Чекањето е неизбежен дел од човековото живеење. Се чека пред благајна, пред лекарска ординација, се чека плата и пензија, се чека средба и раѓањето на детето. Некои чекања се натопени со страв и нетрпеливост, други со надеж и радост, едни се пасивни чекања, други се активни. Самите чекање на некој чудесен начин нѐ подготвуваат за настанот кој го очекуваме.
Божиќниот пост е едно такво време, не пасивно чекање, не отсутно од нас самите, ова време мора да биде исполнето со тебе самиот, со твоите настојувања и обиди, со твојата отвореност и вера. Не го очекуваме со страв и треперење, туку исполнети со надеж и радост, не со скрстени раце, туку извршувајќи ги своите задачи во овој свет, оживотворувајќи ја неговата љубов кон човекот, нашиот брат. Тоа е таа будност за која Исус повеќе пати ни говори.
И денес сме повикани на размислување и вреднување на своето внатрешно и надворешно ЈАС. Тоа е време на исчекување, но и на конкретен одговор од наша страна. Дали сме свесни за тоа или не ние трајно чезнееме за Бог, чекаме и се надеваме дека ќе Го сретнеме во себе и околу себе, дека ќе ја искусиме неговата сила на љубовта во секојдневното живеење.
Нѐ има такви кои не успеваме да се подготвиме за средбата, кои трајно ни недостасува Бог Кој доаѓа. Да застанеме, привлечени сме од шаренилото на боите и подароците, треперењето на светилата во излозите на овој свет. Сѐ што правиме одекнува со празнина, неуспешност и нема задоволство.
Славиме роденден на нашиот Господ, а никаде не сме го почувствувале, ниту сме Го сретнале. Јаслите во нашето срце остануваат празни.
Не е доволно да се читаат големи натписи за Божиќ, не е доволно да седнеме на празничната трпеза ако љубовта во нас и околу нас умира. Таму каде љубовта ја покажуваме на дело, каде успеваме да се наведнеме над потребите на другите, каде ќе успееме да ги избришеме солзите и да го развеселиме осамениот и напуштениот, таму се раѓа Божествениот Младенец, таму се јаслите. Не остануваат празни, блескаат со целосна добрина и говорат на јазикот на љубовта. Смислата на Божиќниот пост и Божиќ е средбата со Бог.
Да бидеме будни ќе дојде Он и нема да задоцни!
с. Катарина Маглица/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк