Еврозија станува Мариина девојкa

Еврозија станува Мариина девојкa

Во сите изминати времиња градот Торино имал посебна набожност кон Света Богородица. Светилиштето на Божјата Мајка Утешителка во тој град се користело и сè уште се користи со посебна почит од верниците. Секој граѓанин на Торино се гордее да се нарече син на Пресветата Дева Марија. Посебно торинските девојчиња се предадени служителки на Безгрешната Дева.

Нашата Еврозија се зачленува при првата можност кај девојките на Дева Марија, во институтот посебно посветен на Божјата Мајка. Тоа се случило на 21 јануари 1878 година. Еврозија тогаш имала 19 години.  Здружението на Мариините девојки било основано пред околу 100 години, со цел да се прошири набожноста кон Пресвета Богородица. Торино и без тоа бил град посветен на Дева Марија, а ќерките на семејствата се сметале вообичаено за девојки, посветени на Небесната Царица. Здружението на Марините девојки поминало во другите градови на Италија и во Рим веќе било посебно распространето.

Еден парохиски свештеник, началникот на парохијата Свети Тома во Торино, го основал првото здружение на Мариините  девојки, околу 1877 година. Еврозија, штом разбрала за основањето за оваа духовна заедница, побрзала да се запише како член и веќе на 21 јануари 1878 година започнала ревносно да дејствува како војник за славата на Марија. Првото име што го носела ја вдахнало да настојува, со посебни грижи, да пројавува дека е достојна ќерка на една таква голема Мајка. Затоа таа често се охрабрувала, велејќи во себе:

– Една ќерка не е достојна за својата мајка, ако не ја цени, почитува, љуби и ако не ја следи. За да се почитува една мајка, треба најпрво да се познаваат нејзините добри особини: за да се почитува, треба да се придржуваат сите нејзини совети, за да се љуби, треба секогаш да се исполнува нејзината волја; за да се следи мајката, треба да биде слична на сите нејзини добродетели. Овие сугестии Еврозија секој ден настојувала да ги спроведе на дело во животот. За да ја запознае подобро својата Небесна Мајка, таа со големо внимание ги читала книгите кои ги опишуваат нејзините добродетели, најсакано чувство ѝ биле набожните размислувања за животот на Божјата Мајка. За да ја покаже послушноста како ќерка кон Небесната Мајка, таа си замислувала дека Дева Марија ѝ зборува преку устата на духовниот татко, на парохискиот свештеник, на директорот на Мариините девојки и воопшто, во лицето на секој свештеник, таа гледала навестувач на Царицата на Ангелите. Еврозија била особено активна за време на мајската набожност која никогаш не ја пропуштала. Проповедите на свештениците за време на оваа набожност за неа биле вистинско задоволство, зашто во нив се откривале нови квалитети на милата Небесна Мајка: самата пролет со нејзините расцутени цвеќиња ѝ давале можност речиси секој ден да ѝ принесува венец од најубави цветови на својата Царица: молитвата на света Богородица ја вознесувала кон небото каде таа ја гледала Мајката на Исуса, опкружена од патријарси, пророци, светци и светици.

А кога излегувала од црква, нејзината мисла долго време била упатена кон саканата Мајка, на која ѝ се посветила на посебен начин како Мариина девојка, гардистка на Царицата на Ангелите. Уставот на здружението бил како закон, таа го исполнувала најточно, зашто мислела дека сето тоа е најугодно за Пресвета Богородица. Таа си замислувала дека овој устав ја изразува волјата на Марија. Секој ден Еврозија размислувала за новата добродетел на својата Царица и се трудела да ја следи. Така годините кои ги поминала како Мариина девојка за неа биле меѓу најслатките во нејзиниот живот.

Меѓу молителките на Пресветата Причест

Еврозија две години била активна во редовите на Мариините девојки. Од ден на ден сè повеќе растела нејзината љубов кон Божјата Мајка. Таа секогаш била најточна во исполнувањето на религиските должности како католичка и сакана ќерка на Света Богородица. Но, од Небесната Мајка таа била насочена кон нејзиниот Син кон кого нејзината набожност секој ден станувала сè посилна.

