Италијански Каритас со досие за прогоните на христијаните
Повеќе од 100 милиони христијани се жртви на дискриминација, прогони и насилства од страна на тоталитарните режими или следбениците на другите религии – тоа беше истакнато во досието на Италијанскиот Каритас, објавен под насловот „Прогонетите христијани: помеѓу тероризмот и принудната миграција“.
Се проценува дека во затвореничките логори во Северна Кореја има помеѓу 50.000 и 70.000 христијани. Во Сомалија, Ирак, Сирија, Авганистан, Судан, Иран и во многу други земји голем е бројот на христијаните кои се изложени на различни видови прогонство. Се проценува дека од ноември 2013 година до октомври 2014 година поради верска омраза се убиени повеќе од 4.300 христијани, додека од истите причини нападнати се повеќе од илјада цркви.
И покрај молкот на меѓународната заедница, видлив е загрижувачкиот раст на нетолеранцијата која влијае и на многу други верски и етнички малцинства. Досието проговорува за тивките сведочења на многубројните христијани кои упорно и по цена на сопствениот живот ја сведочат својата вера. Италијанскиот Каритас е голема поддршка за прогонетите христијани, особено за оние во Ирак. Во досието стои дека честопати таканаречените верски војни ги кријат вистинските политички и економски интереси, додека многу факти зборуваат за взаемната поддршка на едноставните луѓе, христијани и муслимани, кои по цена на сопствениот живот се обидуваат да ги спасат луѓето од друга религија, затоа што во прашање е човечкиот живот.
Осврнувајќи се на објавеното досие, во разговор за Радио Ватикан, директорот на Италијанскиот Каритас монс. Франческо Соду, кој минатата година во октомври ги посети бегалците во Ербил – Ирак, рече дека објавените податоци ги загрижуваат сите луѓе со добра волја, а од друга страна ги потсетуваат владите и политичарите на нивната одговорност кон народот. Никој не смее да биде рамнодуше н- изјави монс. Соду.
На прашањето како да се разбие молкот на меѓународната заедница, рече дека загрижувачки е тоа што не се зборува за прогонствата на христијаните и дека доброто информирање е многу важно. Што се однесува пак до молкот на христијаните, нивната одговорност се однесува на христијанското заедништво, кое скогаш мора да се зајакнува меѓу браќата, меѓу Црквите. Тоа од нас го побараа христијаните кои во октомври ги посетивме во Ербил; тие молеа да не ги заборавиме. Прогонствата се тешки, а уште потешко е ако христијаните ги заборават своите прогонети браќа. Ние не смееме ниту сакаме да ги заборавиме – рече монс. Соду.
На прашањето како Црквата може да им помогне на прогонетите христијани, рече дека Црквата не смее да ги прикрива фактите; на светот треба да му зборува за прогонувањето на христијаните. Универзалната Црква секогаш треба да се моли за своите прогонети браќа, со нив да биде солидарна, за нив да им зборува на децата и младите и тие да мислаат на нив. Епископот на Ербил нѝ рече дека на бегалците им е потребна храна. Значи сите треба да придонесат на тие луѓе да им се обезбеди прехраната, да им се помогне во изградбата на куќите и училиштата – рече директорот на Каритас.
На прашањето: што можат државните институции да направат за бегалците, рече дека институциите мора да ги гарантираат основните права на луѓето. А не само да изјавуваат дека мора да се почитуваат. На луѓето не им помагаат изјавите за човековите права. Доколку човековите права навистина не се почитуваат, тогаш ништо не вредат напишаните повелби.
РВ/З.А.