Започнаа подготовките за посетата на Папата на Шри Ланка
Посетата на Папата на Шри Ланка од 12 до 15 јануари следната година ќе помогне во надминувањето на поделбите на земјата, истакна кардинал Малком Ранџит, надбискуп на Коломба и претседател на бискупската конференција.
Во земјата во која двете етнички заедници со години не се согласуваат, доаѓањето на папата Фрањо ќе овозможи размислување за важноста на мирот и помирувањето, како и за започнување на дијалогот меѓу спротивставените страни и Владата, објасни кардиналот.
Од 1975 година во Шри Ланка владее голема напнатост меѓу шриланското мнозинство, составено од будисти, и од друга страна тамилско, хиндуистичко и христијанско малцинство, кои формираа герилската група Тамилски тигри за ослободување на островот и се бори за независност на северните покраини. По повеќегодишни судири, бунтовниците во мај 2009 година се поразени, но завршувањето на судирите не ги реши проблемите на тамилската етничка заедница, меѓу кои ослобудувањето на политичките затвореници, враќањето на одземените територии и кршењето на човековите права во земјата.
Во меѓувреме, започнаа подготовките за дочекот на Светиот Отец. Поради тоа бискупската конференција минативе денови формираше одбор и посебен совет, со задача посетата на Папата да ја направат видлива и плодна. Меѓу бројните потфати треба да се спомене отворањето на католичка телевизија, наречена „Вербум ТВ“, која во првите неколку месеци ќе се емитува само на интернет, додека од декември оваа година нејзините програми ќе бидат емитувани и на дигиталната телевизија. Отворајќи го седиштето на телевизијата, кардиналот Ранџит истакна дека за Католичката Црква во Шри Ланка таа католичка телевизија ќе биде еден од новите начини на евангелизација и настојувањата да се разјаснат недоразбирањата поврзани со фундаментализмот.
Патувањето на папата Фрањо во Шри Ланка ќе биде негово второ апостолско патување во Азија. Од 13 до 18 август ќе биде во Јужна Кореја, а веднаш по Шри Ланка ќе ги посети и Филипините, и тоа од 15 до 19 јануари следната година. Деталите за посетата на Папата на Шри Ланка уште се утврдуваат, но секако, постои големо очекување и кај месната Црква. Освен тоа, средбата со Папата ќе се одржи неколку месеци по посетата „ad limina“ на Бискупската конференција на Шри Ланка, одржана во мај оваа година. По тој повод Светиот Отец ги охрабри бискупите да поттикнуваат помирување, и тоа со цел почитување на човековите права, и да се надминат етничките напнатости што владеат во таа земја, бидејќи верата може да воспостави озрачје на дијалог за изградба на поправедно општество. РВ//В.Н.