Дали одењето на света Литургија секоја недела не е премногу? Го ценам вашето прашање, па дозволете ми да одговорам на тоа.
Прво, дозволете ми да се осврнам на прашањето за одењето на света Литургија секоја недела каде има доволно свештеници и ја имаат таа привилегија секоја недела (или можеби дури и секој ден!). Мислам дека прашањето би требало да биде не зошто треба да одиме секоја недела, туку колку сум среќен што можам да одам секоја недела. За некои, светата Литургија може да изгледа досадна, сува и здодевна.
Секогаш може да изгледа како иста стара работа која постојано се повторува. Можеби изгледа дека не добивате многу од проповедта, можеби не ви се допаѓа пеењето, можеби е студено во црква, можеби имавте долга недела и се чувствувате поспано. Без оглед на сето тоа, секогаш ќе има работи што би можеле да ги посочиме и што ни изгледаат како оправдание за да не одиме на неделна Литургија. Но, она што треба да го разбереме е дека светата Литургија секогаш е света Литургија, без оглед на што било друго. И кога навистина разбереме што значи светата Литургија за верата никогаш нема да сакаме да ја пропуштиме!
Светата Литургија е начинот на кој Бог нè храни секоја недела. На Литургијата сме повикани да го препознаеме вистинското присуство на Бог подлабоко и пореално. Таа навистина е извор и врвот на нашиот живот на земјата. Кога ќе пристапиме на света Литургија со длабока вера и разбирање за големото таинство со кое се соочуваме, ќе имаме копнеж и желба да бидеме подолго и почесто присутни. Кога ќе примиме Света Причест со вера и отворено срце, ние влегуваме во единство со Исус во длабочините на нашите души. Исус влегува во нашите животи, ни се дава себеси како наша храна за животот и ги претвора нашите тешкотии и борби во радост. Светата Литургија има неизмерна моќ да не промени и да нè приближи до Бога. Има неизмерна моќ, со која ни помага во животот да станеме сè што Бог има намера со нас да направи. Во светата Литургија ние стануваме едно со Христос па можеме со свети Павле заедно да кажеме: и јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене (Галатјаните 2,20)
Можеби е тешко да се разбере, но ве охрабрувам да се запознаете повеќе со светата Литургија. Мислам дека е важно да ја проучиме и да дознаеме што кажале многу големи светци за неа. Не познавам таков што добро ја сфатил светата Литургија, а да не сака да присуствува на неа.
Catholic life/к.мк