Звањето на отец Јосиф Алоати
Јосиф Алоати основател на заедницата на Сестрите Евхаристинки е роден на 20 јули 1857 година во Виластелоне, Италија и крстен е истиот ден во црквата свети Иван Крстител.
Раѓањето на Јосиф било сврзано со големи маки за мајка му. Се покажала потреба од лекарска помош. За несреќа Катерина паднала во рацете на еден надрилекар кој се послужил со фалсификувани документи за да се претстави како човек на медицината. Навистина, потоа надрилекарот бил демаскиран, но многу касно, зашто малиот Јосиф требало во текот на целиот свој живот да ги носи последиците од самонаречениот доктор. Левото око на новороденето дете било сериозно повредено. И покрај телесната мана на окото Јосиф бил одличен ученик во основното училиште. Се запишал во гимназија но во 1872 година лекарите констатирале дека десното око со кое единствено гледал било многу оптеретено и постоела опасност од сериозна повреда. Бил принуден да ја напушти гимназијата и дедо му го поставил за заменик директор во нивната фабрика за свила. Бил многу посветен на работата но сепак чувствувал дека индустријата не е негово звање.
Двете години поминати во фабриката биле полни со душевна борба зашто тој мечтаел да стане служител на Христос. Но сепак тој не очајувал. Целата надеж му била упатена на Бога. Јосиф имал голема надеж дека света Богородица Лурдска ќе му помогне за окото, бидејќи таа му го спасила видот и на знаменитиот нејзин застапник Анри Ласер. Јосиф си порачал вода од Лурд. Сите негови роднини започнале деветница на света Богородица Лурдска и секој ден тој си го миел окото со чудотворната вода. Тој имал голема надеж дека ќе оздраве и не останал посрамен во надежта. Кон крајот на деветницата 23 јуни 1873 година кога ги надгледувал работниците во фабриката за свила со левото око забележеал дека една работничка зема помалку копрени нишки од колку што треба. Изненаден Јосиф го затворил десното свое око и останал поразен па извикал: „О чудо, јас гледам! О света Богородице ти благодарам!” Веста за излекувањето на Јосиф се пренела брзо меѓу роднините и сите благодариле на Пресвета Блогородица за тоа чудесно оздравување.
Есента, 1874. година Јосиф бил примен во колеџот во Сарнафико за да го продолжи образованието. Овде успешно го завршува филозофскиот факултет во 1877 година. Истата година Господ почукал уште посилно на срцето на отец Јосиф и тој решил целосно да одговори на повикот Господов.
Заедницата на отците Лазаристи му одговарила најмногу за неговото звање. Уште како ученик имал можност да ја оцени благотворната работа на тие ревносни мисионери. Отец Јосиф го имал прочитано животот на свети Винкентиј од Паул, оснавател на отците Лазаристи и со голем интерес ги следел преживувањата на славиот светец кој бил заробен од разбојници и однесен во Тунис, каде бил продаден на еден рибар, па на еден лекар и најпосле на еден човек кој го спасил. Доживувањета на основателот на Лазаристите многу го интересирале дваесет годишниот Јосиф и му ја вдахнале идејата и тој да стане мисионер за да ги спечали за Бога душите на јазичниците. Раскажувањата на мисионерите кои се враќале од Индија или Кина, пишувањето за тие земји во мисионерските списанија – сето тоа раѓало во душата на Јосиф неодолива желба да тргне и тој по патот по кој врвел свети Винкентиј и по кој го следеле неговите ученици. Некаква длабока мисла му поткажувала на студентот дека тој е предодреден да го проповеда Словото Божјо во далечните земји. Кина посебно го воодушевувала. Можеби во него не била туѓа и идејата да стане маченик за верата во Кина. Во 1870 година кинезите убиле неколку мисионери и 10 милосрдни сестри во градот Тиен-Цин, а тоа случување предизвикало во многу мисионери и мисионерки желба за мачеништво.
Најпосле тој го зел судбоносното решене да пристапи во заедницата на Лазаристите. Неговите учители и наставници имале можност да му го оценат карактерот, благочестивоста и желбата за духовни подвизи и без колебање ја прифатиле неговата молба. И така, есента 1877 година дваесетгодишниот Јосиф пристапил во новицијатот на отците Лазаристи во Киери недалеку од Торино. Тој се почувствувал пресреќен зашто можел целосно да му се посвети на Бога и да му ја предложи својата безрезервна служба за цел живот.
