Егзодусот од Егејот однесе 200.000 Македонци

Деновиве повторно одбележувања и комеморации за стоте години од балканските војни. В година и на Првата светска војна на Балканот. Сите наоколу ги одбележуваат своите победи или порази, своите аспирации и завојувања или, пак, неостварени сништа за големи држави, нации, превлади и доминации на овој мал европски простор. Паметници и споменици, воени гробишта и литургии. Сијасет од нив на територијата на ова парче од Македонија. Што пак да одбележуваме ние? Трагедии, жртви, егзодуси, масакри, поробувања, асимилации? Никаде на оваа територија нема ниту најмал споменик или помен на оние стотици илјади доброволци или мобилизирани што се бореле и паднале – во туѓи армии, на сите жртви, урнатини, разурнати градови и изгорени села, што требало да бидат цена на слободата на оваа земја. Вардарски и Тимочки корпуси и дивизии, Едренски ополченски и доброволечки дивизии, вмровски чети и баталјони што учествувале во тие војни. За што?

Има понекој академиски и академски собир, што ќе н` потсети на тоа, понекоја ТВ-емисија и – толку! Историјата бледее во меморијата. Можеби и намерно. Да не се неколкуте научни трудови, на академиците K. Миљовски и Б. Ристоски, на д-р С. Димески и д-р K. Стојанов, веројатно би заборавиле и на епските борби на Македонците-католици односно унијати и на сите нивни жртви, прогони, тортури и геноцид – за слободата и независноста на оваа земја, за нејзиниот духовен опстој и црковна самостојност. Па, сепак, да не беше деновиве објавеното Послание на бискупот скопски и апостолски егзарх за Македонија за егзодусот на унијатите од егејскиот дел на Македонија (1913 – 2013 г.), немаше ниту да се сетиме за тој вистина епски и речиси исусовски придонес на тие бранители на македонската свест, кауза и национална преродба. Зошто? Ми изгледа како тој дел од нашата преродба и национален отпор на одродувањето, да не влегува во нашата званична историја, а ниту во нашата меморија, истражувачки видокруг и научна или јавна опсервација. А како почнува приказната?

Почнува така што во 1850 Македонците од Егејот, најразвиениот дел на Македонија (Скопскиот санџак, во тоа време бил чисто рурална периферија на Македонија), увиделе дека патријаршиско, егзархиско, фанариотските пропаганди и црковни акции меѓу Македонците го ништат нивниот дух и свест, ги однародуваат и го спречуваат нивниот национален подем, па и развојно-економски интерес. Во централна Македонија, се разбира превладувал граѓанско-буржоаскиот елемент. Дошол до сознание дека решението е во црквата; не биле наклонети на револуционерни и комитаџиски решенија. И така се свртиле – кон, на Балканот неутралната папска столица. Почнало установување на т.н. унијатски цркви. Централниот Егеј бил прекриен од нив. Солун, Kукуш, Сер, Драма, Ениџевардарско, Пожарско, Гевгелиско, Едрене и Тракија. Султанот и властите им давале „берати“ за дејствување, веројатно за да ги урамнотежат притисоците на веќе напрегнатите цркви на соседите. Се смета дека во 1880 дваесетина илјади верници се приклониле на Македонската унијатска црква, но дека симпатизери (немале изградени цркви) имало над стотина илјади. Имале над стотина училишта, па и про-гимназии, стотина свештеници, десетици манастири и монашки/монахиски установи. Унијатството значело „соединување“, еднаков однос кон центрите во Рим и во Цариград, и навистина најголем дел од свештениците биле хиротронисани од двете христијански седишта, најголем дел го прифатиле т.н. источно-византиски обред на католицизмот.

И така, првпат во историјата, со согласност на султанот, унијатството во Македонија, достигнува свој „ултимум“, со соединувањето на кукушко-солунските цркви со Kатоличката црква. Во 1883 г., во согласност со султанот, папата Лев Тринаесетти го именува Македонецот Нил Изворов за надбискуп на Бугарите и на Македонците- унијати, со седиште во Цариград, овој пак установува два викаријати: во Едрене за Тракија и во Солун-Kукуш за Македонија. Истата година, папата го именува лазаристот, бискуп Лазар Младенов, за апостолски викар за Македонија. Тоа е десет години пред формирањето на ВМРО. Но Егејска Македонија веќе била посеана со тие заедници што одиграле исклучителна улога во нашата духовна и културна историја.

Впрочем и Гоце Делчев и сето семејство и една редица војводи-илинденци, посебно од Kукуш, Сер, Драма, Гевгелија, Струмица, Дојран, Ениџевардарско итн. биле унијати. Сандански исто така бил – протестант. Митрополитот скопски Теодосиј Гологанов, уште 1891 г. му напишал на папата предлог за обнова на Охридската архиепископија во унијатско единство со Рим. За жал, додека го чекал одговорот егзархијата го сменила и бил прогонет.

И потем, почнал илинденскиот масакр и геноцид, по востанието. Илјади масакрирани, убиени, прогонети, стотици цркви и села запалени, илјади хектари опустошени. Не само од Турците, од сите нам блиски соседи. Kулминацијата е во 1912-13 г., кога приближно 200.000 Македонци, најмногу унијати, се прогонети. Настанал егзодусот. Kаде? Во Бугарија и во Јужна Србија. Веќе до 1923 г. речиси ги немало на Егејот. Потем, настанува православната екскомуникација и еретизација на Македонците- унијати, нивното обесправување и измачување во краевите во кои биле изгонети.

Има документи, и во Ватикан и во надлежните хрватски бискупии, но и во српското кралско министерство за вера, за масовните незаконски и насилни акти кон унијатите и за трагичните судбини на Македонците-унијати во Струмица, Гевгелија, Штип и останатите „јужносрбијански окрузи“. Унијатството не било во согласност со бугарската, српската, грчката политика и црква. А немало Македонија – да ги заштитува своите родоначалници. Прашање колку и денес тие се рамноправни со другите и колку нивниот национален, културен и духовен придонес за македонската кауза е валоризиран во нашата историја и денешнина.

Извор: Дневник

Категорија: Колумни

За авторот

Write a Comment

<