Слобода од комплекс!

Слобода од комплекс!

Речиси и да нема човек кои нема некакви рани. Наместо да се занимаваме исклучиво со себе си, да ги погледнеме понекогаш и другите луѓе, но и самите себе си, онака како што Исус нè гледа.

Склони сме да ги гледаме луѓето околу себе и да откриваме за нив она што самите го немаме. Тоа може во нас да роди чувство дека сме скратени, дека сме помалку вредни од другите. Но, во секој човек можеме да пронајдеме нешто посебно, нешто што е само негова сопственост. Верувам дека човекот во тој поглед е прилично ограничен, дека е заробен со негативни и неправилни гледишта. Додека така еднострано ги гледаме другите луѓе околу себе, не сме способни да го откриваме она што ние самите го имаме, што другите добронамерни луѓе во нас го гледат. Во тој сплет на гледишта, секогаш ни се заканува опасноста од сопствена човекова ограниченост.

Затоа можеме многу од тоа да го гледаме погрешно, како погледот да ни е заробен и единствено можеме да видиме одреден тесен круг кои самите понекогаш дополнително си го стеснуваме и ограничуваме. На извесен начин, сето тоа потсетува на ситуација од првите страници на Библијата, кога ѓаволот го искушувал човекот и жената. Неговото искушение и замката била токму во тоа човекот да го предупреди на едното единствено стебло од кое Бог му забранил да јаде. Се случило тоа првите луѓе од тој час да не гледаат ништо друго, никакви други Божји дарови и богатства со кои располагаат, тој го гледа само тоа едно единствено стебло и тоа на негативен начин – како забрана и скратување. И јасно, од таквото гледање произлегува и гревот недоверба кон Бог, источниот грев. Токму тоа се случува кога си дозволуваме негативни чувства и негативни гледишта.

Како и денес ѓаволот да не ни дава да ја гледаме вистината за нас и за даровите кои што Бог ни ги дарувал. Гледаме што им дал на другите и мислиме дека на нас тоа ни го скратил. Немаме вернички поглед и доверба дека сето тоа што Бог го дал на нашиот брат и луѓето околу нас го дарувал и на нас; и дека сето тоа што на нас ни го дал, е исто така и дар за другите. Цвеќето во градината на нашиот сосед и на нас ни цвета и на нас исто така ни мириса. Исус ги ослободил луѓето од тоа негативно чувство на мала вредност. Со Исус секој може да се чувствува прифатено и сакано. Луѓето ги откриваат даровите кои ги поседуваат ближните и се радуваат на даровите со кои што Бог ги усреќил ближните. Меѓутоа, со Исуса човекот ги открива и даровите со кои и тој самиот е обдарен. Жената која залутала во неуреден живот, со Исуса открила дека е повикана на љубов и дека има срце кое може да љуби на благороден начин.

Човекот кој бил заробен од парите и страдал од комплексот на мала вредност поради нискиот раст, со Исус бил ослободен од страста за пари и се прифатил себе во ново светло. Почувствувал дека во него постои нешто што го поттикнува да го посети Исус, да го прифати и да го љуби. Тоа е непроценливо повеќе од сè за што порано мислел дека му е скратено. Ваков би можел да ги сака и луѓето околу себе. Исус дојде на секој човек да му ја открие длабочината на сопствената вредност, за да може непречено да ги признава и вредностите на другите луѓе околу себе.

Фра Ѕвијездан Линиќ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Вера, Духовност

За авторот