Далеку од светот и од неговите убавини Јосиф имал можност да се сосредоточи цел во себе и да изработи програма за идниот свој мисионерски живот. Во тие денови на богат духовен живот тој ја напишал и мотото која решил да ја следи целиот свој живот: „Amare, patire, e fare tutto per Il Dio, E il solo mio volere, é il mio desio” односно „Да сакам, да страдам, да правам сé за Бога – тоа е единствената моја желба, единствениoт мој копнеж”.
Годината на новицијатот завршила. Јосиф бил целосно убеден дека неговиот повик е да му служи на Бога во заедницата на отците Лазаристи. Во 1878. година испратен е во Торино да учи богословија. И тука Јосиф веке замонашен имал можност да ја пројави својата длабока благочестивост и истовремено да напредува во науката која е неопходна за Божјите служители. После 4 години завршува богословија и на 23 септемри 1882 година се остварува неговиот сон – ракоположен е за свештеник од архиепископот на Торино,опкружен од татко му, вујко му, браќата и сестрите. На осмиот ден од ракополагањето тој служел во родниот град Виластелоне.
На денот на ракоплогањето тој веќе си мечтаел како ќе служи на Христос како апостол во далечниот исток. И на . октомври 1882 година кога генералниот настојник го повикал во Париз тој бил уверен дека ќе биде испратен во Кина. Веднаш заминал за Париз и се јавил пред својот настојник отец Фиат. Се поздравиле љубезно и отец Јосиф очекувал од настојникот да го изговори името на земјата во која ќе биде испратен. Но настојникот не го изговорил очекуваното име на Кина, а само му загатнал дека еден мисионер треба да биде готов да ги исполнува наредбите на својот одговорен, поставен од Бога. Да оче, одговорил младиот свештеник – првата добродетел на еден редовник – мисионер е да биде послушен на своите поглавари. Добро сине одговорил настојникот – јас решив да те испратем во Блискиот Исток, а не во далечниот. Вие ќе отидете во Солун, главен град на Македонија. Нашата мисија таму има потреба од ревносен свештеник како вас. Уверен сум дека и во Македонија ќе можете да направите нешто за царството Христово. Отец Јосиф видно разочаран замолчел малку но потоа спомнувајки си за монашките правила според кои преку устата на поглаварите зборува Бог рекол: „Штом е тоа волјата Господова, ќе ја исполнам со радост и задоволство…”
На 19 октомври истата година тргнал за Солун од Марсилското пристаниште; на 27. октомври бил во Цариград и од таму на 30 октомври, 1882 година отец Јосиф слегол на Солунското пристаниште. Багажот му бил многу лесен и тој лесно го носел. Во куферот негов имало три книги: молитвеникот, книгата „Следи го Христос” и Божествена комедија од Данте Алигиери. По помалку од еден час тој бил пречекан радосно од браќата Лазаристи во Солун. Младиот 25 годишен свештеник израснат во длабоко религиозно семејство, во град со високо развиена индустрија, со висока култура, а пред сé град богат со цркви и религиозна традиција, град каде се оддавала голема почит на светата Евхаристија дошол во Македонија. И што нашол во Македонија? Сиромаштија и само сиромаштија – материјална сиромаштија, културна сиромаштија, духовна сиромаштија. Наместо да се разочара и да бара што поскоро враќање назад тој со целото свое битие наполно оставен во рацете на Господ гледа на кој начин да му помогне на бедното македонско население кое било жедно за Божјата наука. По Божје вдахновение тој заедно со својата сестра, Еврозија Алоати ја основал заедницата на Сестрите Евхаристинки. Неговата богата мисија во Македонија била надалеку позната. Од неа црпеле благодети сите кои живееле во Солун, Гевгелија и Гевгелиско. И во најтешките моменти за црквата и заедницата на сестрите Евхаристинки тој црпи сили од Исус Евхаристија и продолжува само напред. Животот го завршува во Торино скромно, тивко. Но имајќи го во предвид неговиот духовен живот на земјата ние сме убедени дека, тој од небото и денес нѐ престанува да се моли за потребите на македонскиот народ, за Црквата во Македонија.
И денес во Македонија има Божји служители од други земји кои ревносно служат на Бога и Божјиот народ во Македонија. Му благодариме на Бога за сите нив и секој ден му се молиме да Тој ги бодри и води во служењето и целосното дарување Нему и верниците кои им се доверени.
Од добротоврното дело на отец Јосиф Алоати и сестра Еврозија Алоати.
Сестри Евхаристинки – Гевгелија