Покрај духовните предавања и светата Исповед, владиката Стојанов во заедништво со свештениците Светата Литургија ја служеа за мир во Украина и светот.
Во понеделник 28 февруари 2022 година во просториите на Католичката црква „Свети Димитриј“ во Сарај се одржа духовна обнова за свештениците од Струмичко – скопската епархија, на која учество зеде и Н.В.П. монс. Киро Стојанов.
На духовната обнова присутните свештеници можеа да слушнат две духовни размислувања. Најпрво протојереј ставрофор о. Марјан Ристов зборуваше за стих од Евангелието според Лука: „Мислите ли дека тие Галилејци беа најгрешни од сите Галилејци, та така пострадаа?“(Лука 13,2), а потоа о. м-р Атанас Сирачев се осврна на библискиот текст од Лука 23,28: „Ќерки ерусалимски, не плачете за Мене, туку плачете за себе и за своите деца“.
По завршувањето на предавањето следуваше дискусија. Средбата продолжи со можност за света Исповед и света Литургија предводена од епископот Стојанов, а литургиската накана на сите беше за мир во Украина и светот.
Ватикан њуз/к.мк