Епископот Стојанов во Струмица: Богојавление е повик упатен до нас
На 19 јануари 2015 година, на празникот Богојавление во Католичката црква Свети Иван Крстител – Струмица, Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија служеше света архиерејска Литургија во заедништво со протереј ставрофор о. Георге Трајков, катедрален парох, о. Гоце Костов, парох во Свети Иван Крстител – Струмица и о. Илија Стојанов, капелан во Свети Пророк Илија – Радово.
Во преполнетата црква во својата проповед епископот Стојанов истакна: Драги браќа и сестри, Исусовото крштение за кое денес размислуваме не е само настан во кој се објавува Бог, туку воедно е и повик кој е упатен до нас за да прифатиме според сопственото крштение нов живот во заедницата која е откупена од секое беззаконие и со тоа сме нов избран народ кој е ревносен кон добри дела. Не можеме да го славиме тоа големо Таинство без да пред својата совест не си поставиме јасно прашање: дали сме народ на откупени кој е ревносен кон добри дела или не? Дали божиќните празници ни донесоа обраќање кое се гледа во неизмерните добри дела или не? За овој настан но и за овогодишната прослава Божик благодариме на Бога што и сега се појавила добрината и човекољубието на нашиот Бог и Спасител. Тој нас не спаси не заради извршените од нас праведни дела, туку по Својата милост, преку бањата на преродување и обновувањето од Светиот Дух. Тоа е третата порака од овој настан. Објава, повик на обраќање и дарување на Светиот Дух, Кого изобилно Го излеа на нас преку Исус Христос, нашиот Спасител та оправдани со Неговата благодат да станеме по надеж наследници на вечниот живот.
Кон крајот на светата Литургија Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов изврши Богојавленски водосвет, а потоа додека се пееше Богојавленскиот тропар верниците беа благословени со осветената вода.
Отец Гоце Костов се заблагодари на епископот Стојанов за неговото присуство, како и за духовната подршка која ја дава на оваа нова и млада парохиска заедница за да може да продолжи да расте како жива Црква.
На крајот од свеченото празнување верниците си понесоа од осветената вода во своите домови.
к.мк