Воскресението: Печат на мирот и радоста во тебе и во мене

Со ова кратко размислување, Католици.мк на сите свои читатели им го честита празникот Воскресение Христово. Христос Воскресе – навистина воскресе!

На самиот ден на Воскресението многу рано некои жени отишле на гробот (Мк 16, 1-8). Жените биле средство во рацете на Бог. Самиот Христос сакал жена да биде гласникот на Неговата победа над смртта, гласник на воскресната радост. Таа преку својата нежност, женственост и карактер, силата на пораката со продорна јасност на говорот го искажала својот страв од гробот. Тоа било страв од посилниот, страв од моќниот, страв од властите кои со пресуда му пресудиле смрт на Исус. Да бидеш осуден значи да бидеш презрен, понижен, разголен, распнат на крстот на срамот. Да бидеш без облеката која ти припаѓа, без честа на која секој човек има право, да бидеш човек без свое име, да бидеш во последниот ред во општеството. Да немаш право на сопствен живот, на свое мислење, свој став, да се умре во срамна смрт.

Со своето објавување на празниот гроб учениците ја посведочиле моќта на воскресението на Оној Кој го следеле целиот живот. Христос со своето воскресение ни порачува на тебе и на мене: Човеку ти си ми важен заради тебе ме распнаа, ме осудија, за тебе умрев, за тебе воскреснав. Тебе и мене Христос нè повикува да се менуваме себе, а менувајќи се себе го менуваме светот. На подобро. Само со вера и преку верата може да се надминат границите на смртта и со животот да се сведочи пораката на воскресната радост.

Преку тајната на воскресението нè обдари, нè збогати со дарот на Воскресението, дарот на животот. Со своето воскресение го оттргна каменот од нашите срца и ги запоседна со својата љубов. Човекот му е важен. Ти и јас сме важен фактор во Христовата програма за спасение, во Неговиот живот. Тој доаѓа и нè симнува од крстот на секојдневното распнување преку осудите на оние во чии очи сме „камен за сопнување.“ Тој го сече силниот катанец од нашите срца и ја отвора цврсто затворената врата, гробната врата на нашите срца на која е навален тешкиот камен на нашите гревови. Нè ослободува. Бог во личноста на Христос секој момент ни простува, нè прифаќа. Преку секојдневието на животот доаѓа до тебе и мене, преку дарот на животот кој ни го доверува и преку верата во силата на воскресната радост. Тој го збогатува твојот и мојот живот. Ни го дарува на мене и на тебе мирот на воскресното утро. Ни зборува со полнината на своето срце. Со длабочината на погледот продира во твојата и мојата душа. Со цврстината на својот став, преку своето Слово со јасна порака изговара: Мир вам.

Христос со силата на своето доаѓање ја руши секоја бариера во тебе и во мене. Со пораката за мир продира во твојата и мојата душа. Го остава печатот на мирот и радоста во тебе и во мене.

Агустина Баршиќ /к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

За авторот