Завршниот говор на Папата на средбата за мир во Асизи

Папата Фрањо одржа завршен говор на Меѓурелигиската средба за мир во понеделникот на 19 септември 2016 година попладне на плоштадот Свети Фрањо во Асизи.

Во продолжение целосниот говор на Папата:

Ваша Светост, почитувани преставници на Црквите, христијанските заедници и религии, драги браќа и сестри. Топло ве поздравувам со голема почит и ви благодарам за присуството. Благодарам на заедницата свети Егидиј, бискупијата во Асизи и фрањевското семејство за подготовките за овој ден на молитва. Дојдовме во Асизи како поклоници во потрага за мирот. Ги носиме во себе очекувањата и грижите за многу народи и луѓе. Жедни сме за мир, сакајќи да сведочиме мир, потребните молитви за мир затоа што мирот е Божји дар, а наше е секој ден да повикуваме, прифаќаме и градиме мир со негова помош.

„Блажени се миротворците“ (Мт 5, 9). Многумина од вас поминаа долг пат до оваа благословено место. Да се излезе, да се тргне на пат, да се најде, да се заземеш за мир: тие не се движења на телото, туку движења на душата, тие се конкретни духовни одговори за надминување на затвореноста, отварајќи се за Бог и браќата. Бог го бара тоа од нас, поттикнувајќи нè да се соочиме со големата болест на нашето време: со рамнодушноста: тоа е вирус кој парализира, нè прави неподвижни и безчувствителни, како болести го напаѓаат центарот на верскиот живот, создавајќи нов, тажен облик на поганство: поганството на рамнодушноста.

Не смееме да бидеме рамнодушни. Денес светот е жеден за мир. Во многу земји се трпи заради војни кои често и заборавени секогаш предизвикуваат страдање и сиромаштво. На островот Лезбос со саканиот Екуменски патријарх Вартоломеј ја видовме болката на војната во очите на бегалците, неволјите на народите жедни за мир. Мислам на семејствата чиј живот е уништен, на децата кои во животот не запознале ништо освен насилството, на старите луѓе присилени да ги напуштат своите земји: сите тие се жедни за мир. Не сакаме овие трагедии да паднат во заборав. Сакаме заедно да дадеме глас на сите кои страдаат, кои немаат глас, ниту некој ги слуша. Тие често подобро од моќниците знаат дека ниту една војна нема иднина и дека насилството на оружјето ја уништува радоста на животот.

Ние немаме оружје, но веруваме во богатството и понизната сила на молитвата. Денес жедта за мир стана повик до Бог, да престанат војните, тероризмот и насилството. Во Асизи повикуваме за мир не само како протест против војната, ниту пак како „резултат на преговори, политички компромиси или економска трговија. Тоа е резултат на молитвата“ (Иван Павле II, говор, базилика Света Марија од Ангелите, 27 октомври 1986 година). Бараме во Бог извор на заедништво, бистри води на мирот за кои е жедно човештвото: тие не може да извираат во пустините на горделивоста и интересите, во сувите земји на заработката по секоја цена и трговијата со оружје.

Нашите верски традиции се различни. Но, разликите за нас не се мотив за конфликт, полемика или ладно растојание. Денес не молевме едни против други, како што за жал некогаш во историјата се случувало.

Без синкретизам и без релативизам молевме едни покрај други, едни за други. Свети Иван Павле II на ова исто место кажа: „Можеби никогаш во историјата на човештвото не станала толку јасна внатрешната поврзаност на автентичниот верски став и големото добро на мирот.“ (Иван Павле II, говор, плоштад на базликата Свети Фрањо 27 октомври 1986 година)

Да го продолжиме патот започнат пред 30 години во Асизи, градот на живото сеќавање на свети Фрањо Божјиот човек и човек на мирот, „ние уште еднаш овде собрани потврдуваме дека кој ја користи религијата за да поттикнува насилство противречи на автентичното и длабоко вдахновение на религијата“ (Иван Павле II, говор до претставниците на религиите во Асизи 24 јануари 2002 година) и „било кој облик на насилство не преставува право на природата на религијата, туку ја извртува и придонесува за нејзино уништување“  (Бенедикт XVI говор на денот на размислување, дијалог и молитва за мир и праведност во светот, Асизи 27 октомври 2011 година). Неуморно повторуваме дека Божјото име никогаш не може да оправдува насилство. Само мирот е свет! Само мирот е свет, а не војната!

