Епископот Стојанов во Струмица ја отвори Јубилејната година на милосрдието
Пред почетокот на светата архиерејска Литургија во недела 13 декември 2015 година во Катедралната црква „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов ја отвори Светата Врата на милосрдието и Јубилејната година во Апостолскиот егзархат во Македонија.
Обредот отворање на Светата Врата започна во катедралата со благослов на народот од страна на владиката Стојанов, а о. Георги Трајков го прочита евангелискиот дел од Лука во кое се говори за Добриот Пастир. Потоа следуваше процесија која започна од олтарот на катедралата и запре пред свечено украсената врата. За време на процесијата се пееше химната до Светиот Дух. Пред влезот на катедралата о. Гоце Костов ја молеше молитвата од папата Фрањо за Јубилејната година на милосрдието и веднаш потоа епископот Стојанов ја благослови и ја отвори Јубилејната врата и го повика народот со зборовите: „Драги браќа и сестри, да поминеме низ оваа врата до Христовиот олтар и таму да го вкусиме неговото милосрдие!“ Откако вратата веќе беше свечено отворена владиката Стојанов помина прв низ Јубилејната Света Врата, а по него свештениците и целиот верен народ. Откако народот помина низ Светата Врата на милосрдието о. д-р Зоран И. Стојанов прочита дел од Булата на папата Фрањо за најава на вонредниот Јубилеј на милосрдието. Потоа бискупот Стојанов со следните зборови објави: Според одредбите и овластувањата кои ми се дадени од наследникот на свети апостол Петар – папата фрањо, како епископ на Апостолскиот егзархат во Македонија, оваа вонредна Јубилејна година ја прогласувам отворена!
За време на проповедта на Литургијата епископот Стојанов рече: „Која е симболиката отворање на вратите? Исус за себе говореше нарекувајќи се често Добар Пастир. Читаме во Евангелието како е Тој врата на трлото и како преку Него се влегува и излегува и наоѓа пасиште, а сите кои поминуваат покрај тие врати се разбојници и крадци. Што значи, вратите не се сами по себе симбол, туку е симбол Исус Христос кој е врата на Црквата – заедница на собраните. Да се отвори Јубилејната врата значи да се затропа на Христовото срце и да се бара влез. А Исус рече нема да влезе секој кој ми говори Господи, Господи, туку оној кој ја врши волјата на Мојот Отец. Тоа е верски чин, а не пуст обред.“
На крајот од Светата Литургија се измоли вообичаеаната молитва за потполн опрост, кој ќе може да се добие во текот на целата Јубилејна година. За тоа е потребно верникот да се исповеди, причести, да измоли молитви по накана на Папата, да помине низ Јубилејната врата и да направи едно дело на милосрдието.
Јубилејната година на милосрдието започна на 8 декември 2015 година, кога папата Фрањо на ватиканската базилика Свети Петар ја отвори Светата врата и ја прогласи за отворена Јубилејната година и ќе трае до 20 ноември 2016 година. Ова е прв пат Светите врати, покрај тие во Ватикан, да се отворат и во катедралите во целиот свет, а со тоа и во двете катедрали во Македонија, Скопје и Струмица.
к.мк