За Јубилејот на милосрдието
По повод Јубилејот на милосрдието во Катедралната Црква Успение на Пресвета Богородица – Струмица на 13 декември со почеток во 10.30 часот ќе бидат отворени Светите врати oд страна на Н.В.П. монс. д–р Киро Стојанов, односно на истиот ден во 18.00 часот во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје. Сите сме повикани да присуствуваме на оваа ретка можност и како што вели папата Фрањо „да го живееме времето на милосрдието, ова е време на мислосрдие“.
Папата Фрањо на 13 март 2015 годиина во базиликата Свети Петар во Ватикан со булата „Лицето на милосрдието“ ја најави вонредната Света Година. Јубилејот на милосрдието започна со отворање на Светите врати на базиликата Свети Петар во Ватикан на празникот Безгрешно зачнување на Пресвета Богородица на 8 декември (21 декември според јулијанскиот календар), а ќе заврши на 20 ноември 2016 година на празникот Христос Цар на созданието.
Јубилејот има старозаветни корени, а самиот збор доаѓа од еврејскиот збор јубал (овенски рог) со кој се трубело при чинот на прогласување на Јубилeјната година. Според древната еврејска традиција, јубилејна година се славела секоја 50 година и со неа се враќала еднаквоста меѓу сите Израелци, нудејќи им нови можности на семејствата кои ги изгубиле своите имоти, па дури и својата сопствена слобода. Исто така јубилејната година била потсетување на богатите дека ќе дојде време, кога еврејските робови ќе бидат слободни и кога повторно ќе бидат еднакви со нив и ќе бидат во можност да ги вратат од нив своите права. Јубилејот во Стариот Завет има општествена важност, заштита на слабите, бидејќи тогаш требало да им се простат ненаплатените долгови, да се ослободат робовите, па дури и земјата одморала и останувала необработувана.
На оваа старозаветна традиција Католичката црква и дава духовно значење, кое се состои во општо простување, отворено кон сите и е можност да се обнови односот со Бог и ближните. Затоа секоја Света Година е можност за продлабочување на сопствената вера и сведочење на христијанскиот идеал.
Со Јубилејот на милосрдието папата Фрањо сака во центар да го стави милосрдниот Бог, кој сите ги повикува да се вратат кај Него. Средбата со Него ја раѓа крепоста милосрдие. Светиот Отец истакнува дека тоа е можност да станеме „милосрдни како што е милосрден вашиот Отец“. Папата е уверен дека „целата Црква во овој Јубилеј ќе пронајде радост во откривањето на Божјото милосрдие и ќе ја направи плодна, милосрдие со кое сме повикани да ги утешуваме сите мажи и жени од нашето време“.
Во својата порака за Великиот пост 2015 година Светиот Отец пишува: „Колку многу посакувам на сите места каде што Црквата е присутна, посебно нашите парохии и заедници, да станат острови на милосрдието во морето на рамнодушноста.
Јубилејот започна со обредот отворање на Светите Врати, што на симболичен начин истакнува дека во текот на Јубилејот на верниците им се нуди „посебен пат“ до спасението.
„Која е симболиката на отворањето на вратите? Исус за себе говореше нарекувајќи се често Добар Пастир. Во Евангелието читаме како Тој е врата на трлото и дека преку Него се влегува и излегува и наоѓа пасиште, а сите кои поминуваат покрај тие врати се разбојници и крадци. Што значи дека вратите сами по себе не се симбол, симбол е Исус Христос, кој е вратата на Црквата – заедница на собраните. Да се отвори Јубилејната врата значи да се затропа на Христовото срце и да се бара влез. А Исус рече дека нема да влезе сeкој кој ми говори Господи, Господи, туку оној која ја врши волјата на Мојот Отец. Тоа е верски чин, а не пуст обред“ – пишува владиката монс. Киро Стојанов по повод Јубилејната година на милосрдието.
Сите кои во текот на Јубилејната година ќе поминат низ Јубилејната врата и се помират со Бог преку Светата Исповед и со ближниот преку простување, ги измолат предвидените молитви по накана на Светиот Отец и направат дело на милосрдието ќе бидат наследници на целосен опрост.
Откако на 8 декември Светиот Отец ги отвори Светите Врати на базиликата Свети Петар во Рим, наредната недела, 13 декември 2015 година во сите катедрали во светот ќе се отворат Свети Врати.
По тој повод и во Катедралната Црква Успение на Пресвета Богородица – Струмица на 13 декември со почеток во 10.30 часот ќе бидат отворени Светите врати oд страна на Н.В.П. монс. д–р Киро Стојанов, односно на истиот ден во 18.00 часот во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје. Сите сме повикани да присуствуваме на оваа ретка можност и како што вели папата Фрањо „да го живееме времето на милосрдието, ова е време на мислосрдие“.
к.мк/о. Гоце Костов