Годишнина од смртта на монсињор Антун Циримотиќ

Годишнина од смртта на монсињор Антун Циримотиќ

Во четврток 28 октомври 2021 година во Катедралната црква „Пресвето Срце Исусово“ – Скопје  монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх служеше света Литурија по повод првата годишнина од смртта на монс. Антун Циримотиќ. На светата Литургија присуствуваа свештеници од Скопска бискупија и Струмичко – скопската епархија, како и чесни сестри Евхаристинки, Усмиленки и Сестрите Мисионерки на љубовта (Сестри на Мајка Тереза). По светата Литургија беше посетен неговиот гроб на Градските гробишта Бутел каде присутните се помолија за душата на покојниот.

Во својата проповед бискупот Стојанов се осврна на празникот на светите апостолите Симон Кананит и Јуда Тадеј, како и на животот на монс. Циримотиќ, при што ги истакна предизвиците со кои се соочувал. Епископот Стојанов истакна дека тој останал вистински сведок кој несебично служел како свештеник на Христовата црква, конкретно на Скопска 55 години и додаде: „Не стекна никакво материјално богатство за себе, а сѐ што имаше, како света Мајка Тереза, го делеше на сиромашните и на многумина им донесе „мир во нивните домови.“ Целиот живот може да се сумира во единствена порака со збор и дело: „Дојде Царството Божјо, влези во домот на својот Господар.“

Во продолжение бискупот Стојанов упатувајќи зборови на благодарност на Бога за верното служење на Христовата црква и Божјиот народ рече: Благодарни сме за Неговиот хуманитарен и каритативен дух кон сиромашните и најпотртебните кон кои секогаш имаше слабост да им се помогне, за Неговото духовно водство кон монашките зедници, за Неговото духовно и интелектуално воспитување кон младите свештенички кандидати што денес се наоѓаат во Македонија, Косово и пошироко.

На крајот од проповедта монс. Стојанов праша: Што можеме да научиме од погоре спомнатите двајца светци, апостоли и маченици, Христови пријатели свети Симон Кананит и свети Јуда Тадеј? И ние да останеме Христови пријатели, да настојуваме да работиме за своето лично спасение и за спасението на другите дури и по цена на својот живот. А што би можеле да научиме од нашиот Монсињор? Да останеме Христови сведоци и во тешки искушенија, вистински мисионери, молители и навестители на светото. Евангелие, да бидеме вистински борци за Христовата вера и Неговата црква, да бидеме отворени кон потребните. Нека за сите негови добра дела Господ Бог го награди и му удели утеха и радост во своето Царство.

Сватата Литургија беше придружувана од катедралниот хор предводен од г-ѓица Јулија Неловска.

Монсињор Циримотиќ е роден е на 1 април 1937 година во Јањево. За свештеник е ракоположен на 4 јули 1965 година од бискупот Смиљан Фрањо Чекада. Во октомври 1970 година бискупот Јоаким Хербут го именува за негов личен секретар. Од есента 1983 до летото 2002 година ја врши службата ректор на бискупската семинарија во Скопје како и професор, а од март 1984 година до декември 1993 година управува и со катедралната парохија во Скопје.

Во 1986 година папата Иван Павле II го именува за негов капелан – монсињор. Во 1991 година е именуван за директор на Македонски Каритас и таа служба ја извршува до ноември 2017 година. Од ноември 2005 до 2017 година ја извршува службата генерален викар на Скопската бискупија и Апостолскиот егзархат. Од страна на бискупот Киро Стојанов му е доверена грижата за медиуми и односи со јавност, како и за меѓурелигискиот дијалог. На 31 јули 2013 година бискупот Стојанов го именува за директор на Радио Марија, служба која ја извршува до 29 октомври 2017 година. Беше долгогодишен духовник на сестрите Евхаристинки.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот