Европската комисија го повлече срамниот документ кој ги забрануваше изразите „божиќ“, „маж“ и „мајка“
Вториот човек на Светиот Престол истакна дека документот во обид да ги поништи разликите и да ги избрише христијанските корени на Европа оди „против реалноста.“
Европската комисија ги повлече насоките за избегнување дискриминација и промовирање инклузивност, а кои предизвикаа бран негодувања.
Контроверзниот документ насловен „Единство еднаквост“ предлага во комуникацијата наместо изразот „божиќно време“ да се користи „празнично време“, а именките како „маж“ и „жена“ или „татко“ или „мајка“ да се заменат со изразите „сопружник“ и „родител“.
Насоките првично се усвоени на 26 октомври и служеле за интерна употреба меѓу вработените во Европската комисија. И покрај тоа содржината на документот во јавноста протече дури во неделата на 28 ноември кога го објави италијанскиот „Il Giornale“ што поттикна бројни критики и потсмев на сметка на главното извршно тело на Европската унија, посебно од десно политичкиот спектар.
Хелена Дали еврокомесарка за еднаквост, на 30 ноември објави дека документот се повлекува од употреба, порачувајќи дека истиот „не ги задоволува сите критериуми на Европската комисија“ и бара дополнителна доработка. Исто така додаде дека „ги разгледуваат упатените критики“ и најави нова верзија на насоки.
Инаку на нив реагираше и Ватикан, поточно Државниот секретар кардиналот Пиетро Паролин критукувајќи ги во разговор за Ватикан њуз.
Вториот човек на Светиот Престол истакна дека документот во обид да ги поништи разликите и да ги избрише христијанските корени на Европа оди „против реалноста.“
„Верувам дека желбата за бришење на секоја дискриминација е исправна“, рече Паролин, предупредувајќи притоа дека ова „не е начин таа цел да се постигне.“
Додаде дека со тоа се ризикува да се уништи човекот на два начини.
„Првиот е диференцијација која го карактеризира нашиот свет. За жал постои тенденција сѐ да се хомогенизира затоа што не знаеме како да ги почитуваме дури ниту легитимните разлики, кои не би требало да бидат извор на конфликт или дискриминација, туку треба да се интегрираат за да се изгради полно и целосно човештво. Вториот е заборавање на реалноста. А кој оди против реалноста се става во опасна ситуација.“
„Тука е исто така и поништување на нашите корени, христијанската димензија на Европа, особено со оглед на христијанските празници. Секако свесни сме дека Европа своето постоење и идентитет го должи на многу влијанија, но не можеме да да го заборавиме едно од главните, ако не и најважното, самото христијанство. Затоа, уништувањето на разликите и уништувањето на корените значи токму тоа, уништување на личностите.“
Битно.нет/к.мк