И во 2015 година имаше многу прогонети и заборавени христијани

Молиме за христијаните кои се прогонети, често многумина со срамотно премолчување – напиша папа Фрањо  на својот твитер профил на 26 декември. Од Африка до Блискиот Исток и 2015 година, за жал, беше година во која на бројни области од планетата, христијаните беа жртви на дискриминација и прогони. Веднаш помислуваме на грубоста почнувајќи од милитантите самонаречени Исламска Држава, но сликата за антихристијанските прогони е многу поширока од она што обично се мисли – исткна во разговор за Радио Ватикан, Марта Петросило, портпаролката на фондацијата „Помош на Црквата во неволја“.

За жал, 2015 година ја потврдува тежината со која ние, во фондацијата, се соочуваме веќе неколку години, односно сé поголемиот прогон на христијаните – рече и го спомена извештајот на фондацијата за антихристијанските прогони, насловен „Прогонети и заборавени“, кој беше претставен во октомври. Гледаме, пред сé, поголем притисок од исламистичкиот екстремизам, зголемување забележуваме во Африка, каде Боко Харам, освен во Нигерија, почнува да ги шири своите акции и на соседните земји – забележа Петросило и истакна дека на Блискиот Исток, пак самонаречената Исламска Држава и понатаму ја угнетува христијанската заедница.

Спомнувајќи го, притоа, градот Алепо, кој – како што рече – отсекогаш бил тврдина на христијанството во Сирија, истакна дека тој драматично се празни поради заминувањето на христијаните. Пред кризата, 2011 година во него имаше 150.000 христијани, а сега ги има само 50.000. Исламска Држава го продолжува своето делување и во Ирак, каде што христијаните се дискриминирани и на политичко ниво. Во Азија, пак не можеме да не го споменеме Пакистан, а треба да кажеме дека и во Индонезија ситуацијата е малку позната.

И таму, имено, христијаните трпат, особено во покраината Ацех, каде на сила е шеријатскиот закон и каде во октомври беа нападнати многу цркви. Меѓутоа, – напомена Петросило –освен муслиманскиот фундаментализам, христијаните се напаѓани и од оној на хиндуистите. И во Индија с повеќе има антихристијански напади, а особено се шири обидот на хиндуистичкиот фундаментализам христијаните и муслиманите да се обратат кон хиндуизмот. Сé поголем е бројот на христијани кои ја напуштаат својата земја, особено на Блискиот Исток така што има заедници кои би можеле целосно да исчезнат – рече портпаролката на фондацијата „Помош на Црквата во неволја“ и притоа посебно ги спомена Ирак и Сирија. Од Сирија, на пример два до три пати неделно, од најголемиот кварт на Дамаск поаѓаат автобуси и возови на млади христијани во Европа затоа што во Сирија веќе немаат никаква перспектива.

Петросило на крајот спомена и некое подобрување во ситуацијата со христијаните, како што се однесува на меѓурелигискиот дијалог и посебно ја истакна Централноафриканската Република, при што неодамнешната посета на папа Фрањо дава голем допринес. Тие добија уште еден силен поттик за ширење на меѓурелигискиот дијалог. Локалната муслиманска заедница, имено е многу задоволна од вниманието на папа Фрањо кон муслиманските верници, а ни доаѓаат – како што рече – и сведоштва од локалната Црква, за уверение дека ова патување на Папата може да означи нов почеток и подобрување на меѓурелигиските односи – истална на крајот портпаролката на фондацијата „Помош на Црквата во неволја“.

РВ/Б.Р.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Свет

За авторот