Пресветата Евхаристија на олтарот се покажува како свет идеал на набожното добро девојче. Преку Марија се стремела кон Исуса, а преку Божјиот Син кон предвечниот Отец. Во 1880 година исповедникот на Еврозија и на нејзините сестри Христина и Наталија, преподобниот отец Роеро од Монтичели бил избран за каноник на црквата Тело Господово. Вредниот Божји слуга се чувствувал среќно, бидејќи можел целосно да му се посвети на Исуса во пресветата Евхаристија која посебно се почитувала во таа стара Црква. Неговиот духовен началник го назначува за директор на сестрите Клањателки, една заедница која си поставила за задача со цела посветеност да му служи на евхаристискиот Исус.

Како исповедник на трите набожни сестри, отец Роеро ги убедил да служат со посебна посветеност кон пресветата Причест. Неговите залагања дале изобилни плодови: на 8 декември 1880 година, празникот на Безгрешното Зачнување, Еврозија, Христина и Наталија се запишале како членки на заедницата Молителки на пресветата Евхаристија. Овој ден бил еден од најсреќните денови во животот на трите девојчиња. Тогаш Еврозија имала 21 година, Христина 16 години, а Наталија 14 години. Новите обожувателки на Исус во евхаристијата, биле многу благодарни на Пресветата Мајка, која толку ги приврзала кон Божествениот Младоженец. Ова посебно зближување со Исуса го извршило решавачкото влијание во понатамошниот живот на Еврозија и на нејзините две помали сестри. Само две години подоцна од овој незаборавен ден, Христина ќе му се посвети целосно на Небесниот Младоженец станувајќи сестра во редот на чесните сестри Сакраментинки во еден манастир во Торино.

И Наталија, најмалата од трите сестри, ќе остане во татковиот дом каде што ќе му служи на Бога како чесна сестра во својата куќа, целосно предадена на семејните грижи, давајќи одличен пример во околината, за да ги привлече и нив кон Небесниот Младоженец. Како членови на друштвото, Еврозија, Христина и Наталија се разликувале во својата набожност, кога имале можност да коленичат пред изложената света Евхаристија и да стојат како гардисти на Исуса во пресветата Тајна. Трите сестри зачувале трогателни спомени од првите години, кои ги поминале како членови на тоа друштво. Но, Еврозија како најстара давала пример за набожност. Наталија зачувала одлични спомени за нејзината постара сестра како молителка на пресветата Евхаристија: – Тогаш – кажува Наталија – пред светиот олтар, за Еврозија започна нов живот, посветен на Исуса во светата Причест. Црквата Тело Господово стана нејзино огниште. Беше пресреќна да присуствува на месечните беседи кои директорот, отец Роеро ги подготвуваше за членовите на друштвото. Еврозија блескаше од радост посебно во деновите кога беше облечена во белата облека на обожувателките, чекореше гордо и мислите ѝ беа насочени кон пресветата Причест, носена во набожните поворки. Таа коленичеше цела потоната во своите мисли за Небесниот Младоженец во деновите на 40-те часови обожување на Евхаристијата.

– Ах, колку мили за неа беа светите часови, да го обожува Царот Небесен. Сигурно во тие часови на религиски подем, Небесниот Младоженец својата активна молителка ја подготвувал за нејзината идна мисија. Тој ѝ дал храброст, да може херојски да го жртвува своето семејство, татковината и сè најмило, да може да оди во многу далечна земја за да му служи… Повеќе од пет години Еврозија водеше борба со себеси, страдаше и плачеше… На крајот, сите пречки беа совладани, таа се увери, дека таква е Божјата волја и кога на 3 феврувари 1888 година, замина за Македонија, нејзината мила насмевка на усните ѝ беше сведок дека со љубов реши да му служи на Исуса меѓу набожното македонско население.

Од книгата „Благородното дело на отец Јосиф Алоати и на сестра Еврозија Алоати“ од д-р Иван Драгов.

 

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот