Златарите католици подарија реликвијар за реликвиите на Мајка Тереза

На 11 јули 2016 година Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија монс. д-р Киро Стојанов ги прими претставниците на Здружението на златарите – кујунџии католици Албанци од Скопје, предводени од Скопскиот парох дон Давор Топиќ.

При оваа посета претставниците во име на „Заедницата на златарите – кујунџии“ за Скопската катедрала „Пресвето Срце Исусово“ на бискупот Стојанов му предадоа реликвијар кој го изработија за моштите на блажена Мајка Тереза. Исто така, тие ја истакнаа радоста дека како заедница на златари во оваа година на канонизација на Мајка Тереза можат да го даруваат овој реликвијар кој претставува рачна изработка изработена во техниката филигран.

Бискупот Стојанов им заблагодари на претставниците како и на целата „Заедница на златари – кујунџии“ за подарокот и рече:

„Ова е непроценлив подарок од вашата заедница кој останува како траен спомен во Скопската катедрала“. Исто така, се осврна и на животот и посланието на блажена Мајка Тереза како и на побожноста кон неа која се одржува „секој 5-ти“ во месецот во Скопската катедрала како заветен ден, кога во текот на годината сите парохии од Македонија доаѓаат на поклонение. Присутните беа информирани и за татковинската прослава „Денови на света Мајка Тереза“ која ќе се одржува во месец септември во нејзиниот роден град Скопје, како благодарност за дарот на канонизацијата, а која ќе биде на 4 септември во Рим.

Посакувајќи им благослов во животот и работата на целата заедница на златари бискупот Стојанов рече дека реликвијарот со реликвиите на Мајка Тереза прв пат ќе биде изложен на 11 септември во Скопје, за време на евхаристиската прослава која ќе ја предводи папскиот делегат.

На реликвијарот е напишано: Изработија Јосип Зеф Мердита и Леонардо Љони Марк заедно со Заедницата на златарите – кујунџии католици албанци.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Македонија

За авторот