Го запознав мојот сопруг пред 28 години. Тогаш имавме малку повеќе од 20 години и бевме вљубени …
Јас, како верник, долго се молев на Бога да ми даде човек кој нема да ме оддалечи од мојата вера. Така и беше. Никогаш не молев да биде верник, туку да не ме оддели од Него.
Пред да се омажам, размислував за фактот дека тој не е христијанин. Тој се согласи да се венчаме во црквата и нашите идни деца да се воспитуваат во христијанскиот дух (имаме три деца, сите се крстени и ја примија првата света причест).
Го прифатив овој крст, да ја живеам верата во самотија во рамките на брачната заедница, со задача да го сакам Бог за мене и за него.
Понекогаш е тешко сама да ја живееш верата: кога гледате парови на литургија или кога размислувате дека не можете да се молите заедно со партнерот …
Но, сето тоа го предавам на Бога, како би можел Тој тоа да го менува и да вложува, заедно со мојата молитва, во промената на срцата на мојот сопруг и моите деца, да можат и тие да го имаат искуството на Бога.
Се чувствувам повикана да ја следам Божјата волја и да бидам онаа која ќе ја донесе светлината на верата во моето семејство, секогаш молејќи се за моите блиски да ја најдат верата.
Да се биде дел од семејство на верници и неверници значи да се биде повеќе задлабочен во светот, многу блиску до различни гледишта, со слобода и верувања кои се почитуваат.
Бог ми помогна мојата вера да стане посилна, бидејќи во моите раце стави голема задача и го исполни она што го барав од него на почетокот на овој пат: ништо да не ме оддалечува од моите верувања.
Мојата вера ми помага да се потпрам на Бога, и во моментот за кој Тој мисли дека е соодветен, ќе ги допре срцата на моите драги, но за да го направи тоа, потребна му е мојата молитва. “Ништо без Тебе, ништо без нас”.
Молитва за сопругот – мојот партнер и најдобар пријател
Господи, Ти, кој ги познаваш срцата
и барањата во длабочините на секоја душа,
денес сакам да се молам за мојот сопруг,
кој толку ми е при срце,
кого го избрав благодарение на Тебе,
да биде мој партнер и мој најдобар пријател,
кого го сакав и избрав на страниците на мојот живот.
Сакам да се молам за неговото срце.
Гледај го со нежност и милувај ги неговите најдлабоки рани;
Лекувај ги неговите сеќавања од болните спомени
и подари му секогаш нова радост на усните.
Исполни го неговото срце со љубов,
неговите зборови и неговите движења
нека ни донесат нам кои сме му блиски
близина и сигурност кои толку ни се потребни.
Зајакни ги неговите раце,
неговата работа да биде чесна и добра.
Води ги неговите мисли за неговите стапки
да бидат благословени.
Не го отргнувај погледот од неговите денови,
како би почувствувал дека го сакаш.
Привлечи го до изворот на твојата љубов
ако е далеку,
чувај го соединет со Тебе
кога веќе ја прифатил твојата љубов.
Земи ја неговата рака и води го секој ден,
како татко и сопруг.
да биде верен на Твоите заповеди.
И неговото присуство
да побудува сила, храброст и безбедност.
Неговото семејство да може да му се обрати
за поддршка и лидерство, сила и помош,
во секоја ситуација.
Нашите деца во него да откријат
пример за совршена љубов и сигурност;
во неговата прегратка да ја научат вредноста на работата
и верноста,
и преку неговите зборови да одат по патот на чесноста
и одговорностите.
Благослови ја неговата работа и раце кои
од ден на ден не се уморуваат;
сите негови патишта да бидат благословени.
И јас, како жена, да можам во него да ја откријам
искрената и вечна љубов, за која секогаш копнеев.
Дај ми способност да го разберам и да го сакам,
Да не барам да го променам, туку повеќе
да го ценам.
Да можам да го исправам со внимателност и да одам
крај него,
почитувајќи ја неговата личност и нашите разлики.
Да го сакам и да го водам секој ден
со моите молитви и пример
до нашата цел, а тоа е небото,
каде што љубовта ќе биде вечна.
Да го најдам во него
изворот на човечката љубов.
Неговото срце да не се вознемирува,
и нашите срца во истиот ритам
да ги поврзуваат сопствените отчукувања,
така што оние кои го делат животот со нас
во нас ја видат убавината на Божјата љубов!
Жена врсна/к.мк/Превод: Кате Меновска