу децата и родителите или меѓу родителите, еден со друг. Ова е поради стресот што тинејџерите го создаваат дома. Ако влезете во конфликт со вашиот брачен другар, размислете за примена на правилото 90 секунди за да ги минимизирате емоционалните експлозии кои се случуваат во вашиот брак додека ги подигате тинејџерите. Еве како функционира ова правило: Ако видите дека вашите чувства не ги контролирате, излезете од оваа ситуација. Кажете дека одите по чаша вода, одете во бањата или само кажете искрено: „Ми требаат 90 секунди за да ги доведам моите чувства под контрола”.
Можете да го изберете внатрешниот мир
Некои од вас можеби мислат: Можеби ова функционира за други, но јас веќе ова го пробав – броењето до 10 уште повеќе го оддалечува мојот сопруг. Ова може да се случи, и доколку имате брз брачен другар – ова може често да се случува. Но запомнете: Вие сте одговорни за она што правите со емоциите кои ги доживувате. Без разлика што прави вашиот брачен другар, вие можете да го одберете внатрешниот мир што ќе дојде по една минута и половина, откако ќе помине емотивниот напад.
Иако овие 90 секунди нема да го решат конфликтот, тие можат да постават основа за поздрава комуникација. Тоа, исто така, може да ја покаже Божјата мудрост, како што велат во Книгата на Мудрите Соломонови Изреки 29,11: „Безумниот го излива сиот свој гнев, а мудриот се воздржува“ .
Исклучете ја технологијата еден час пред спиење
Ако ги прашате родителите на тинејџерите што би можело да биде најголемата пречка за мир и заедништво во нивниот брак, меѓу одговорите често ќе се појави – преголема зафатеност. Мајките и татковците честопати се чувствуваат како да жонглираат милиони работи, а нивниот брак е колатерална жртва.
Во 21-от век зафатеноста во голема мера е поврзана со технологијата. Повеќето од нас несвесно дозволуваат секој агол на животот да биде исполнет со дигитална содржина. Проблемот е во тоа кога преголемо внимание ни одземаат различните уреди, едноставно немате време или енергија за да се поврзете со брачниот другар.
Вие кои сметате дека оваа зафатеност ви го украла времето за сопружникот, воведете мала промена оваа недела: исклучете ги сите ваши електронски уреди еден час пред спиење. Разбирам дека ова значи дека пред да заспиете нема пораки, мејлови, вести, Инстаграм, Нетфликс или Пинтерест. Сепак, ова не е толку невозможно како што звучи – и може дури и да го зајакне вашиот брак.
Останете загреани
Додека воспитувате тинејџери, ќе има периоди кога ќе морате да бидете одбранбени играчи за вашиот сопружник. Можеби играле тешки натпревари или можеби направиле грешки во родителството. Не е важно, зотоа што на вашиот брачен другар му е потребна помош, онолку важна колку што сте на располагање и спремни да му/ѝ олесните. Ако останете загреани – подготвени да скокате во секое време – можете да изградите брачен тим во исто време додека го зајакнувате вашиот тим за родителство.
Вработените брачни другари можат да се „загреат” на пат кон дома правејќи нешто опуштено во автомобилот – слушајќи добра музика или можеби да слушаат аудио Библија. Молете се на Бога за сила и храброст да бидете подготвени да дејствувате кога ќе влезете дома.
Невработените брачни другари не треба да претпоставуваат дека нивниот сопруг или сопруга затоа што работи надвор од домот никогаш немаат потреба да се растеретат, дури иако тие се оние во домот кои се со многу помала интеракција со адолесцентите.
Незабележливо растечка одвоеност
Ние не зборуваме за намалувањето на софтверот на Apple; го вперуваме прстот на главниот проблем речиси во секој брак, а особено во подмолниот проблем за родителите на тинејџерите: незабележливо растечка одвоеност.
Автор Шелдон Ванукен ја измислил оваа фраза пред 40 години во својата извонредна книга, Силна милост. Ванукан тврди дека „незабележливо растечката одвоеност ” е најголемиот непријател на брачниот живот. Повеќето парови нема преку ноќта да завршат на спротивните страни од големите јами на болка и горчина. Наместо тоа, растојанието помеѓу нив обично се случува бавно и лукаво. Тоа полека се провлекува и краде радост од нивните бракови. Ова особено е вистинито за паровите со тинејџери, кои обично се чувствуваат отуѓени еден од друг, или поради несогласувањата околу решавање на некои проблеми со адолесцентите или едноставно поради зафатеноста која го меле нивниот живот на парчиња.
Кажете збогум на јас-живот (“iLife”)
Во времето кога сè се врти околу “јас”, од клучно значење е борбата против оваа незабележителна поделба во нашите домови и срца. Начинот на кој тоа ќе го направиме е доколку храбро погледнеме дали како пар градиме “јас-живот” или “ние-живот”.
Направете листа на работи што ги правите заедно и наведете ги работите што ги правите одделно. Ако поголемиот дел од вашиот живот припаѓа на “јас” делот од листата, можеби е време да направите некои промени. Потоа запрашајте се себеси дали себично се држите за она што мислите дека „го заслужувате” (или не заслужувате) или за она што сте го заработиле? Или понизно се предавате на ние-живот, живот во кој и двајцата сакаат да служат, отколку да им се служи?
Јеруша Кларк/к.мк/Кате М.