Укинување на слободата, бришање на меморијата, индоктринирање на младите се три показатели на културна и идеолошка колонизација во секое време – истакна папата Фрањо во својата проповед на светата Литургија, во домот Света Марта на 23 ноември 2017 година, враќајќи се исто така на литургиските читања кои овие денови говорат за прогонот на Антиох IV Епифан, кој е насочен против Макавајеците, верни на законот на татковците.
Тоа што му се случило на Божјиот народ – продолжи Светиот Отец – се случува секој пат кога на земјата се појавува нова културна или идеолошка диктатура која е колонизација. Сетете се што во минатиот век, диктатурите направиле во Европа, како и индоктринацијата во училиштата – рече Папата.
Се одзема слободата, се деконструира историјата, сеќавањето на народот, а на младите им се наметнува образовен систем – истакна папата Фрањо и продолжи: Сите (дикататури) постапуваат така. Понекогаш тоа го прават дури и со бели ракавици. На пример, кога некоја земја од другите бара заем, тогаш ѝ се порачува: „Ќе ти дадам пари, но во училиштата мора да подучуваш за следното“, давајќи ти потоа книги, книги кои го истиснуваат сето она што Бог го создал и како што го создал. Ги бришат границите, историјата и зборуваат дека од денес започнува да се размислува на нов начин. А кој не размислува така, ќе се остави на страна, па дури и ќе се прогони – рече светиот Отец.
Тоа се случило и во Европа – објасни Папата – во која тие кои се противеле на геноцидните диктатури биле прогонети, им се заканувало, биле лишени од слобода, што одговора така на „поинаков облик на мачење.“ А заедно со слободата, идеолошката и културната колонизација исто така го укинуваат и истиснуваат и сеќавањето, сведувајќи го на „бајки“, „лаги“, „старомодни работи“ – предупреди Светиот Отец. Потсетувајќи потоа на мајката на Макавајеците која ги поттикнува своите синови јуначки да го прифатат мачеништвото, папата Фрањо ја нагласи единствената улога на жената за чувањето на сеќавањето и историските корени.
Чувајте го сеќавањето, сеќавањето на спасението, сеќавањето на Божјиот народ, сеќавањето кое ја зајакнала верата на тој прогонет народ, која го прогонувала таа идеолошко културна колонизација – нагласи Папата и продолжи: Сеќавањето ни помага да го надминеме секој изопачен образовен систем. Да се сеќаваме, да се сеќаваме на вредностите, на историјата, работите кои сме ги научиле. Овде е потоа и мајката, мајката која како што сведочи Втората книга за Макавејците, два пати зборува и тоа со „јазикот на таткото“, односно на дијалект. И нема таква културна колонизација која може да го победи дијалектот – рече папата Фрањо.
„Женската нежност“ и „машката храброст“ на мајката на Макавејците кои ги зајакнуваат историските корени со јазикот на таткото во одбрана на своите синови и народот Божји – рече Светиот Отец – ни дава да мислиме колку само силата на жената е способна да се спротивстави на културната колонизација. Тие се мајки и жени, чуварки на сеќавањето, на дијалектот, способни да ја одбранат историјата на народот и да ја пренесат верата која потоа теолозите ја објаснуваат.
Божјиот народ оди напред благодарение на силата на толку храбри жени кои знаеле да ја пренесат верата на своите деца – рече Папата – и само тие, мајките, знаат да ја пренесат верата на дијалектот. Нека Господ секогаш ни ја дава милоста во Црквата за да го сочуваме сеќавањето и да не го заборавиме дијалектот на таткото и да имаме храбри жени – рече на крајот папата Фрањо.
РВ/к.мк