Епископска Синода: Претставени извештаите на 13 јазични групи

По говорот на Папата во кој повика на молитва за мир на Блискиот Исток, работата во синодалната сала продолжи со претставување на извештаите од 13 мали работни групи за првиот дел од работниот документ на Синодата, Instrumentum laboris, кој е посветен на „слушањето на семејните потешкотии“.

Помалку зборување за кризата, а повеќе истакнување на надеж, тоа е повикот кој произлегува од извештаите, кои поттикнуваат на нагласување на убавината на семејството, а не само на неговите потешкотии.

Во работниот документ,објаснуваат известувачите на јазичните групи, не е во доволна мерка истакната убавината и виталноста на семејството, која е втемелена на неразрешливоста на бракот меѓу мажот и женаат. Се чини дека Instrumentum laboris дава социолошка анализа на проблемите на семејството, наведувајќи ги проблемите „скоро како литании“, заборавајќи го, притоа, погледот на верата. Напротив, треба повеќе да се покаже позитивниот видик на Црквата која на семејствата им овозможува верата и надежта, не ублажувајќи ги или не негирајќи ги објективните потешкотии, се истакнува во извештаите.

Ако семејството е во криза, тогаш тоа е така можеби затоа што недостига правилно формирање во верата. Самата Црква во одредена мерка е одговорна за денешната ситуација, сметаат некои од учесниците, бидејќи не била во склад со стварноста, негувајќи „средновековно“, „премногу нормативно“, а не интегрално сфаќање на семејството.

Истакната е и желбата за повеќе да се проговори за опасноста од половата теорија, која се вметнува во училишните програми и на единствен начин му штети на семејството. Исто така, изразена е и потребата од специфичен пасторал во прифаќањето на мигрантите и бегалците, како и потребата да се истакнат не само правата, туку и нивните обврски. Јазичните групи понатаму бараат повеќе простор да се посвети на промислата за важноста на старите лица во семејниот живот, посебно бабите и дедовците, како и да се разгледаат потешкотиите на лицата со инвалидитет, чии позитивни погледи треба да бидат истакнати и повеќе вреднувани.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот