Задушница

Задушница

Овој ден Црквата пред очи на посебен начин ни ја става таинството на животот и таинството на смртта. Тоа е таинство на конечната Христова победа над гревот и смртта, таинството на Христовото воскресение. Бидејќи Бог не ја создал смртта, туку таа преку гревот влегла во светот, Бог нѐ повикува секојдневно да се откажуваме од злото и од гревот, со цел преку силата на Христовото таинство да станеме учесници на неговата прослава на небото.

Исус зборува за својата мака и смрт и тоа го вели на зачудувачки начин: „Дојде часот да се прослави Синот Човечки“. Тој навистина мисли дека неговата смрт е нешто што треба да се прослави? Меѓутоа, ако погледнеме подобро, неговата смрт е славна, бидејќи Исус останал доследен на својата мисија дури и по цена на смрт. Неговата смрт е славна, бидејќи ја прифатил од рацете на Отецот, без оглед колку е таа горчлива. (…) Неговата смрт е славна бидејќи таа е само премин во славата на воскресението. Така се случило дека тоа што во очите на Исусовите противници било крајниот пораз, всушност неговата смрт станала знак на неговото прославување. Тоа е тоа таинството кое не му е дадена на секого да ја разбере, туку само на оние кои понизно му се отвораат на Божјото Слово.

Исус ни претставува една слика. Пченичното зрно кое е посеано, паѓа во влага и во темнина. Почнува да омекнува и во почетокот изгледа дека ќе изгние. Меѓутоа од ова привидно гниење се појавува нов живот. И тоа каков! Живот кој е стопати побогат, бидејќи од едно зрно се создава растение кое донесува повеќекратен плод. Тоа е таа живописна слика: зрното пченица, всушност, не умира, туку донесува стократен плод, донесува уште побуен живот. Тоа е сликата на нашиот живот и на нашата смрт. Го сееме распадливото тело, вели свети Павле, а го жнееме нераспадливото. Се сее во срам, а се жнее во слава. Накратко, тоа што доаѓа подоцна, тоа што се жнее, неизмерно е повредно од она што е посеано. Затоа човекот не треба да жали „да го потроши својот живот“, токму како што ни вели Исус.

Исус зборува во парадокс: Кој го сака својот живот, ќе го изгуби“. Како? Едноставно. Не постои начин човекот да го зачува својот овоземен живот. Порано или подоцна, така или онака, животот оптеретен од болките и болестите оди кон својот свршеток. Човекот умира. Заминува од овој свет. И апсолутно ништо не носи со себе. Не само дека не се носи себеси, своето тело во познатата форма, туку со себе не носи ништо од овоземското што спечалил. Ниту богатството, ниту славата, ниту позицијата што ја имал, ниту улогата во општеството. Оној кој починал, за човечкото општество едноставно повеќе не постои. И не постои начин човекот да го спаси својот живот. А човекот ако сепак се обиде на сите начини да го спаси таквиот свој живот, порано или подоцна ќе го изгуби, а останува отворено прашањето дали ќе го придобие оној вистинскиот живот. Бидејќи, големата грижа за овоземскиот живот троши драгоцена сила за остварување на конечниот и вистински живот.

Напротив, понатаму Исус вели: „А кој го замрази својот живот на овој свет, ќе го сочува за живот вечен “. (…) Имено, ако овоземскиот живот е Божји дар, тогаш човекот не треба да го мрази. Исус сака да каже: Кој не мисли дека се важни само овоземските работи, кој не го води својот живот првенствено спрема овоземските интереси, кој во својот живот ги бара евангелските вредности, па дури и по цена на загубата од овоземското, дури и по цена на смрт – која така и така е неизбежна – тој ќе стекне вечен живот.

Благодарение на молитвеното наследство Црквата денес во свечената молитва вели: „Господи, на твоите верници животот им се менува, а не им се одзема; и затоа што се распаднува домот од овоземскиот престој, се стекнува вечно живеалиште на небесата.“ Овде е сумирана целата тајна на нашиот живот, на нашето умирање и на нашата вечност. Човекот престанува да живее еден распадлив живот и почнува да живее вечен живот. Го напушта распадливиот и започнува нераспадлив, ја напушта распадливата земја со цел да стекне нераспадливо живеалиште. При тоа, секако, не сакаме да се залажуваме дека можеме да разбереме или да претпоставиме какво е тоа вечно живеалиште на небесата. Тоа не може да го разбереме на овој свет. Божјото Слово вели: „Што око не виде, уво не чу, ниту на човека на ум му падна, тоа Бог го приготвил за оние, кои Го сакаат“ (1Кор 2,9)

Вера и Дела/З.А.

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот