Исусовиот мир не доаѓа од нештата, туку од Личноста

Човекот кој во своето срце го прифаќа Светиот Дух, ќе има постојан и бескраен мир, за разлика од човекот кој избира површна доверба во сигурноста на парите и моќта, рече папата Фрањо во проповедта на светата Литургија на 20 мај во капелата на домот Света Марта.

Мирот на парите, моќта и суетите или поинаков мир: мирот на Личноста, односно мирот на Светиот Дух. Првиот мир секогаш може да исчезне, денес си богат, денес си некој, а утре не си. Вториот мир, никој не може да ти го одземе, затоа што тој е конечен мир: проповедта на папата Фрањо е прошетка низ двата брега на вечните желби на човештвото. Поттикот доаѓа од денешното Евангелие (Ив 14, 27-31), во кое Исус пред Маката им најавува на учениците: „Ви го давам мојот мир“: Мирот, рече Папата, кој потполно е различен од мирот на овој свет, кој што е површен, донесува некој спокој, па дури и помалку радост, но само до одредена точка, истакна Папата.

„Светот, на пример го дава мирот на богатството: „Јас имам мир затоа што имам среден живот, немам грижа до крајот на животот…“Таков е мирот на овој свет. Не се грижиш, нема да имаш проблеми затоа што имаш многу пари… Мирот на богатството. А Исус ни вели да не се доверуваме на тој мир, затоа што реално предупредува: „Внимавајте, има крадци… Крадците можат да го украдат твоето богатство! Парите не можат да дадат траен мир. И металот може да рѓоса, нели? Што значи тоа? Пад на берзата и сите твои пари исчезнуваат! Тоа не е сигурен мир: тој е привремен, површен мир.“

Со иста трезвеност папата Фрањо ги процени и другите два типа на световен мир. Првиот мир е „моќта“ кој исто така „не вреди“: ќе се случи државен удар и ќе ти ја однесе моќта. „Сети се како заврши „Иродовиот мир“ кога мудреците му кажаа дека се роди Царот на Израел: тој мир во истиот час исчезнал!“

Или пак мирот на суетата, кој Папата го нарекува „мир на околностите“, „денес те почитуваат, утре ќе те навредуваат“, како што му се случило на Исус помеѓу Цветници и Велики петок.

Потполно е поинаков мирот кој го дарува Исус:

„Исусовиот мир е Личност, тоа е Светиот Дух! На денот на Воскресението Он доаѓа помеѓу учениците и ги поздравува: „Мир со вас. Примете го Светиот Дух.“

„Тоа е Исусовиот мир: една Личност, голем дар. А кога Светиот Дух е во нашето срце, никој не може да ти го одземе. Никој! Тој е траен мир! Што мораме ние да правиме? Да го чуваме тој мир. Да го чуваме! Тој е голем мир, не ми припаѓа на мене туку на Личноста која ми го дарува, друга Личност која е во моето срце и ме следи во текот на целиот живот. Господ ни го дава!“

Исусовиот мир го примаме со Крштението и Миропомазанието и „се прима како што дете прима подарок“, „безусловно и со отворено срце“. Светиот Дух треба да Го чуваме, не затвароќи го во кафез. Потребно е да бараме помош од тој голем Божји дар.

„Ако го имате мирот на Духот, ако го имате Духот во себе и свесни сте за тоа, нека вашето срце биде мирно. Сигурни сте. Павле ни зборува дека за влегување во Царството Божјо потребно е да поминеме низ многу неволји (Дела 14,22). Но сите, сите ние делиме многу, многу неволји. Големи, мали… „Да не се вознемирува срцето ваше: таков е Исусовиот мир. Присуството на Духот донесува мир во нашите срца“, рече Папата објаснувајќи дека срцето во мир не е анестезирано срце. „Во мир! Свесно, во мир: со мирот кој единствено Божјото присуство може да го дарува„, заврши Папата.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот