Исусовото Слово е најголема поткрепа за нашата душа

„Секој христијанин е должен да ја храни својата вера, а тоа се постигнува со слушање на Божјото Слово, бидејќи Исус ни зборува и нè спасува по Своето Слово и ни ја зацврстува верата“, рече Светиот Отец на насобраните верници во римската парохија Света Марија од Молитвата, во Гвидониј, на северот од Рим.

Парохјаните го дочекаа со голема радост и во голем број, па за оваа пригода ги украсија дури и своите куќи со Папски фотографии и натписи. Папата дојде во придружба на кардинал Валини, викар за Римската бискупија, и тргна кон црквата, каде срдечно се поздрави со парохјаните.

Папата прво се сретна со околу стотина лица со посебни потреби и со нивните семејства. Потоа следеше средба со децата и младите, а после нешто пред 17 часот се сретна со членови на Неокатекуменскиот пат.

Папата Фрањо на крајот се сретна и со новокрстените деца, крстени во последните неколку месеци како и со нивните родители. Потоа Светиот Отец исповеди неколку лица, а потоа започна Светата Литургија.

„Исус треба да се слуша. Некој би можел да рече: Оче, јас го слушам Исус, слушам радио, телевизија, ги слушам другите како говорат за Исус. Многу слушаме во текот на денот“, забележа Светиот Отец и запраша: „Посветуваме ли секој ден нешто време како би го слушале Исус, Неговото Слово?“

„Исусовото Слово е најголема поткрепа за нашата душа“, објасни Папата додавајќи дека првите маченици ја хранеле својата вера токму од Евангелието.

„Секојдневното читање на Евангелието овозможува Словото Исусово да влезе во нашето срце и да ја зацврсти нашата вера. Ви препорачувам со себе да носите книгичка од Евангелието, да ја имате во својот џеб или во својата чанта, и кога имате време – можеби во автобус, трамвај или воз – прочитајте некое поглавје или ред. Секој ден треба да се прочита барем еден пасус од Евангелието“, рече Светиот Отец.

Папата рече дека Исусовото преображение нè повикува да гледаме во Него. „Тоа ни ги прочистува очите и ги подготвува за вечен живот, за гледање на Небото. Можеби нашите очи заболеле бидејќи гледаме толку работи кои не се по волјата на Исус – всушност – се против Исус: световните работи го потемнуваат светлото на душата. Светлото помалку се гаси, и запаѓаме во темнина, онаа духовната; во темнина на верата и тоа токму заради оти не сме навикнале да го набљудуваме и наследуваме Исус“, заклучи папата Фрањо.

После хомилијата, на Папата добредојде и поздрав му изрази парохот дон Франческо Багала, додека папата Фрањо својата благодарност до парохјаните и парохот ја упати на самиот крај на Светата Литургија и се заблагодари за свечениот и топол прием, за заедничката молитва и Евхаристија и ги замоли да молат за него.

РВ/С.С.

Категорија: Ватикан

За авторот