Што е навистина важно во животот?

Што е навистина важно во животот?

(…) Што е најважно во мојот живот? Загледана во секојдневието, мноштвото работи, грижата и оние мали и големи цели кои си ги поставувам – можеби одговорот на тоа прашање ќе зависи од тоа што моментално ме преокупира?

Но, тоа е воедно опасноста да го промашам тоа што навистина е најважно. Зошто живеам и каде ги трошам своите сили и времето. За што сум подготвена да се потрудам и над своите можности? Што ми е на прво место?

Студентот можеби ќе каже дека сега е најважно да го положи испитот, да ги заврши студиите и да најде работа. Некој кој не го пронашол партнерот за брак, можеби ќе каже дека најважно му е да пронајде некој кој ќе го сака цел живот и со кој се основа семејство. Брачниот пар кој не може да има деца, можеби ќе каже дека најважно им е конечно да успеат да добијат дете. Некој кој не е вработен, можеби ќе каже дека е најважно да пронајде добра работа. Некој кој е болен, ќе каже дека е најважно здравјето. И навистина, за сето ова можеме да кажеме дека е важно, но што е сепак најважно?

Одговорите кои ни се наметнуваат се: семејството, работата, мажот, жената, црквата, децата… И важни се затоа што сакаме да го живееме одговорно своето христијанство. Но, постои нешто што е најважно од сè, а не е привремено и останува засекогаш. Евангелието за скапоцениот бисер ни помага да го пронајдеме вистинскиот одговор на ова прашање. Сите земски работи кои ги сакаме и за кои се грижиме, поминуваат. Привремени се. Не можеме да ги задржиме! Ги пропуштаме како песокот кој ни поминува низ прстите. Тоа што единствено не поминува е нашата душа! Душата е создадена за вечноста и после телесната смрт продолжува животот во вечноста. Таа е најважна. Борбата за душата е она најважното што можеме да го направиме додека патуваме кон вечноста. Вложувањето во неа, грижата за неа подоцна најмногу ќе ни се исплати. Душата е еднакво реална како и нашето тело. Но, на неа често забораваме затоа што за окото не е видлива. И така често ни се случува да ја заборавиме. Ја оставаме „гладна“ без вистинската „храна.“ Ја затрупуваме со материјални грижи и работи. А таа се гуши и вика. На кој начин можеме да се грижиме за нашата душа? Исус ни дава свети Тајни. Исповед, Причест… Светите Тајни на душата и даваат нов живот, повторно ја придвижуваат, ја оживуваат. Можеме да ги гледаме како еден вид „мотори на животот во милост“. За работата на себе и на сопствената душа ни користи и повикот кој сме го избрале. Монаштво, свештенство или брак. Сите тие се различни патишта кои водат до истата цел. Се посветуваме ако сопствениот повик го живееме 100%. Без компензација и бегање. Бог ти го дал токму тој повик за да те посвети, за да можеш да го постигнеш спасението. Во бракот тоа е животот на предавање кон сопружникот и децата. Да го положиш времето за другите. Во посветениот повик тоа е безусловното предавање на Црквата како на своја свршеница. Грижа за душите. Во двата повици може да се живее делумно, може да се сокриваш и да не се изгоруваш за другите. Но, тогаш не си ја постигнал целта на својот живот на земјата. Посветувањето на душата.

Прекрасна ми е реченицата на о. Анте Габриќ, мисионер кој вели дека „Треба да гориме и да изгориме… а ние чадиме! Зошто јас да чадам, ве молам? А ништо друго не би ни сакал, туку да бидам жртва. Гори, брате, па изгори целосно… треба да се претвориш во кандило кое ќе гори пред олтарот. На тој начин човекот го исполнува својот живот и воедно дава живот на другите.“ Навистина сè што правиш од срце може да те посвети. И најмалата работа, ако е принесување, добива голема вредност. И не е важно дали ги гледаш моменталните плодови од својот труд и принесувањето. Тие веќе се запишани во вечноста. И не е воопшто важно дали некој ќе го забележи и пофали твојот труд. Важно е што ти за време на својот живот преку својот повик си ја постигнал светоста.

Свети Иван Марија Вијанеј со жртва и молитва духовно го оживува Арс, за време на неговото делување, црквата била преполна со луѓе, а колони луѓе доаѓале на молитва, Исповед, на света Литургија и на обожавање. Но, денес тоа место е повторно мртво. Како аршкиот парох никогаш да не живеел таму. Место без луѓе и таа духовна ревност. Но, тој во своето време во својата парохија го заработил Небото. Се посветил живеејќи ја светата Тајна Крштение целосно. Тој знаел што е најважно. И го живеел тоа секој ден! Луѓето кои денес таму живеат ја имаат својата одговорност, својата шанса и своето послание. Аршкиот парох го пронашол тој бисер, оставил сè друго, „продал сè што имал,“ за да ја купи нивата на која што е тој бисер.

Можам ли јас за време на својот живот да кажам дека сум подготвена „да продадам сè што имам,“ за да ја купам таа нива каде се наоѓа бисерот? Можам ли да ги насочам своите животни сили во тоа што навистина е најважно? Месецот во кој се наоѓаме е нова шанса за да ја преиспитаме целта на сопствениот живот. Кој сум? За што сум создаден? Каде одам? Колку е богата литургиската година! Биди дар во љубовта за другите. Откриј го Бог во мали работи. Врати се на молитвата. И дозволи Пресвета Богородица да те води кон светоста и едноставниот живот. Да појдеме!

Мирта Милетиќ/Гласник мира/к.мк

Категорија: Вера, Семејство

За авторот