На празникот Свети Кирил и Методиј, во сабота 24 мај 2025, Н.В.П. монсињор д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко-скопски епарх по повод патрониот празник на парохијата во Петралинци служеше света архиерејска Литургија во сослужение на свештеници од Струмичко-скопската епархија и Скопска бискупија.
За време на светата Литургија беа изложени моштите на свети Кирил Солунски, кои верниците можеа да ги почитуваат. На свеченоста покрај верниот народ, присуствуваа и сестри Евхаристинки. Пред почетокот епископот Стојанов ја благослови статуата на Пресвета Богородица, поставена во црковниот двор.
Во својата проповед епископот Стојанов ги поздрави присутните, честитајќи го патрониот празник на верниците. Потоа спомнувајќи го делото на светите Кирил и Методиј ги повика верниците заеднички да се обидат да одговорат на прашањето: Дали ние денес можеме да го продолжиме нивното апостолско дело? При тоа ги опиша условите во кои живееле и делувале светите браќа, правејќи споредба со денешницата, упатувајќи зборови на надеж. На поставеното прашање епископот Стојанов одговори потврдно, аргуметнирајќи со зборови од папата Бенедикт XVI, свети Иван Павле II и папата Фрањо. На крајот од проповедта ги повика верниците да бидат храбри во навестувањето на Евангелието.
Свеченоста заврши со агапе во парохиската сала. Од светата Литургија Радио Марија вршеше директен пренос.
к.мк