Велики Петок

Велики Петок

Велики Петок е тежок ден, а исто така и ден на благодат. Тежок затоа што денес го гледаме Исус на крстот; на благодат затоа што денес го гледаме Исус на крстот. Како е можно Исус на крстот во исто време да биде нешто тешко за овој ден но исто така и благодат за овој ден? Во контемплацијата за страста во Духовните вежби, свети Игнатиј Лојолски нѐ повикува да бараме милост за да измолиме „болка, жалост и збунетост, бидејќи Исус отиде да страда заради моите гревови“. А потоа во другата контемплација, нѐ советува да измолиме, болка со ожалостениот Христос, пад со скршениот Исус, солзи, внатрешна жалост зашто Христос страда за мене“. Болката, ожалостеноста, збунетоста, солзите не се лесни чувства. Всушност, многуина од нас би сакале да ги избегнеме овие чувства, да ги негираме, или да ги немаме како дел од нашиот живот.

Тешко е да контемплираме за Исус на крстот, бидејќи е тешко да ја соочиме сопствената болка со болката на другите. На лично ниво, постои болка од болест, од разделба на некоја драга личност, од осаменост, од неуспех, од лична криза. Но постои и болка за некој кој страда од голема неправда, болка на сиромашните, на луѓето без стабилно живеалиште, на мигрантите кои доаѓаат во нашиот регион, на прогонетите заради нивната вера и на сите кои страдаат заради насилството од војните, од непријателствата помеѓу народите, од социјалните нееднаквости. Секој ден среќаваме болка во медиумите, на крсниот пат во Африка и на Блискиот Исток. Сета онаа болка тешко е да се контемплира. Понекогаш посакуваме да не ја гледаме, затворајќи ги очите, негирајќи ја. Но не е возможно; секојдневно ја наоѓаме по весниците, тропа на нашата врата и бара по малку милост.

Но уште потешко е да ја препознаеме сопствената улога за болката кај другите, мојата одговорност за болката во светот. Исто така и јас, исто така и ние може да предизвикаме болка кај другите: со нашата индиферентност и недоразбирање, со нашето вербално или физичко насилство, или затворајќи ги очите за да не ја видиме, и затворајќи ги рацете да не му помогнеме на оној кој е во потреба.

Не е лесно да се слушне описот за слугата кого го опишува пророкот Исаија: мојот слуга е обезличен, без изглед ниту величие, презрен, измачуван, отфрлен, понизен; човек во болки, прободен со копје заради нашите гревови, осуден заради нашите беззаконија; беше отстранет, претепан до смрт. Станува збор за пророчкото опишување за Христос, како слуга, кој страда во својата човечност, и во човечноста на сите наши браќа и сестри кои ја искусуваат болката, насилството, и смртта.

Но денес, Велики Петок, исто така е ден на благодат. Исусовиот крст е парадоксален знак. Од една страна ја покажува неправедната смрт на еден невин човек (колку ли невини неправедно умираат секој ден!) и, од другата страна, ја открива љубовта на оној кој го дава својот живот за нас. Целиот Исусов живот е изобилство на љубов за нас: Тоа е благодатта на овој ден. Во вчерашното евангелие слушнавме: „Пред празникот Пасха, знаејќи Исус дека Му дојде часот Негов за да премине од овој свет кон Отецот, и бидејќи ги засака Своите во светот, до крај ги засака.“ Ова искуство на љубов контемлирајќи го Христос на крстот  нѐ повикува да растеме во милосрдието и во нежноста. Болката во самата себе нема значење, се доживува како нешто кое не требало да се случи; но може да добие значење доколку се промени, да се преобрази во луѓе на милосрдие и нежност, во луѓе кои живеат со срце отворено и раце отворени за давање, за помагање.

Но постои нешто повеќе. Да се контемплира Христос на крстот, да се контемплира невиниот кој неправедно страда, е еден повик да се потрудиме во одбрана на сиромашните и слабите, на сите оние кои доживуваат неправедно страдање, насилство и презир.

Да се контемплира Христос на крстот е повик на верата, да веруваме дека љубовта е посилна од смртта; дека живеената и споделената љубов, која бесплатно е дарувана има таква сила што ја надминува болката, страданието, неправдата, особено кога оваа љубов се претвора во солидарност со најслабите и во вистинска помош за оние кои им е најпотребна. Всушност, кога љубовта нѐ прави да се чувствуваме како браќа и сестри на другите и веруваме дека секој човек, без разлика на неговата животна состојба, достоен е за почит, да биде прифатен и за милосрдие.

О. Луис Орландо Торес/З.А.

Категорија: Вера, Духовност

За авторот