Зашто Бог не се покажува?
Тоа би било многу поедноставно. Колку заблуди би се избегнале, грешки, злодела и несреќи, кога најголемото Добро би било помеѓу нас и видливо за нашите очи!
Општо се наведуваат три причини за отсутноста на Бога што нѐ остава во лутање и сомнеж: првата е што Неговата присутност би ни ја одземала целата слобода на расудување и со тоа на еден начин детерминизмот на природата би бил заменет со неговиот, а тој сака да бидеме слободни битија; втората причина е што би ги загубиле неизмерните благодати на верата и заслугите кои се поврзани со неа. Третата причина е што Божјата природа е толку различна од нашата (Тој е бескраен, а ние не сме; Тој е вечен, а ние не сме, Тој е Дух, а ние сме создадени од материја која се распаѓа) па е невозможно тој да влезе во тесното поле на нашите способности. Кон ова се придодава понекогаш и четврта причина, иземена од Светото Писмо, според кое никој не може да го види Бога, а да не умре. Но и тие причини се спорни, па може да се каже, тргнувајќи од последната кон првата, дека ништо не би го спречило Бога, ако е Семоќен, да ни даде средство и ја доживееме неговата присутност, ублажувајќи ја Својата светлина; дека верата е сигурно убава работа, но ангелите кои стојат пред Бога и затоа не им треба никаков чин на вера, поради тоа не се помалку љубени од нас; конечно, тешко би се најдело човечко битие кое не би сакало да ја замени својата слобода со сигурна гаранција за среќа.
Меѓутоа…
Јасно е дека видливата присутност на Бога би створила сосема друг свет, а ние треба нашиот да го разбереме. Навистина Божјата Скриеност е причина за нашата слобода на совеста без која би биле механички играчки и без најмалата способност за дијалог. Вистина е исто така дека Божјата Скриеност дозволува процвет на верата, а тоа на Бога најмногу му се допаѓа кај нас. Бидејќи е вистина дека нашите сетила ни создаваат слика од мал дел на стварноста: кога сите „фреквениции“ на вселената би се снимиле на линија долга 1 км, ние од тоа дали би прочитале и парче од 3 мм; во тие услови немаме никакви можности да уловиме онаа што се вели „нулта фреквенција“ од несоздадената светлина. На крај, навистина е складно со Светото Писмо дека „никој не може да го види Бога, а да не умре“, бидејќи тоа видување би било прекумерно за нашите способности, што на крај би било исто што и преобразба. Но во таа тајност на Бога може да се даде и друго објаснување од искуството, а се поврзува со љубовта. Тоа искуство го проживуваат сите мистици или го имаат доживеано. „Ти си Оној, кој е Сѐ“, воскликна Катарина од Сиена, „а јас сум онаа, која е ништо“ – тоа не било само вежбање на понизноста, туку едноставно спознавање на видлив факт. Блескавата духовна светлина која го опкружува Бог искажува невидлива присутност на големата невиност, пред која секој сам себе се осудува, оние најдобрите во тоа се најстроги – а во својата добрина Бог тоа не го сака.
Мнозина под влијание на строгите јансенистички мисли Бога го претставуваат како судија и се плашат да пристапат пред неговото Лице. Вистина е дека ние пред неискажливата Божја чистота би биле наклонети да се осудиме самите себе, срамејќи се не што навредивме една Семоќност, туку што ранивме едно дете. Но ќе имаме застапник, а тоа ќе биде самиот Бог, кој ќе не застапува. Голема е драмата на човечката раса што не разбира ништо за љубовта и на љубовта и става граници кои постојат само во нашите срца.