Денес се молевме за светиот дар на мирот. Молевме совесно да се заземаат во заштитата на светоста на човечкиот живот, во промовирањето на мирот меѓу народите во зачување на создадениот свет, нашиот заеднички дом. Молитвата и конкретната соработка помагаат да не останеме заробени во логиката на конфликтите и да ги одбие бунтовничките ставови на оние кои се способни само да протестираат и да се лутат.

Молитвата и желбата за соработка се залагаат за вистински, а не за привиден мир: тоа не е затишје на оние кои избегнуваат потешкотии и се свртуваат на другата страна ако нивните интереси не се допираат. Тоа не е цинизам на оние кои ги мијат рацете над проблемите кои не се однесуваат за нив, тоа не е виртуелен пристап на оние кои судат сè и сето тоа по пат на тастатуратата на компјутерот, со очи затворени за потребите на браќата, раце кои не сакаат да се извалкаат за оние во потреба. Нашиот пат е – да се нурнеме во ситуацијата и да дадеме вистинско место на страдалникот, да ги преземеме конфликтите и да ги оздравиме од внатр., доследно чекорејќи по патот на доброто, одбивајќи ги кратенките на злото, со помош од Бог и добра волја трпеливо да тргнеме во мировни процеси.

Мирот, нишката на надеж која го спојува небото и земјата, збор толку едноставен и тежок истовремено. Мирот значи прошка кој како плод на преобраќањето и молитвата се раѓа одвнатре и во Божјо име овозможува оздравување на раните на минатото. Мирот значи прифаќање, расположливост за дијалог, надминување на затвореноста – кои не се стратегии за сигурност туку мостови над празнината. Мирот значи соработка, жива и конкретна размена со другите кој за мене е дар, а не проблем, брат со кој можат да се обидам да изградам подобар свет. Мирот значи учење: повик на секојдневно усвојување на тешката вештина на заедништвото, културата на средба, чистејќи ја совеста од секое искушение на насилството и суровоста спротивни на Божјото име и достоинство.

Ние заедно и во мир на ова место веруваме и се надеваме на братски свет. Сакаме насекаде мажите и жените од различни религии сложно да се обединат посебно таму каде владеат конфликти. Нашата иднина е заеднчкиот живот. Затоа сме повикани да се ослободиме од тешките бремиња на недоверба, фундаментализмот и омразата. Нека верниците бидат градители на мирот, повикувајќи го Бог и со дејствувањето на човекот! А ние како верски водачи мораме да бидеме цврсти мостови на дијалогот, креативни посредници на мирот. Се обраќаме и до оние кои имаат најголема одговорност во служењето на народите. Водачите на народите нека не се изморуваат во барањето и промовирањето на патишта на мирот гледајќи подалеку од поединечни привремени интереси: нека не останат глуви на Божјиот апел во совеста, на пискотот на сиромашните и на добрите очекувањата на младите генерации. Овде пред триесет години свети Иван Павле II кажа: „Мирот е градилиште отворено за сите, не само за стручњаците, мудрите и стратезите. Мирот е одговорност за сите“ (Говор на плоштадот на базиликата Свети Фрањо,  27 октомври 1986 година). Браќа и сестри да ја прифатиме оваа одговорност, да потврдиме денес дека прифаќаме, заедно да бидеме градители на мирот кој Бог го сака, а за кој човештвото е жедно.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот