Интервју: Ќе минат години, ама Паљурци пак ќе процвете (2 дел)

Интервју со о.д-р Зоран И. Стојанов, еден од познавачите на приликите во поклоничкото Паљурци. Паљурци место во кое пребивал свети апостол Павле, пред сто години бил најпознатиотмакедонски ходочеснички центар како духовна и економска развојна база

Католици.мк: Има ли некои сличности во Паљурци од крајот на XIX век и денешната ситуација?

Знаете светот е така создаден и поставен да неможе да не биде поврзан и одредени работи да не се повторуваат. Јас сум историчар и како таков ги гледам работите. Во деведесетите години на 19-от век (а тоа се повторува и во деведесетите години од 20-от век) се создале сили кои го сакале Паљурци од љубов и сили спротивни на првите кои го сакаат од некои интереси и омраза. Кога се сака од љубов тогаш тоа е зашто истото сака да се дарува. Тоа била идејата водителка на Католичката црква од 19-от век, таа до денес е непроменета. Впрочем, треба да сме свесни дека животот е дар Божји и како таков ни е даден на сите нас.2452

Верниците од сиот крај меѓу Валандово, Богданци, Дојран, Кукуш… со своето свештенство подржани од својот бискуп монс. Лазар Младенов и неговиот наследник монс. Епифаниј Шанов направиле паљурскиот крај да прерасне во голем духовен центар. Центар кој опфаќал брз напредок на црковно и образовно поле, а тоа пак придонело да се развие убав економски центар, кој имал сила да го покрене населението во секојдневната борба за подобар живот и напредок.

Во контактите со луѓето од богданскиот и гевгелискиот крај станувам се поубеден дека и сега во 21-то столетие може истото да се случи, зашто Паљурци е во мислите и плановите и на сегашниот бискуп монс. д-р Киро Стојанов. И тој сака Паљурци да стане важен дел од духовниот развој во Македонија, а сигурно дека тоа дело ќе биде продолжено и од неговите наследници.

Католици.мк: Има ли Католичката црква сила тоа да го направи?

Исус дал заповед на своите апостоли, која денес нé обврзува и ние да ја исполнуваме, кога рекол:„Ми се даде секаква власт на небото и на земјата. Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сè што сум ви заповедал; и ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот. Амин“ (Мт 28, 18-20).

Значи заповед која не признава ниту време ниту прилики, Евангелито треба да стигне до сите краишта на светот. Евангелие значи – Радосна вест. Тоа е нашата примарна задача во исполнувањето на Христовата заповед, да ја навестуваме надежта на Спасението и носиме радост и утеха насекаде. Во тоа сме сигурни дека ќе успееме, зашто ја имаме Исусовата заштита, кој вели: „Ќе ви го пратам Светиот Дух кој ќе ве води…“ (сп. Иван 15 и 16).

Проучувајќи ги сите околности со кои се среќавале пред 120 години, а не се откажале од замислата дека Паљурци, местото каде некогаш престојувал свети Павле треба да заживее и да донесе светлина во тогашната тешка ситуацја во која се наоѓало населението на Македонија, ми дава за право да верувам дека зборовите на о. Христофор Димитар Назов: „Ќе минат години, ама Паљурци пак ќе процвете“, ќе се исполнат.

Католици.мк: Според кажаното човечкиот фактор или погрешното сфаќање на поединци е причината поради која Паљурци сеуште не е вратен на Католичката црква?

Да, апсолутно тоа е причината поради која светилиштето во Паљурци: црквата и неколкуте капелички не се во состојба да си ја вршат својата возвишена дејност. До тоа сигурно не смееме да заборавиме дека возобновување чека и манастирскиот комплекс; разработување и дејствување чекаат полето, пасиштата, неколкуте курии и се останато… Некаде на почетокот зборував за с. Доминика Прочкова и нејзините зборови во книгата на д-р Драгов – Благородното Дело на отец Јосиф Алоати и Сестра Еврозија Алоати, на истата пак ќе се навратам: „Ако Католичката црква не го купеше сиот крај и селото од турскиот бег тоа најверојатно ќе го стореше еден не христијанин, кој сакал во селото да го донесе своето стадо и би запоседнал сѐ па дури и црквичката сакал да ја претвори во трло. Тогаш католиците ќе мораа да се распрснаат“ (наслов: Основателите го менуваат својот план). Се плашам дека некој и денес е кратковиден па наместо да ја гледа иднината на Паљурци, како место и месност за просперитет на населението, упорно го попречува вистинскиот сопственик да почне да делува за подобра иднина. Зашто, ќе потенцирам во Паљурци пред да дојдат идеите на Слугата Божји Јосиф и сестра Еврозија, се живеело сиромашно и скоро безнадежно, а луѓето работеле, истите луѓе набрзо потоа добиваат водовод со чиста вода и тоа во изобилие за себе и за стоката. Во 1907 година во Паљурци е изградена одводна мрежа во канализацијата (само да потсетам денес во Македонија селата кои имат одвод се бројат на прсти); во 1908 се случуваат многу важни дејствија во Паљурци, пуштен е погон за преработка на маслиново масло (пак ќе потсетам – денес Македонија не произведува маслиново масло); истата година владиката Шанов Македонија ја посветува под заштита на Марија Утешителка, и тоа се случува во Паљурци.

За оние кои се занимаваат со историјата на Ослободителните дејствија на Македонските револуционери од крајот на деветнаесетиот и почетокот на дваесетиот век ќе потсетам да ги прелистат заслугите на Паљурци (Македонскиот католички центар) во таа борба за слобода.

Католици.мк: Сигурно има многу уште што да те прашаме на таа тема но ќе оставиме за друг пат, за крај – дали имаш нешто посебно да порачаш за Паљурци?

Да, и тоа цитирајќи ги зборовите на големиот отец Христофор Д. Назов, кои ги запишав и во книгичката нему посветена: „Во 1913 година ако имаше правда од политичарите немаше да нé сотрат во Егејска Македонија, зашто тие ги повикаа нашите луѓе да се борат за нивните интереси, а кога беше време нас да нé заштитат никој немаше за правдата да се застапи“ (Животниот пат на ХРИСТОФОР Д. НАЗОВ 1881-1961 стр. 61). До тоа јас ќе придодадам – ѓаволот не се плаши да бара права, туку од правдата се плаши. А правдата е на наша страна! (крај)

к.мк/2452

Разговорот го водеше о. Гоце Костов, одговорен уредник

Интервју: Паљурци е светилиште на Македонецот (1 дел)

Категорија: Македонија

За авторот