Епископот Стојанов на средба со младите од Скопје

Во четврток на 6 ноември во вечерните часови скопскиот бискуп и апостолски егзарх во Македонија монсињор д-р Киро Стојанов ја посети заедницата на млади во парохијата Пресвето Срце Исусово во Скопје. Средбата се одржа во парохиската сала во Пасторалниот центар, каде што младите редовно се собираат секој четврток на веронаучна катехеза.

Епископот Стојанов дојде за да ги охрабри младите во нивното заедничко настојување во запознавањето на Христос и во дружењето и да присуствува на презентацијата на трите летни кампови на кои младите учествуваа и сега своето искуство и своите впечатоци ги пренесоа на другите. На средбата беа присутни парохот дон Давор Топиќ, капеланот Јошт Мезег и неколку чесни сестри Евхаристинки.

На почетокот парохот дон Давор Топиќ го поздрави епископот и ги воведе присутните во важноста на заедничкото споделување на настаните како што се летните кампови, бидејќи со тоа се пренесува едно живо искуство на средба со Бог и со другите млади од Македонија и целиот свет. Младите кратко се претставија, за средбата да не биде гола формалност, туку да добие личен печат. Следуваше почетната молитва со песната „Дојди, дојди Господи“ со што го повикавме Бог да дојде меѓу нас и набрзо можевме да ја вкусиме радоста на Божјото присуство и опуштена семејна атмосфера.

Првата презентација ја започна групата на млади која беше во Сараево на меѓународниот проект “Go for peace“ од 28 јули до 03 август 2014 година. Ова средба е организирана по повод стогодишнината од почетокот на Првата светска војна на која што повеќе од 200 млади од целиот свет се дружеа, разговараа за мирот, единството, демократијата и помирувањето. Младите со многу искуства и фотографии во презентацијата го пренесоа личното искуство дека најдобриот начин за создавање на мирот е личната средба и запознавањето со припадниците на различните култури од каде што се раѓа пријателството.

Нашите млади ја застапуваа Католичката Црква од Македонија и на меѓурелигиската средба за мир во Пијаченца „Week of the world“ од 20 до 27 јули 2014 година, за која што исцрпно извести втората група. Така младите преку работилници имаа можност поблиску да ги запознаат другите религии и преку посетата на околните градови да ги видат главните туристички знаменитости на овој италијански регион.

На крајот се преселивме на домашен терен, во Македонија, каде што во периодот од 28 до 31 август 2014 година во Паљурци на иницијатива на монс. Киро Стојанов се одржа камп на младите католици. Подрачје богато со историја каде што некогаш чекорел свети Павле и каде што сестрите Евхаристинки имале важен центар во својот апостолат, сега е место на заеднички духовен раст на младите од Католичката Црква во Македонија, и од источниот и од западниот обред. Една Црква сме и заедно го навестуваме Христос било во срцата на сите млади кои дошле таму од цела Македонија.

На крајот на самата средба неколку зборови упати епископот Киро Стојанов, истакна дека е важно што младите се ангажирани во црковните настани и додаде дека како епископ во иднина има од нив големи очекувања, посебно во учествувањето на парохиското литургиско славење, во молитвата и каритативните активности. Средбата заврши со пригодна молитва и песна.

к.мк/ј.м

Категорија: Македонија

За авторот