Заклетва на регрутите на Папската швајцарска гарда

Заклетва на регрутите на Папската швајцарска гарда

Во понеделник, на 6 мај 2024 година, во Ватикан, 34 новаци на Папската швајцарска гарда ќе положат заклетва на знамето на Гардата, пренесува „L`Osservatore Romano“ во изданието на весникот од 18 април 2024 година.

На годишнината од опустошувањето на Рим во 1527 година, кога се убиени 147 војници во одбрана на папата Климент VII, новите гардисти ветуваат дека ќе го штитат и бранат Папата и сите негови легитимни наследници, дури и во ризик да ги загубат своите животи. На традиционалната церемонија, која ќе се одржи во 17 часот во дворот на Апостолската палата (Свети Дамас), во име на папата Фрањо ќе присуствува надбискупот Едгар Пења Пара, заменик за општи работи при Државниот секретаријат на Светиот Престол.

Настанот на кој ќе присуствува и командантот на Гардата, полковник Кристоф Граф, поминува во празнична атмосфера. За таа прилика, стражарите ја носат униформата „Гран Гала“, вклучувајќи го и оклопот кој се носи за време на Папскиот благослов Урби и Орби на Божиќ и Велигден.

Како и секоја година, на овој настан ќе присуствуваат делегацијата на Швајцарската Конфедерација предводена од претседателката Виола Амхерд, претседателот на Националниот совет Ерик Нусбаумер и претседателката на Советот на држави Бригита Ева Херцог. Исто така ќе присуствува и претседателот на Швајцарската бискупска конференција, монс. Феликс Гмур, бискуп на Базел. Според традицијата, годинава домаќин на оваа церемонија е кантонот Базел-Ландшафт, на чело со претседателката на кантоналната влада, Моника Гшвинд.

Истиот ден наутро, во базиликата „Свети Петар“, државниот секретар на Светиот Престол, кардиналот Пиетро Паролин, ќе ја предводи светата Литургија за гардистите.

Ден порано, во недела, на 5 мај, попладне, по Вечерната во црквата „Света Марија“ на Тевтонските гробишта, ќе се одржи вообичаеното положување венци во чест на паднатите гардисти на 6 мај 1527 година, и доделување одликувања на Плоштадот на римските првомачениците. Одликувањата ќе ги врачи монс. Пења Пара.

Швајцарскиот гардиски корпус вклучува гардисти од сите јазични региони на Швајцарија, а во моментов мнозинството гардисти потекнуваат од кантонот Фрибург (17), по што следат кантоните Вале (16) и Сант Гален (13).

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот